Елијаху Бен-Шаул Коен (26 декември 1924 – 18 мај 1965), попознат како Ели Коен — израелски разузнавач, агент на Мосад. Тој се смета за национален херој во Израел. Коен е познат по својата разузнавачка работа од 1961 до 1965 година во Сирија, каде тесно соработувал со воени и политички личности и успеал да стане генерален секретар на Министерство за одбрана на Сирија.

Ели Коен
Роден Елијаху Бен-Шаул Коен
26 декември 1924 г.
Александрија, Египет
Починал 18 мај 1965 г.
Дамаск, Сирија

Во 1965 година, контраразузнавачките служби во Сирија дознале за вистинското лице на Ели Коен. Поради неговите постапки, сириските власти го осудиле Коен на смрт. И покрај реакциите на меѓународната заедница, Ели Коен бил обесен на Плоштадот на мачениците во Дамаск на 18 мај 1965 година. Разузнавачките податоци што Коен ги собрал и ги испратил до Израел пред неговото апсење, одиграле клучна улога во успехот на Израел во Шестдневната војна.

Животопис

уреди

Рани години

уреди

Роден е на 26 декември 1924 година во еврејско семејство во Александрија. Во јануари 1947 година започнал со воена служба во египетската армија како алтернатива на пропишаната сума којашто Евреите требало да ја плаќаат на државата, но бил прогласен за неподобен врз основа на сомнителна лојалност. Следната година го напуштил универзитетот поради малтретирање од страна на египетското Муслиманско братство и продолжил со домашно образование.

Неговите родители и тројцата браќа заминале за Израел во 1949 година по формирањето на еврејската држава,но Коен останал во Египет да студира електроника, но и да координира ционистички активности. Во 1951 година во Египет бил организиран воен удар, за кој биле обвинети ционистите. Познат како таков активист, Коен бил уапсен и испрашуван од тамошните власти.[1] Откако започнала Суецката криза, властите почнале да ги прогонуваат Евреите од Египет. Во такви околности, Коен бил принуден да го напушти Египет во декември 1956 година.[1]

Разузнавачка кариера

уреди

Во 1957 година, Коен се приклучил на Израелските одбранбени сили и работел во областа на воено разузнавање, каде што станал контраразузнавачки аналитичар. По одреден период ја напуштил својата работа и пробал да се вработи во Мосад, но тоа поминало безуспешно. Сепак, околу две години подоцна, генералниот директор на Мосад, Меир Амит, барајќи агент кој ќе може да се инфилтрира во владата на Сирија, наишол на името на Коен и одлучил да го регрутира. Во првите две недели Коен бил ставен под надзор при што бил оценет како способен за работата. Тогаш бил информиран дека Мосад има намера да го вработи и учествувал во шестмесечен курс. Во извештајот за неговото регрутирање се вели дека ги поседувал сите способности за да биде теренски агент.[2][3]

Сирија

уреди
 
Коен кај Голанската Висорамнина со поглед кон Израел, заедно со високи сириски воени функционери

Првата и единствена задача на Коен како агент на Мосад била во Сирија. Тој имал за цел да се инфилтрира меѓу сириските власти. Таквата мисија започнала во февруари 1962 година кога пристингал во Дамаск, Сирија. Лажниот идентитет со кој се претставувал Коен бил сириски стопанственик под името Камел Амин Табет (на арапски: كامل أمين ثابت), кој се вратил од Аргентина во својата родна земја Сирија. За да ја утврди својата маска, Коен живеел во Буенос Аирес во текот на 1961 година.[4][5]

Тактиките на Коен за градење на односи со сириските политичари, воени функционери и други важни јавни личности биле внимателно планирани од страна на Мосад. Во главно, ликот на Коен, Камел Табет имал навик да го поминува своето време во барови. Па така, во станот на Табет во Дамаск често се одржувале ноќни забави на кои присуствувале високи сириски функционери, кои таквите моменти ги користеле за да се опуштат конзумирајќи алкохол.[6]

Еден од најважните моменти во разузнавачката кариера на Ели Коен е неговата посета на Голанската Висорамнина, во која во тоа време бил забранет пристап на цивили бидејќи претставувала силно чувана воена област на Сирија. Како сочувство за војниците изложени на сонце, Коен овде успеал да исползува поставување на дрвја на секоја позиција. Израелската војска знаела за ова за време на Шестдневната војна и ги искористила дрвјата како точки за позициите зад кои се криеле сириски војници.[7]

Смрт

уреди

Во 1964 година, сириското разузнавање добило нов раководител, полковникот Ахмед Садини, кој немал доверба во своите колеги. Поради тоа, Коен бил исплашен дека може да биде откриен, и на тајна посета на Израел во ноември 1964 година побарал неговата мисија да биде прекината, но таквото барање било одбиено.[1] Претпоставките на Коен биле точни, и во јануари 1965 година, сириските власти започнале да работат на разоткривање на непријателите во своите кругови. Таквите напори на сириските власти биле успешни, и по откривање на радиоврска преку која Коен пренесувал информации на безбедносните служби во Израел, на 24 јануари 1965 година бил уапсен во неговиот стан во Сирија.

Ели Коен бил осуден на смрт поради шпионажа. Поради таквата казнена мерка, од Израел започнала меѓународна кампања за помилување, но истата била неуспешна иако добила поддршка од многу јавни личности меѓу кои и папата Павле VI. На 18 мај 1965 година, Коен јавно бил обесен од страна на сириските власти на Плоштадот Марижа во централниот дел на Дамаск. Неговата последна желба да се види со рабин била испочитувана и на патот кон плоштадот, Коен бил во придружба на Нисим Андабо, главниот рабин на Сирија.[2]

... Те замолувам моја мила Надија, не троши го своето време на плачење за нешто што поминало, сконцентрирај се на себеси и гледај напред кон подобра иднина!

— Последното писмо на Коен, напишано на 15 мај 1965 година до неговата сопруга.[1]

Приватен живот

уреди

Пред да започне со работа во Мосад, во периодот помеѓу 1958 и 1959 година работел како службеник за поднесување во агенција за осигурување во Тел Авив. Во 1959 година се оженил со Надија Мажалд, ирско-еврејска имигрантка и сестра на израелскиот автор Сами Мајкл. Заедно со Надија, Коен имал три деца, Софија, Ирит и Шаи. Нивната семејна куќа била во Бат Јам, крајбрежен град во близина на Тел Авив.[8]

Останки

уреди
 
Камен споменик посветен на Ели Коен во Ерусалим

Во ноември 1965 година, по неколку месеци од убиството на Коен, неговата жена Надија испратила писмо до тогашниот министер за одбрана на Сирија, Хафез ал-Асад во кое побарала прошка за чиновите на Коен, надевајќи се дека ќе ги добие посмртните останки на својот сопруг. Сепак тоа не се случило. Во февруари 2007 година, турски официјален извор потврдил дека владата на Турција е спремна да биде посредник во враќањето на останките на Коен на неговата фамилија.[9]

Во август 2008 година, поранешниот шеф на кабинетот на Хафез ал-Асад, Монтир Маозили, изјавил дека местото на гробот на Коен не е познато, тврдејќи дека тогашните власти го закопале телото на Коен трипати за да ги спречат израелските служби во враќање на неговите останки.[10]

Чествување

уреди

Денес, Коен се смета за национален херој во Израел. Многу улици и населби се именувани по него. Неговото име е испишано на камен-споменик во Градината на исчезнатите во Херцелската гора во Ерусалим, Израел. Во 1987 година бил продуциран филмот „Невозможниот шпион“ кој е заснован на неговиот живот.[11] Во 2019 година излегла „Шпионот“, телевизиска мини-серија, чија приказна се темели на животот на Коен.

Во јужниот дел на Голанската Висорамнина постои израелска населба наречена Ели-ад, во чест на Ели Коен.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Хронологија на Ели Коен
  2. 2,0 2,1 Thomas, Gordon: Gideon's Spies: The Secret History of the Mossad
  3. Јоси Кац, A Voice Called: Stories of Jewish Heroism, Ерусалим, 2010, стр. 111
  4. Ефраим Кахана, Historical Dictionary of Israeli Intelligence, 2006 г.
  5. Абрам Шмит, Silent warfare: Understanding the world of intelligence, 2002, стр. 14.
  6. Ели Коен, Еврејска виртуелна библиотека (англиски)
  7. Ијан Блек, Бени Морис, Israel's Secret Wars: A History of Israel's Intelligence Services, Њујорк, 2003, стр. 227.
  8. „Бескрајна агонија за легендарниот шпион Ели Коен и неговата вдовица“. Haaretz (англиски). 14 мај 2010. Посетено на 17 јануари 2018.
  9. „Дали израелскиот супер-шпион конечно ќе почива во мир?“. The First Post (англиски). 20 февруари 2007. Архивирано од изворникот на 2007-03-01. Посетено на 2018-01-16.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  10. „Поранешен помошник на Асад: Гробното место на Ели Коен е непознато“. YNet News (англиски). 30 август 2008. Посетено на 16 јануари 2018.
  11. The Impossible Spy IMDB.com

Надворешни врски

уреди