Зајко Ангстром: Тетралогија
„Зајко Ангстрем: Тетралогија“ (англиски: Rabbit Angstrom: A Tetralogy) — низа од четири романи на американскиот писател Џон Апдајк во кој се следи животот на книжевниот лик Хари Ангстрем, наречен Зајко. Серијалот бил дефинитивно заклучен со новелата „Сеќавање на Зајко“ од 2000 година.[1]
Содржина
уредиТетралогијата се состои од следниве романи:[2]
- „Зајко, бегај“ (Rabbit, Run), 1960
- „Враќањето на Зајко“ (Rabbit Redux), 1971
- „Зајко е богат“ (Rabbit is Rich), 1981
- „Зајко се одмора“ (Rabbit at Rest), 1990
Осврт кон тетралогијата
уредиОсновната одлика на тетралогијата е тоа што се состои од романи кои се објавени на крајот на различни децении, а во нив се опишуваат општествените и политичките промени во САД кои се случиле во претходната деценија. Во едно интервју, Апдајк изјавил дека неговиот основен мотив бил да ги опише САД во втората половина на XX век. Притоа, секој роман е поставен во точно определен временски период со цел да се објаснат ставовите на главните ликови и нивните промени под влијание на општите вредности карактеристични за секоја деценија. Дејствието на првиот роман се одвива во 1959 година во времето кога американскиот стил на живот бил статичен, мирен и конформистички. Дејствието на вториот роман се одвива во 1969 година, кога во САД се појавиле бројни радикални движења во кои учествува и главниот јунак. Третиот роман зборува за новиот општествен статус на Зајко Ангстрем - неговите задоволства карактеристични за животот на високата средна класа, но и за главните тогашни проблеми, како: инфлацијата, проблематичниот син, страеењето. Дејствието на четвртиот роман се одвива во 1989 година и во неа се опишува пропаѓањето на Зајко, исполнето со калорични закуски, СИДА, зависноста од кокаинот и од телевизиските програми. Најпосле, новелата од 2000 година претставува епилог на целиот серијал, а таа е составена од сеќавањата и спомените на Зајко кои ги оптоваруваат неговите најблиски.[3]
Според критичарот Маршал Босвел, во тетралогијата за Зајко е присутен концептот на кјеркегоровската иронија (mastered irony) која ја дефинира како вистина што станала активна. Меѓутоа, во воведот кон тетралогијата, самиот Апдајк пишува дека за постанокот на Зајко Ангстрем многу повеќе влијаел Достоевски кого го читал како студент; според него, исто како човекот од подземјето, и Зајко е непоправлив.[4] Инаку, со два романа од оваа тетралогија Апдајк станал добитник на Пулицеровата награда: „Зајко е богат“ (1982) и „Зајко на починка“ (1990).[5]
Ликот на Зајко Ангстрем
уредиГлавниот лик во тетралогијата, Хари Ангстрем - Зајко е анализиран од голем број книжевни критичари. Од една страна, Зајко бил прекарот на Апдајк во детството, а тоа наведува на помислата дека ликот има автобиографски карактер. Од друга страна, се наведува дека како прототип на овој лик послужил школскиот другар на Апдајк, Џералд Потс (Gerald Gerry Potts), но во едно писмо упатено до Потс, Апдајк ја негирал оваа претпоставка. Во секој случај, ликот на Зајко има доста сличности со Апдајк (особено во првиот роман), но и многу разлики, кои се зголемуваат во натамошните романи од тетралогијата. Според некои критичари, името Хари Ангстрем упатува на „забрзано и загрижено момче“ (hurried and anxious youth), додека презимето се толкува на различни начини: физичката мерка ангстрем, како синоним на мерка на невидливото, но второто и поприфатливо толкување е дека презимето асоцира на „ангст“, т.е. егзистенцијалниот страв. Најпосле, може да се работи и само за случајна употреба на американизираната варијанта на едно често шведско презиме, во согласност со потеклото на овој лик (опишано во подоцнежните романи). Прекарот Зајко, пак, упатува на брзината, стравот, подвижноста, но и на сексуалната активност на главниот лик. Меѓутоа, постои и одредена блискост со Џорџ Бебит, ликот од романот на Синклер Луис, како и со ликот на Зајакот Петар Беатрис Потер, а тоа го потврдува и самиот Апдајк, кој во едно интервју објаснува дека во романот „Бегај, Зајко“ се појавува идејата за ликот на Зајакот Петар, иако во замаглена форма и дека приказната за овој лик му предизвикувала трауми во детството.[6]
Според едно толкување, ликот на Зајко Ангстрем е олицетворение на американскиот Адам - невин, осамен јунак кој се појавува „од никаде“ и кој е изложен на дејствувањето на непријателските сили. Во тој поглед, градината во која работи Зајко во првиот роман се толкува како Еденската градина на Америка, како местото во кое Зајко ги учи новите вредности: помирувањето на спротивностите и единството со природата, а поради тоа, оваа сцена има клучно место во структурата на првиот роман. Некои критичари, пак, го гледаат Зајко како емерсоновски јунак, неконформист кој сака да го пронајде она „нешто“ за кое верува дека постои надвор од видливиот свет. Ваквото толкување се поврзува со разните интелектуални влијанија на кои бил изложен Апдајк - лутеранизмот, философијата на Серен Кјеркегор, како и теологијата на Карл Барт и Паул Тилих. Впрочем, во првиот роман за Зајко се појавуваат бројни религиозни ликови и симболи, како: свештениците Еклс и Крупенбах; во првото бегство, Зајко се откажува од намерата да оди во Чрчтаун; собата на Рут гледа кон црквата; градината во која работи ја симболизира Еденската градина; потопувањето на бебето во кадата има врска со крштевањето на децата итн.[7]
Книжевните критичарки-феминистки остро го напаѓале ликот на Зајко поради неговата мизогиност. За разлика од нив, критичарката Мери О'Конел тврди дека во својата тетралогија Апдајк ги испитува општетсвените стереотипи поврзани со мажественоста, односно влијанието на американската идеологија на „екстремниот индивидуализам, конкуренцијата и расизмот“ врз формирањето на родниот идентитет на Зајко. Според неа, во романите за Зајко, Апдајк ја испитува општествената конструкција на машкиот род и така ги открива нејзините барања, забрани и ограничувања. Конкретно, таа тврди дека Апдајк ги анализира следниве аспекти на родниот идентитет: биолошкото влијание, моќната мајка, процесот на социјализација, стравот од жените, потрагата по моќ, отсутниот татко, економското влијание и систематската експлоатација на двата пола. Осврнувајќи се на различните можни толкувања кои произлегуваат од ваквата анализа, самиот Апдајк изјавил: „Нешто мора да остане неопределено. Не сакам она што го пишувам да биде појасно од самиот живот.“[8]
Наводи
уреди- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 355.
- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 355-356.
- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 355-357.
- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 365.
- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 377.
- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 357-359.
- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 359-362.
- ↑ Biljana Dojčinović, „Zeka Angstrom (opet) beži“, во: Džon Apdajk, Beži, Zeko, beži. Laguna, Beograd, 2018, стр. 374-375.