Лудвиг Фојербах и крајот на германската класична филозофија

„Лудвиг Фојербах и крајот на класичната германска филозофија“ (германски: Ludwig Feuerbach und der Ausgang der klassischen deutschen Philosophie) — филозофско дело на Фридрих Енгелс од 1886 година.

Историја на делото

уреди

Делото е напишано во 1886 година, а истата година било објавено во теориското списание на германските социјалдемократи, „Ново време“ (Die neue Zeit). Како посебна книга било објавено во 1888 година, а првото германско издание го подготвил самиот Енгелс. Притоа, како додаток на ова издание, Енгелс во книгата ги вклучил и Марксовите „Тези за Фојербах“ кои ги пронашол во наследството на Маркс.[1] Во предговорот кон германското издание (напишан во Лондон, на 21 февруари 1888 гофина), Енгелс го објаснува настанувањето на делото: Уште во 1845-1846 година, во Брисел, тој и Маркс се договориле „да ја разработат спротивноста меѓу нивното материјалистичко сфаќање на историјата и идеолошкото сфаќање на германската филозофија, всушност, да се пресметаат со својата некогашна филозофска совест.“ Таа намера ја оствариле во двотомната критика на германската филозофија во периодот по Хегел, но иако ракописот бил даден за печатење, сепак печатарот ги известил дека не може да биде испечатен „поради изменетите околности“. Дури по повеќе од од 40 години, Енгелс повторно се навратил на таа тема со двојна цел — да го искаже нивнито однос кон Хегеловата филозофија и да му се оддолжат на Лудвиг Фојербах, кој извршил исклучително големо влијание врз нив. Оттука, на повик на редакцијата на списанието „Ново време“, Енгелс напишал критички осврт врз книгата на Штарке за Фојербах, кој бил објавен во 4. и 5. број на списанието за 1886 година, а подоцна тоа дело се појавило како посебна книга. При подготовката на книгата, Енгелс повторно се навратил на стариот ракопис од 1845-1846 и открил дека делот за Фојербах не бил довршен. Истовремено, во една стара Марксова тетратка тој пронашол 11 тези (недовршени белешки) за учењето на Фојербах, напишани од Маркс, но кои никогаш не биле наменети за печатење. Поради нивната важност во разработката на материјалистичката филозофија, Енгелс одлучил нив да ги вклучи како додаток во својата книга за Фојербах.[2]

Содржина

уреди

Делото се состои од четири дела:

  • Во првиот дел се опишуваат најважните одлики на Хегеловото сфаќање на историскиот развој, а потоа е даден краток приказ на натамошниот развој на Хегеловата филозофија, со осврт врз појавата на младохегелијанците и врз значењето на делото на Фојербах, „Суштината на христијанството“.[3]
  • Вториот дел започнува со дискусија за разликите меѓу идеализмот и материјализмот во врска со основното прашање во филозофијата — односот меѓу мислењето и битието и способноста на мислењето да го спознае стварниот свет. Во тие рамки е даден приказ на развојот на филозофските погледи на Фојербах и неговиот премин од хегелијанството кон материјализмот. Притоа, Енгелс го оправдува Фојербаховото делумно прифаќање на вулгарниот метеријализам и го брани од обвинувањата за идеализам изнесени во книгата на Штарке.[4]
  • Во третиот дел, Енгелс најпрвин дава критички осврт врз сфаќањата на Фојербах за религијата, а потоа ја критикува и Фојербаховата етика.[5]
  • Во четвртиот дел, Енгелс најпрвин го опишува раѓањето на историскиот материјализам како едно од учењата кои се темелат врз Хегеловиот дијалектички метод, а потоа го истакнува придонесот на природните науки за развојот на дијалектичкиот материјализам. Во продолжение, Енгелс дава осврт врз материјалистичкото сфаќање на историскиот развој, раѓањето на буржоазијата и на работничката класа, класната борба, развојот на правото, државата, идеологијата и религијата.[6]
  • Поради пресудниот придонес на Маркс за развојот на историскиот материјализам, како додаток кон своето дело, Енгелс ги приложува Марксовите 11 тези за Фојербах, напишани во Брисел, пролетта 1845 година. Во нив, Маркс го критикува дотогашниот материјализам, вклучувајќи го и оној на Фојербах, кој ја занемарува улогата на човекот во менувањето на стварноста. Притоа, Маркс го критикува Фојербах кој религиозната суштина ја сведува на човековата суштина и не сфаќа дека религијата е општетсвен производ. Во таа смисла, Маркс истакнува дека новиот материјализам го става нагласокот врз човековата страна на општеството, а во последната теза Маркс го искажува својто познат став дека „филозофите само различно го толкувале светот, а се работи за тоа дека тој треба да се промени.“[7]

Изданија на македонски јазик

уреди

Делото било првпат објавено на македонски јазик во 1948 година, како издание на „Култура“, со наслов „Лудвиг Фоербах и крај на класичната немска филозофија“. Преводот го извршил Тодор Димитровски според рускиот превод на Г. В. Плеханов (изданието на Огиз, Москва, 1945) а со помош на српското издание на „Култура“, Београд од 1947 година. Притоа, и ова издание, како додаток, ги содржи Марксовите тези за Фојербах, а регистерот на имињата и забелешките се направени според српскиот превод. Книгата има 86 страници, а била испечатена во печатницата „Култура“ во Скопје.[8]

Наводи

уреди
  1. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 5.
  2. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 7-8.
  3. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 9-18.
  4. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 19-29.
  5. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 30-38.
  6. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 39-57.
  7. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фојербах и крај класичне немачке филозофије. Култура: Београд, 1947, стр. 59-62.
  8. Фридрих Енгелс, Лудвиг Фоербах и крај на класичната немска филозофија. Култура, Скопје, 1948.