За слободата (Џон Стјуарт Мил)
„За слободата“ (англиски: On Liberty) — философски есеј на Џон Стјуарт Мил, објавен во 1859 година. Есејот е посветен на починатата сопруга на авторот, која му давала несебична поддршка низ целото негово творештво.[1] Исто така, пред да го започне излагањето, Мил го наведува следниов цитат од делото „За делокругот и должностите на владата“ на Вилхелм Хумболт: „Крајна и највисока цел на секој човек е што повеќе и што поскладно да ги развие своите способности во нивните лични својства, а условите со кои ќе го постигне тоа се: слобода на работата и разновидност на положбата“.[2]
Содржина
уредиГлава прва: Вовед
уредиВо воведот Мил најпрвин наведува дека предмет на овој есеј не е слободната волја, туку слободата на поединецот во рамките на општеството, односно границите на власта над поединецот. Тој објаснува дека низ историјата борбата за слобода се сведувала на борба за ограничување на власта, а тоа се обезбедувало на два начина: со политички права и слободи и со уставни ограничувања на власта. Во продолжение, Мил предупредува дека контролата на власта е потребна и во демократските општества во кои власта му припаѓа на народот, зашто и во нив треба да се спречи тиранијата на мнозинството врз малцинските групи. Затоа, тој застанува во одбрана на правата на поединецот, а личната слобода може да се ограничи само за да се спречи штетата што им се нанесува на другите луѓе. Во спротивно, ако нечие однесување не влијае врз другите, тогаш тоа е само лична работа на поединецот, или, како што вели Мил: „Секој е сам свој господар над самиот себе, над своето тело, над својата душа.“ Во тој поглед, Мил предупредува дека сите дејствија чија цел е да зајакне општеството, а да се ослаби моќта на поединецот, е едно од најголемите зла во општеството.[3]
Глава втора: За слободата на мислењето и говорот
уредиСпоред Мил, столбовите на слободата се слободата на мислењето и на говорот кои се предмет на разработка во оваа глава. Тој го застапува ставот дека секој има право на слободно мислење, дури ако тоа е против јавното мислење, па дури и кога нечие мислење е погрешно. Според Мил, владата нема право да определува што е вистина, зашто таа нема монопол на вистината, па дури и таа може да биде носител на погрешни ставови. Така, историјата нè учи дека она што во одреден миг било општо мислење подоцна било отфрлено како погрешно, па дури и како бесмислено. Тој ги наведува познатите примери на Сократ и на Исус Христос, кои биле осудени на смрт токму од луѓето кои цврсто верувале во тогашното јавно мислење. Од друга страна, римскиот цар Марко Аврелиј е пример на мудар владетел кој остро го прогонувал христијанството, сметајќи го за невистинито и штетно, иако неговите философски ставови биле многу блиски на христијанските. Во продолжение, Мил истапува против верската нетолеранција и ги критикува тогашниет законски предлози за гонење на неверниците. Тој смета дека таквите закони само го попречуваат духовниот развој и откривањето на вистината. Во тој поглед, слободната размена на спротивните ставови и критичкото мислење се патот за да се дојде до вистината, зашто на тој начин се врши проверка на исправноста на јавното мислење и на туѓите заблуди. Со други зборови, општествените и моралните прашања треба да се претресат од сите страни, вклучувајќи ги и спротивните агрументи. Освен тоа, човекот не треба да се потпре само врз општоприфатеното мислење без да размислува самостојно и критички. Тоа се однесува и на христијанскиот морал, кој има и назадни елементи, а освен тоа, не е целосен и треба да се дополни со нехристијанските морални закони. На крајот од овој дел, Мил ги повторува четирите аргументи во прилог на слободата на мислењето и говорот:[4]
- мислењето кое се забранува може да биде вистинито
- дури и да е погрешно, спротивното мислење може да има еден дел вистина, имајќи предвид дека речиси никогаш јавното мислење не е целосно вистинито
- дури ако јавното мислење е целосно вистинито, повеќето луѓе ќе се придржуваат кон него од навика, без да ги знаат причините за него
- науката ќе дојде во опасност да ослаби, да ја изгуби животната сила и да стане гола и празна, ако не е постојано оспорувана од поинакви мислења
Глава трета: За личноста како основа на човечката благосостојба
уредиВо овој дел, Мил истакнува дека, по својата природа, човекот има желби и побуди и треба да настојува нив да ги искористи за добри дела. Притоа, човекот треба да ги развива своите побуди, зашто интензивните желби и побуди се израз на силна личност. Оттука, тој треба да постапува водејќи се од своите желби и во таа смисла го критикува калвинизмот, кој бара послушност од човекот. Наспроти тоа, Мил тврди дека човекот треба постојано да ги развива своите способности, зашто така ја развива личноста, а тоа им носи полза и на другите луѓе. Имено, малку луѓе во општеството се необично способни и надарени, така што тие никако не треба да се вметнат во некој калап, туку напротив, треба да им се овозможи да ги развијат своите способности, зашто тоа го движи општеството напред. Во демократските општества, власта им припаѓа на широките народни маси, а тоа неизбежно носи осредност. Токму поради тоа е потребна и корисна слободата на дејствувањето на надарените поединци. Но, оваа слобода се однесува и на просечните луѓе, кои природно се разликуваат меѓу себе и имаат различни вкусеви, потреби и желби, па поради тоа треба самостојно да се развиваат. Според него, општата јавност го кочи напредокот на општеството и секогаш се противи на посебноста и необичноста, настојувајќи да ги изедначи луѓето, а тоа води кон долгорочна стагнација на општеството. Во тој поглед, тој го посочува примерот на Кина, каде стремежот за изедначување предизвикал стагнација, а наспроти тоа, во Европа, токму различноста била причина на брзиот општествен развој.[5]
Глава четврта: За границата на власта на општеството над поединечниот човек
уредиОвде, Мил повторно го истакнува својот став дека единствено поединецот може да одлучува за својот личен живот, така што на власта ѝ останува да одлучува за општествените работи. Се разбира, општеството има право да воспостави правила со кои се регулираат односите меѓу луѓето и кои се задолжителни за поединците, т.е. секој има определени обврски кон општеството. Исто така, ако поединецот им прави штета на другите, општеството треба да го казни, судски и морално. Меѓутоа, општеството не треба да се меша во оние прашања кои се однесуваат само на поединецот. Притоа, ако некој човек се однесува лошо и само тој страда од таквите постапки, тогаш општеството може само морално да го осуди, да го избегнува или да покаже презир кон него, но не смее да му се меша во неговиот личен живот. Тоа значи дека општеството не смее да си го присвои правото да го поправа однесувањето на оној кој си наштетува само себеси. Во тој поглед, Мил тврди дека јавноста не смее да се меша во личните работи, зашто таа ги оценува поединците само според своите мерила и сфаќања, а тие не мора да бидат исправни и вистинити. Уште повеќе, тој предупредува на стремежот на општеството постојано да ги проширува границите на моралната полиција и грубо да навлегува во личните слободи. На крајот од овој дел, Мил ги илустрира своите погледи за границата на власта на примерите на продажбата на алкохолните пијалаци и на прогонувањето на мормоните.[6]
Глава петта: Примени
уредиНа почетокот на овој дел, Мил го повторува ставот дека поединецот воопшто не е одговорен пред општеството за работите што се однесуваат само на него. Поединецот е одговорен само за своите постапки со кои може да им нанесе штета на другите и тогаш општеството има право да го казни. Во продолжение, Мил расправа за слободата на трговијата, за слободната продожба на отровните материи и за организирањето на проституцијата и комарот. Единствено, тој го брани мешањето во приватниот живот на човекот со намера да се спречи ропството, дури и кога тоа е доброволно. Потоа, Мил ги разгледува прашањата поврзани со слободата на луѓето да истапат од веќе склучените договори и односи и за слободата во рамките на бракот и семејството, спротивставувајќи се на потчинувањето на жената и на децата. Во тој поглед, тој се залага за задолжително државно основно образование и за казнување на неодговорните родители кои не ги пуштаат децата на училиште. Исто така, тој дава совети како да се организира основното образование без државата да влијае врз формирањето на погледите на децата. Мил дава три забелешки против мешањето на државата во личниот живот на поединецот: прво, се спротивставува на мешањето на државата во економската активност која најдобро можат да ја извршат поединците; второ, смета дека владата не треба да се меша и во некои работи кои таа би ги извршувала поефикасно (месната самоуправа, задругите), но кои треба да им се препуштат на поединците со цел да стекнат искуство во општокорисните работи; трето, смета дека треба да се спречи ширењето на надлежностите на владата поради опасноста од претерано зајакнување на бирократијата и нејзино отуѓување од народот (како во царска Русија). На крајот од овој дел, Мил дава некои совети за воспоставувањето рамнотежа меѓу локалната самоуправа, централната извршна власт, законодавството и судството, иако нагласува дека ова е сложено прашање.[7]
Наводи
уреди- ↑ Džon Stjuart Mil, O Slobodi. Beograd: AKIA M. Princ, 2018, стр. 17.
- ↑ Džon Stjuart Mil, O Slobodi. Beograd: AKIA M. Princ, 2018, стр. 5.
- ↑ Džon Stjuart Mil, O Slobodi. Beograd: AKIA M. Princ, 2018, стр. 19-40.
- ↑ Džon Stjuart Mil, O Slobodi. Beograd: AKIA M. Princ, 2018, стр. 41-102.
- ↑ Džon Stjuart Mil, O Slobodi. Beograd: AKIA M. Princ, 2018, стр. 103-126.
- ↑ Džon Stjuart Mil, O Slobodi. Beograd: AKIA M. Princ, 2018, стр. 127-156.
- ↑ Džon Stjuart Mil, O Slobodi. Beograd: AKIA M. Princ, 2018, стр. 157-192.