Живко Поповски
Живко Поповски (Скопје, 30 јули 1934 - Скопје, 10 јануари 2007) — македонски архитект и професор на Архитектонскиот факултет во Скопје. Најпознат е со своите дела: Градскиот трговски центар во Скопје, Домот на пензионерите во Охрид, реконструираниот Дом на културата „Григор Прличев“, исто така, во Охрид и др.[1]
Живко Поповски | ||
Роден | 30 јули 1934 Скопје | |
---|---|---|
Починал | 10 јануари 2007 Скопје, Македонија | |
Занимање | архитект и универзитетски професор |
Животопис
уредиПоповски е роден на 30 јули 1934 година во Скопје. Дипломирал на архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје со дипломскиот труд „Могила на македонските великани во скопското Градиште“, под менторство на проф. Борис Чипан). По дипломирањето се вработил во „Гранит“ како инженер-изведувач. Како талентиран архитект, во 1963 година бил примен за асистент на Архитектонскиот факултет, по предметот „Проектирање општествени згради“, каде што се истакнал во сферата на педагошката и научно-истражувачката дејност. Својата професионална кариера ја почнал со учество на повеќе анонимни архитектонски конкурси. До крајот на 1970-тите години учествувал на 23 конкурси на подрачјето на поранешна СФРЈ и во други земји, на кои освоил повеќе награди и признанија. Посебен успех забележал на конкурсот за Градскиот трговски центар во Скопје во 1967 година, кога неговиот труд го освоил првото место. Неговата академска и стручна наобразба се должи и на бројните студиски престоји, од кои највлијателен е студискиот престој во архитектонското биро на проф. Ван ден Брук и проф. Јакоб Бакема, Ротердам, Холандија, 1965, со кои тимски го работи меѓународниот урбанистичко-архитектонски конкурс за обнова на централното подрачје на Скопје. Од 1995 до 1999 година бил декан на Архитектонскиот факултет, кога и ја завршил својата кариера како редовен професор. Бил член, претседател и заслужен член на Сојузот на архитектите на Македонија.
Напишал многу студии, расправи и написи во стручни списанија и во дневниот печат. Тој даде посебен придонес во афирмацијата на нашата земја со своите текстови „Град кој беше во игра“, објавен во стручното списание на Сојузот на архитектите на Германија и со „Архитектурата во Македонија од почетокот до модерното доба“, отпечатен во 34-томната енциклопедија на „Уметнички речник“ од Лондон. Архитектот Живко Поповски е добитник на „Борбина плакета“ и на националната награда „11 Октомври“, за проектот за Градскиот трговски центар, како и наградата Андреја Дамјанов во 2002 година.
Починал по кратко боледување на 10 јануари 2007 година во Скопје.[2]
Наводи
уреди- ↑ „Живко Поповски 1934 - 2007, архитект“. Утрински Весник. 11 јануари 2007. Посетено на 2013-04-15.
- ↑ „Почина архитектот Живко Поповски“. Година: 7, Број:1969. Вест. 13 јануари 2007. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2013-04-15.