Фридрих Енгелс

(Пренасочено од Енгелс)

Фридрих Енгелс (германски: Friedrich Engels) (28 ноември 18205 август 1895) бил германски политички филозоф, историчар, општествен научник, социолог, новинар, деловен човек, комунистички револуционер и крупна фигура во европското социјалистичко движење во втората половина на 19 век. Неговиот татко бил сопственик на големи фабрики за текстил во Салфорд, Англија и Бармен, Прусија (сега Вупертал, Германија). Беше близок соработник на Карл Маркс, со кого соработуваше долги години. Заедно со Маркс го напиша Комунистичкиот манифест, а по смртта на Маркс ги редактира и издаде вториот и третиот том на Марксовиот „Капитал“.

Фридрих Енгелс
Енгелс во 1877, во Брајтон, од Вилијам Хол
Роден(а)28 ноември 1820
Бармен, Кралство Прусија
Починал(а)5 август 1895 (возраст 74)
Лондон, Англија
НационалностГерманско
Значајни дела„Положбата на работничката класа во Англија“, „Анти-Диринг“, „Социјализам: Утописки и научен“, „Германска идеологија“.
Периодфилозофија на 19 век
ПодрачјеЗападна филозофија
ШколаКонтинентална филозофија, марксизам, дијалектички материјализам, историски материјализам.
Претежна дејност
политичка филозофија, класна борба, критика на капитализмот
Значајни идеи
отуѓување, експлоатација на работникот, дијалектички материјализам
Потпис

Енгелс ја разви она што сега е познато како марксистичка теорија заедно со Карл Маркс и во 1845 година ја објави книгата „Положбата на работничката класа во Англија“, заснована врз лични набљудувања и истражувања во англиските градови. Во 1848 година, Енгелс беше соавтор на Комунистичкиот манифест со Маркс и исто така е автор и соавтор (првенствено со Маркс) и на многу други дела. Подоцна, Енгелс финансиски го издржувал Маркс, овозможувајќи му да ја истражува политичката економија на капитализмот и да го напише својот магнум опус Das Kapital. По смртта на Маркс, Енгелс ги уредувал вториот и третиот том на Das Kapital. Покрај тоа, Енгелс ги организираше Марксовите ракописи за теориите за вишок на вредност, кои подоцна беа објавени како „четврти том“ на Das Kapital. Во 1884 година, тој ja објави книгата „Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата“ врз основа на етнографското истражување на Маркс.

Енгелс почина во Лондон на 5 август 1895 година, на 74-годишна возраст од карцином на грлото и по кремирањето, неговата пепел е расфрлана од белиот 'рт Бичи-Хед, во близина на Истборн.

Животопис

уреди

Млади години

уреди

Фридрих Енгелс е роден на 28 ноември 1820 година во Бармен, провинција Рајна, Прусија (сега Вупертал, Германија) како најстар син на Фридрих Енгелс (1796–1860) и од Елизабета „Елиса“ Франзиска Мауриција фон Хаар (1797–1873). Богатото семејство Енгелс поседувало големи фабрики за текстил од памук во Бармен и Салфорд. Родителите на Фридрих биле посветени пијетистички протестанти и тие ги одгледале своите деца соодветно на оваа вероисповед.

На 13-годишна возраст, Енгелс посетувал гимназија во соседниот град Елберфелд, но морал да замине на 17 години, поради притисок од страна на неговиот татко, кој сакал тој да стане стопанственик и да започне со работа како трговски чирак во семејната фирма. После една година во Бармен, младиот Енгелс во 1838 година бил испратен од страна на неговиот татко да започне со школување во трговска куќа во Бремен. Неговите родители очекувале дека тој ќе го следи неговиот татко во кариера во семејниот бизнис. Револуционерните активности на нивниот син ги разочарале. Ќе поминат неколку години пред тој да се приклучи на семејната фирма.

Додека бил во Бремен, Енгелс започнал да ја чита филозофијата на Хегел, чии учења доминираа во германската филозофија во тоа време. Во септември 1838 година го објавил своето прво дело, поема под наслов „Бедуинот“, во Bremisches Conversationsblatt бр. 40. Тој исто така се занимавал со други книжевни дела и започнал да пишува статии во весници, критикувајќи ги општествените зла на индустријализацијата. Тој пишувал под псевдонимот „Фридрих Освалд“ за да избегне поврзување на семејството со неговите провокативни списи.

Во 1841 година, Енгелс ја извршувал својата воена служба во Пруската армија како припадник на Garde-Artillerie-Brigade. Отслужувајќи во Берлин, тој присуствувал на универзитетски предавања на Универзитетот во Берлин и почнал да се дружи со група на младо-хегелијанци. Тој анонимно објавил статии во Рајниш Цајтунг, изложувајќи ги лошите услови за работа и живот што ги трпеле фабричките работници. Уредник на Рајниш Цајтунг бил Карл Маркс, но Енгелс нема да се сретне со Маркс до крајот на ноември 1842 година. Енгелс го признал влијанието на германската филозофија врз својот интелектуален развој во текот на својата кариера. Тој исто така напишал: „За да извлечете максимум од животот, вие мора да бидете активни, мора да живеете и мора да имате храброст да го вкусите возбудувањето од младоста...“ (1840).

Енгелс развил атеистички убедувања и неговата врска со неговите родители станала напната.

Манчестер и Салфорд

уреди

Во 1842 година, неговите родители го испратиле 22-годишниот Енгелс во Манчестер, Англија, производствен центар каде индустријализацијата се засилувала. Тој требал да работи во Вист, Салфорд во канцелариите на вабриката Викторија на Ермен и Енгелс, каде се изработувале конци за шиење. Таткото на Енгелс верувал дека работењето во фирмата во Манчестер може да го натера неговиот син да преиспита некои од своите радикални идеи. На пат кон Манчестер, Енгелс ја посетил канцеларијата на Рајниш Цајтунг во Келн и за прв пат се запознал со Карл Маркс. Тие не беа импресионирани еден од друг. Маркс погрешно помислил дека Енгелс сè уште е поврзан со берлинските младо-хегелијанци, со кои Маркс штотуку ги прекинал врските.

Во Манчестер, Енгелс се запознал со Мери Брнс, жестока млада Иркиња со радикални идеи која работела во фабриката Енгелс. Тие започнале врска што траела 20 години до нејзината смрт во 1863 година. Двајцата не стапиле во брак, бидејќи и двајцата биле против институцијата брак. Иако Енгелс ја сметаше стабилната моногамија како доблест, тој ја сметаше сегашниот државно и црковно регулиран брак како форма на класно угнетување. Брнс го водела Енгелс низ Манчестер и Салфорд, покажувајќи му ги најлошите области за неговото социолошко истражување.

Додека бил во Манчестер помеѓу октомври и ноември 1843 година, Енгелс ја напишал својот прв економски труд, под наслов „Краток преглед на критиката на политичката економија.“ Енгелс ја испратил статијата во Париз, каде што Маркс ја објавил во Deutsch–Französische Jahrbücher во 1844 година.

Додека детално ги набљудувал сиромашните квартови во Манчестер, Енгелс напишал прибелешки за тамошните ужаси, особено детскиот труд, опустошената животна средина и преуморните и сиромашни работници. Тој испратил трилогија на статии до Маркс. Овие беа објавени во Рајниш Цајтунг, а потоа и во Deutsch–Französische Jahrbücher, каде се евидентирани условите меѓу работничката класа во Манчестер. Тој подоцна ги собрал овие написи за неговата влијателна прва книга „Положбата на работничката класа во Англија“ (1845). Напишана помеѓу септември 1844 и март 1845 година, книгата е објавена на германски јазик во 1845 година. Во книгата, Енгелс ја опиша „мрачната иднина на капитализмот и индустриската ера“, забележувајќи ги деталите за нечистотијата во која живееле работниците. Книгата е објавена на англиски јазик во 1887 година. Архивските ресурси од времето на престојот на Енгелс во Манчестер, фрлија светло врз некои од условите што тој ги опишува, вклучувајќи еден ракопис (МММ/10/1) чуван во специјалните збирки на Универзитетот во Манчестер. Овој ракопис раскажува за случаите забележани во манчестерската кралска болница каде доминирале индустриските несреќи и кои се усогласуваат со коментарите на Енгелс за осакатените лица кои можеле да бидат видени како шетаат низ Манчестер како резултат на вакви несреќи.

„Кога еден човек му нанесува на друг телесна повреда што резултира со смрт на повредениот, тогаш ние го нарекуваме тоа убиство; а ако убиецот однапред знаел дека повредата ќе биде смртносна, тогаш ние го нарекуваме тоа убиство со умисла. Но, кога општеството* става стотици работници во една таква положба што тие неизбежно мора да умрат од прерана и неприродна смрт, исто така насилна како и смрт од меч или куршум; кога тоа општество лишава илјадници луѓе од најнужните животни услови, кога ги става во услови во кои тие не можат да живеат; кога со силата на законот ги присилува во тие услови да останат до смрт, која мора да настапи како последица на тие услови; и кога тоа општество знае, многу добро знае, дека тие илјадници работници мора да паднат како жртви на тие услови, па сепак не ги менува тие услови – тогаш тоа е исто така убиство со умисла како и она убиство кое е извршено од поединец, само што ова убиство е скриено, подмолно, убиство од кое никој не може да се одбрани, кое не личи на какво било убиство, бидејќи никој не може да го види убиецот, бидејќи убиецот е сите и никој, бидејќи смртта на жртвата изгледа како природна смрт, бидејќи делото е направено повеќе од пропуст отколку со наредба. Но, сепак, тоа е убиство.

  • Кога овде, како и на други места, зборувам за општеството како одговорна целина која има свои права и должности, тогаш се подразбира дека мислам на општествената моќ, на онаа класа, значи, која денес поседува политичка и социјална власт, а со тоа сноси и одговорност за положбата на оние на кои не им дава никакво учество во власта. Таа владејачка класа во Англија, како и во сите други цивилизирани земји, е буржоазијата...“[1]

Енгелс ја продолжил својата ангажираност во радикалното новинарство и политика. Тој честопати ги користел областите популарни меѓу членовите на англиските синдикални и чартистички движења, со кои се запознал. Тој исто така пишувал за неколку списанија, вклучувајќи ги Северната ѕвезда, Новиот морален свет на Роберт Овен и весникот Демократски преглед.

Париз

уреди
 
Познатата младешка фотографија на Фридрих Енгелс, за која се тврди дека го покажува на 25 години во 1845 година, или на 20 години во 1840 година, или „во дваесеттите години“.

Енгелс решил да се врати во Германија во 1844 година. Пропатно, тој застанал во Париз за да се сретне со Карл Маркс, со кого имал порано дописи. Маркс живеел во Париз од крајот на октомври 1843 година, откако Рајниш Цајтунг бил забранет во март 1843 година од страна на пруските владини власти. Пред да се сретне со Маркс, Енгелс бил оформен како целосно развиен материјалист и научен социјалист, независен од филозофскиот развој на Маркс.

Во Париз, Маркс го објавувал Deutsch–Französische Jahrbücher. Енгелс се запознал со Маркс по втор пат на Café de la Régence на Place du Palais, 28 август 1844 година. Двајцата станале блиски пријатели и останале така цел живот. Маркс ги прочитал и бил импресиониран од написите на Енгелс за „Положбата на работничката класа во Англија“ во кои напишал „Класа која ги носи сите неповолности на општествениот поредок без да ужива во неговите предности… Кој може да бара таква класа да го почитува овој општествен поредок?“ Маркс ја усвоил идејата на Енгелс дека работничката класа ќе ја предводи револуцијата против буржоазијата додека општеството напредувало кон социјализам и ја вметнал оваа идеја како дел од својата филозофија.

Енгелс останал во Париз за да му помогне на Маркс да ја напише книгата „Светото семејство“. Тоа беше напад врз младо-Хегелијанците и браќата Бауер и книгата беше објавена кон крајот на февруари 1845 година. Најраниот придонес на Енгелс во творештвото на Маркс беше пишувањето за Deutsch–Französische Jahrbücher, уредувано од Маркс и Арнолд Руге, во Париз во 1844 година.

За ова време во Париз, Маркс и Енгелс го започнаа нивното поврзување со и потоа се приклучија на тајното револуционерно здружение наречено Сојуз на праведните. Сојузот на праведните беше формиран во 1837 година во Франција за промовирање на егалитарно општество преку соборување на постојните влади. Во 1839 година, Сојузот на праведните учествуваше во востанието од 1839 година, основано од францускиот утопистички револуционерен социјалист, Луј Август Бланки.

Како и да е, бидејќи Руге останал младо-Хегелијанец во своето верување, Маркс и Руге наскоро се разделиле и Руге го напуштил Deutsch–Französische Jahrbücher. Како и да е, по разделбата, Маркс останал доволно пријателски расположен со Руге, кој испратил предупредување до Руге на 15 јануари 1845 година дека полицијата во Париз ќе изврши налози за апсења против него, Маркс и други во Deutsch–Französische Jahrbücher која од сите побарала да го напуштат Париз во рок од 24 часа. Самиот Маркс бил протеран од Париз од француските власти на 3 февруари 1845 година и се населил во Брисел со својата сопруга и ќерка. Откако го напуштил Париз на 6 септември 1844 година, Енгелс се вратил во својот дом во Бармен, Германија, за да работи на својата книга „Положбата на работничката класа во Англија“, која била објавена кон крајот на мај 1845 година. Дури и пред објавувањето на својата книга, Енгелс се преселил во Брисел кон крајот на април 1845 година, за да соработува со Маркс на друга книга, „Германската идеологија“. Додека живеел во Бармен, Енгелс започнал да остварува контакти со социјалистите во Рајнската област за да собере пари за публицистичките напори на Маркс во Брисел. Сепак, овие контакти станаа поважни бидејќи Маркс и Енгелс започнаа со политичко организирање за Социјалдемократската работничка партија на Германија.

Брисел

уреди
 
La Maison du Cygne (Лебедовата гостилница), Брисел, каде што „Комунистичкиот манифест“ бил напишан.

Белгиската нација, основана во 1830 година, беше обдарена со еден од најлибералните устави во Европа и функционираше како засолниште за прогресивците од други земји. Од 1845 до 1848 година, Енгелс и Маркс живееле во Брисел, поминувајќи поголем дел од времето организирајќи ги германските работници во градот. Набргу по нивното пристигнување, тие го контактирале и се приклучиле на илегалниот германски Сојуз на комунисти. Сојузот на комунисти беше наследничка организација на стариот сојуз на праведните кој беше основан во 1837 година, но неодамна бил распуштен. Под влијание на Вилхелм Вајтлинг, Сојузот на комунисти беше меѓународно здружение на пролетерски револуционери со филијали во разни европски градови. Сојузот на комунисти имал контакти и со илегалната заговорничка организација на Луј Август Бланки. Многумина од тогашните пријатели на Маркс и Енгелс станале членови на Сојузот на комунисти. Старите пријатели како Георг Фридрих Хервег, кои работеа со Маркс на Рајнише Цајтунг, Хајнрих Хајне, славниот поет, младиот доктор по име Роланд Даниелс, Хајнрих Бургерс и Август Херман Евербек сите ги одржуваа своите контакти со Маркс и Енгелс во Брисел. Георг Верт, кој станал пријател на Енгелс во Англија во 1843 година, сега се населил во Брисел. Карл Валау и Стефан Борн (вистинско име Симон Бутермилих) беа двајцата германски имигрантски работници на машини за сложување кои се населиле во Брисел за да им помогнат на Маркс и Енгелс во нивната работа на Сојузот на комунисти. Маркс и Енгелс оствариле многу нови важни контакти преку Сојузот на комунисти. Еден од првите беше Вилхелм Волф, кој наскоро требаше да стане еден од најблиските соработници на Маркс и Енгелс. Други беа Јосиф Вејдемејер и Фердинанд Фрајлиграт, познат револуционерен поет. Додека повеќето соработници на Маркс и Енгелс беа германски имигранти кои живееле во Брисел, некои нивни нови соработници беа Белгијци. Филип Жиго, белгиски филозоф и Виктор Тедеско, адвокат од Лиеж, и двајцата се приклучија на Сојузот на комунисти. Јоахим Лелевел, истакнат полски историчар и учесник во полското востание од 1830-1831 година, исто така, беше чест соработник. Сојузот на комунисти им наложи на Маркс и Енгелс да напишат памфлет во кој ќе ги објаснат принципите на комунизмот. Ова стана Манифест на Комунистичката партија, попознат како Комунистичкиот манифест. Првпат беше објавен на 21 февруари 1848 година и завршува со светски познатата фраза: „Нека владејачките класи треперат од комунистичката револуција. Пролетаријатот нема што да изгуби, освен своите синџири. Работниците имаат да освојат цел свет... Работници од сите земји, обединете се!“

Мајката на Енгелс му напишала во писмото за нејзината загриженост, коментирајќи дека тој „навистина отишол предалеку“ и го „молела“ да „не оди понатака“. Таа продолжила:

Повеќе внимание посвети на други луѓе, на странци и не ги зеде предвид молбите на твојата мајка. Само Бог знае што доживеав и колку страдав. Се тресев кога го зедов весникот и видов во него дека е распишана потерница за апсење на мојот син.[2]

Враќање во Прусија

уреди

Избувнала револуција во Франција во 1848 година која наскоро се проширила и во другите Западноевропски земји. Овие настани ги натерале Енгелс и Маркс да се вратат во татковината Кралството Прусија, поточно во градот Келн. Додека живееле во Келн, тие го создале и работеле како уредници на новиот дневен весник наречен Neue Rheinische Zeitung. Покрај Маркс и Енгелс, други чести соработници на Neue Rheinische Zeitung беа Карл Шапер, Вилхелм Волф, Ернст Дронке, Питер Нотјунг, Хајнрих Бургерс, Фердинанд Волф и Карл Крамер. Мајката на Фридрих Енгелс, самата, била несвесен сведок за ефектот на Ноје Рајнише Цајтунг врз револуционерното востание во Келн во 1848 година, критикувајќи ја неговата вмешаност во востанието за којашто таа пишува во писмо од 5 декември 1848 година до Фридрих дека „никој, ниту самите ние, не се сомневаше дека состаноците на кои зборувавте ти ​​и твоите пријатели, а исто така и јазикот на (Neue) Rh.Z. во голема мера, беше причина за овие безредија.“[3]

Родителите на Енгелс се надевале дека младиот Фридрих „ќе одлучи да се посвети на активности, освен оние што ги тера во последните години и кои предизвикаа толку многу немири.“[3] Во овој момент, родителите на Фридрих ја полагале единствената надеж за својот син во тоа дека требал да емигрира во Америка и да го започне својот живот одново. Тие му кажале дека тој треба да го стори тоа или „ќе престане да прима пари од нас.“[3] Сепак, проблемот во односот меѓу Фридрих и неговите родители бил решен без Енгелс да мора да ја напушти Англија или да биде отсечен од финансиска помош од неговите родители. Во јули 1851 година, таткото на Фридрих Енгелс дошол да го посети во Манчестер, Англија. За време на посетата, неговиот татко се договорил Фридрих да се сретне со Питер Ермен од канцеларијата на Ермен и Енгелс, да се пресели во Ливерпул и да го преземе сам управувањето со канцеларијата во Манчестер.

Во 1849 година, Енгелс отпатувал за Кралството Баварија заради Германската револуција 1848-49, уште поопасно учество.

Започнувајќи со напис наречен „Унгарската борба“, напишана на 8 јануари 1849 година, самиот Енгелс започнал серија извештаи за Револуцијата и војната за независност на ново основаната Унгарска Република. Написите на Енгелс за Унгарската Република станале редовна одлика во Neue Rheinische Zeitung под наслов: „Од театарот на војната“.

Сепак, за време на јуни 1849 година, прускиот државен удар го затворил весникот. По пучот, Маркс го изгубил своето пруско државјанство, бил депортиран и избегал во Париз, а потоа во Лондон. Енгелс останал во Прусија и учествувал во вооружено востание во јужна Германија како аѓутант во волонтерскиот корпус на Август Вилих. Енгелс, исто така, со себе донел два сандаци со куршуми за пушки кога заминал да се приклучи на востанието во Елберфелд на 10 мај 1849 година. Подоцна, кога пруските трупи пристигнале во Кајзерслаутерн за да го задушат востанието таму, Енгелс се придружил на група доброволци под команда на Август Вилих, кои заминале да се борат со пруските трупи. Кога востанието пропаднало, Енгелс бил еден од последните членови на доброволците на Вилих кој избегал со преминување на границата со Швајцарија. Маркс и другите се загрижиле за животот на Енгелс сè додека конечно не слушнале од самиот него.

Енгелс патувал низ Швајцарија како бегалец и на крајот стигнал на безбедност во Англија. На 6 јуни 1849 година, пруските власти издале потерница за Енгелс, во кој имало физички опис како „висина: 168 сантиметри; коса: руса, чело: мазно; веѓи: руси; очи: сини; нос и уста: добро пропорционални; брада: црвеникава; брада: овална; лице: овално; тен: здрав; фигура: витка. Посебни одлики: зборува многу брзо и е кратковид.“ Што се однесува до својата „кратковидост“, Енгелс признал во писмо напишано до Јосиф Вејдемејер на 19 јуни 1851 година во кое тој вели дека не бил загрижен затоа што бил избран за пруската војска заради „мојот очен проблем, за којшто сега дознав дека еднаш засекогаш ме прави потполно непогоден за активна служба од секаков вид.”[4] Откако бил безбеден во Швајцарија, Енгелс започнал да ги запишува сите свои спомени од неодамнешниот воен поход против Прусите. Ова пишување на крајот станало статија објавена под името „Походот за германскиот империјален устав“.

Назад во Британија

уреди
 
Енгелсовата куќа во Primrose Hill, Лондон

За да му помогне на Маркс со новите публицистички напори во Лондон, Neue Rheinische Zeitung Politisch-ökonomische Revuе, Енгелс барал начини да го избегне континентот и да стигне до Лондон. На 5 октомври 1849 година, Енгелс пристигнал во италијанскиот пристаништен град Џенова. Таму, Енгелс резервирал премин на англискиот едреник, Cornish Diamond под команда на капетанот Стивенс. Патувањето низ западниот Медитеран, околу Иберскиот Полуостров со пловење на едреник траело околу пет недели. Конечно, на 10 ноември 1849 г. Cornish Diamond се укотвил во реката Темза во Лондон со Енгелс на бродот.

По неговото враќање во Велика Британија, Енгелс повторно се вработил во компанијата Манчестер во која неговиот татко имал акции со цел да го поддржи Маркс финансиски додека работел на Das Kapital.

За разлика од неговиот прв период во Англија (1843), Енгелс сега бил под полициски надзор. Тој имал „службени“ домови и „неофицијални домови“ низ целиот Салфорд, Вист и други области во градот Манчестер каде живеел со Мери Брнс под лажни имиња за да ја збуни полицијата. Малку повеќе е познато, дека Енгелс уништил над 1500 писма меѓу него и Маркс по смртта на вториот, за да ги прикрие деталите за нивниот таен начин на живот.

И покрај неговата работа во фабриката, Енгелс нашол време да напише книга за Мартин Лутер, протестантската реформација и револуционерната војна на селаните во 1525 година, насловена како „Селанската војна во Германија“. Енгелс исто така напишал голем број написи за весниците, меѓу кои и „Кампањата за германскиот империјален устав“ што тој го завршил во февруари 1850 година, и „За слоганот за укинување на државата и германските „Пријатели на анархијата“, напишани во октомври 1850 година. Во април 1851 година, тој го напишал памфлетот „Услови и перспективи за војна на светата алијанса против Франција“.

Маркс и Енгелс го осудиле Луј Бонапарт кога, на 2 декември 1851 година, тој извршил пуч против француската влада и се прогласил себеси за доживотен претседател. Во осудата на оваа акција, Енгелс му пишал на Маркс на 3 декември 1851 година, опишувајќи го пучот како „комичен“ и го поврзал со настанот што се случил на „18-ти Бример“ - датумот на пучот на Наполеон I од 1799 година, според Францускиот републикански календар. Подоцна Маркс ја вклучил оваа комично иронична карактеризација на пучот на Луј Бонапарт во неговиот есеј за пучот. Навистина, Маркс дури го нарекол есејот Осумнаесеттиот бример на Луј Бонапарт повторно користејќи ја предложената карактеризација на Енгелс. Маркс, исто така, ја позајмил од Енгелс карактеризацијата на Хегеловата идеја за Светскиот дух (Geist) дека историјата се случила двапати, „еднаш како трагедија и вторпaт како фарса“ во првиот пасус од својот нов есеј.

Во меѓувреме, во фабриката во сопственост на неговиот татко во Манчестер, Енгелс започнал да работи како службеник, истата позиција што ја имал во своите тинејџерски години додека бил во Германија, каде што се наоѓала компанијата на неговиот татко. Како и да е, Фридрих работел сè за да стане партнер на фирмата во 1864 година. Пет години подоцна, Енгелс се повлекол од бизнисот и можел да се фокусира повеќе на своите истражувања. Во тоа време, Маркс живеел во Лондон, но тие биле во можност да ги разменуваат своите размислувања преку дневна преписка. Една од идеите за којашто Енгелс и Маркс размислуваа беше можноста и карактерот на потенцијална револуција во Русија. Уште во април 1853 година, Енгелс и Маркс предвидоа „аристократско-буржоаска револуција во Русија која ќе започне во Св. Петроград со последователна граѓанска војна во внатрешноста.” Моделот за овој вид аристократско-буржоаска револуција во Русија против автократската царска влада во корист на уставна влада го овозможи Декемврискиот револт од 1825 година. Иако неуспешен револт против царската влада во корист на уставна влада, и Енгелс и Маркс предвидуваа дека ќе се случи буржоаска револуција во Русија што ќе донесе буржоаска фаза во рускиот развој која ќе му претходи на комунистичката фаза. До 1881 година, и Маркс и Енгелс започнале да размислуваат за развоен курс во Русија што би водел директно во комунистичка фаза без посредувачката буржоаска фаза. Оваа анализа се засновала на она што Маркс и Енгелс го сметале за исклучителни одлики на руската селска комуна или обшина. Иако сомневање било изразено кон оваа теорија од Георги Плеханов, расудувањето на Плеханов се засновало на првото издание на Das Kapital (1867), кое му претходеше на Марксовото интересирање за руските селски комуни за две години. Подоцнежните изданија на текстот ја демонстрираат симпатијата на Маркс за аргументот на Николај Чернишевски, дека треба да се воспостави социјализам во Русија без посредничка буржоаска фаза под услов селанската комуна да се користи како основа за транзицијата.

Во 1870 година, Енгелс се пресели во Лондон, каде што живеел заедно со Маркс, сè до смртта на Маркс во 1883 година. Домот на Енгелс во Лондон од 1870–1894 година бил на 122 Regent's Park Road. Во октомври 1894 година, тој се преселил на 41 Road Regent's Road, Primrose Hill, NW1, каде починал следната година.

Првата резиденција на Маркс во Лондон бил мал стан на улицата Дин Стрит, Сохо. Од 1856 година, тој живеел на 9 Grafton Terrace, Кентиш Таун, а потоа и во стан на 41 Maitland Park Road во Белсајз Парк од 1875 година до неговата смрт во март 1883 година.

Мери Брнс одеднаш починала од срцево заболување во 1863 година, по што Енгелс се зближил со нејзината помлада сестра Лидија („Лизи“). Тие живееле отворено како пар во Лондон и се венчале на 11 септември 1878 година, неколку часа пред смртта на Лизи.

Стари години

уреди

По смртта на Маркс, Енгелс посветил голем дел од преостанатите години на уредување на недовршените томови на Марксовиот Das Kapital. Сепак, тој значително придонел и во други области. Енгелс дал аргументи користејќи антрополошки докази од тоа време, за да покаже дека семејните структури се менувале низ историјата и дека концептот за моногамен брак потекнува од неопходноста во класното општество мажите да ги контролираат жените за да осигурат дека нивните деца ќе го наследат нивниот имот. Тој тврди дека идното комунистичко општество ќе им овозможи на луѓето да донесуваат одлуки за своите односи без економски ограничувања. Еден од најдобрите примери на размислувањата на Енгелс за овие теми се во неговото дело Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата.

Фридрих Енгелс починал од рак на грлото во Лондон на 5 август 1895 година, на 74-годишна возраст. По кремирањето во креаториумот во Вокинг, неговата пепел била расфрлана од белиот 'рт Бичи-Хед, во близина на Истбурн, како што тој барал. Тој оставил значителен имот, вреден 25 265 фунти што е еквивалентно на 2 939 827 фунти во 2019 година.

Творештво

уреди

Негови позначајни дела се:

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди
  1. Karl Marx - Friedrich Engels (1968). Dela, četvrti tom. Beograd: Prosveta. стр. 183.
  2. Писмото на Елизабет Енгелс до Фридрих Енгелс содржано во бр. 6 од Додатокот во Собраните дела на Карл Маркс и Фридрих Енгелс: Том 38. (International Publishers: New York, 1982). стр. 540–541.
  3. 3,0 3,1 3,2 Писмото на Елизабет Енгелс до Фридрих Енгелс содржано во бр. 8 од Додатокот во Собраните дела на Карл Маркс и Фридрих Енгелс: Том 38. стр. 543.
  4. Писмо на Фридрих Енгелс содржано во бр. 183 од Собраните дела на Карл Маркс и Фридрих Енгелс: Том 38. стр. 370.