Елизабета Франкопанска
Елизабета Франкопанска (словенечки: Elizabeta Frankopanska, хрватски: Jelisava Frankopanka, унгарски: Frangepán Erzsébet, 1386–1422 или 1423) ― првата сопруга на Фридрих II Цељски, син и наследник на грофот Херман II, бан на Славонија. Поради нејзиниот брак, таа станала золва на унгарската кралица Барбара Цељска. Нејзиниот брак бил попречен од несогласувањата со нејзиниот сопруг, а во 1422 или 1423 година била пронајдена убиена во нејзиниот кревет.[1] Главен осомничен за убиството бил нејзиниот сопруг, кој подоцна се оженил со Вероника Десеничка, жена со скромно потекло.[2] Аферата ги влошила односите меѓу Куќите од Цеље и Франкопаните и довело до долготрајна расправија помеѓу вдовецот на Елизабета, Фридрих и нејзиниот братучед Иван Франкопански.[3] Во 19 и 20 век, судбината на Елизабета станала извор на многу книжевни и уметнички приспособувања во словенечката, хрватската и унгарската култура.
Елизабета Франкопанска | |
---|---|
Грофица на Цеље | |
Глумицата Марија Вера во улогата на Елизабета во претставата „Вероника Десеничка“ на Отон Жупанчич (1924 година) | |
Роден(а) | 1386 Модруш |
Починал(а) | 1422 Крапина |
Благородно семејство | Франкопани |
Сопружник(ци) | Фридрих II Цељски |
Деца | |
Татко | Стефан II Крчки |
Мајка | Катерина Карарска |
Вера | Римокатолик |
Ран живот и веридба
уредиЕлизабета е родена како ќерка на Стефан, господар на Крк, Модруш и Сењ во Хрватска, тогаш кралство во личен сојуз со Унгарија.[4] Нејзината мајка била Катерина Карарска, ќерка на Франческо, господарот на Падова.[5] Како единствено преживеано дете на Стефан, таа била „унапредена во син“ од кралот Карло II во 1386 година, и на тој начин и го доделил правото да ги наследи поседите на нејзиниот татко.[6]
Кога имала две години, била свршена за Фридрих, првородениот син на грофот Херман II Цељски, моќниот капетан (гувернер) на Крањска и братучед на кралицата Марија Унгарска, наследничката на Карло.[7] Нејзиниот татко издвоил мираз од 40.000 (или 32.000, според други извори) златни дукати, огромна сума за тоа време.[6][8][9] Дополнително, миразот вклучувал половина од островот Крк, градот Бакар и блиските тврдини Трсат, Брибир и Винодол.[7] Невообичаено големиот мираз може да се објасни како дел од спогодбата меѓу Стефан, неговиот брат Иван и Херман од Цеље за поделбата на земјата на Стефан по неговата смрт.
Кога Стефан умрел во 1390 година, Елизабета била под покровителство на нејзиниот вујко Иван V Франкопански, додека нејзината мајка била принудена на егзил во Виндската Марка, упориште на династијата од Цеље.[9] Преговорите околу бракот на Елизабета на тој начин станале долготрајни, бидејќи било јасно дека нејзиниот вујко се обидувал да ја намали ветената сума и да задржи повеќе од наследството на неговиот покоен брат за себе. Конечно, првичната сума пари била намалена на половина, но Елизабета требало да го добие имотот Стеничњак во Славонија, со стратешки важниот замок Скрад.[10]
Елизабета се омажила за грофовската куќата од Цеље околу 1405 година, веројатно во еден од имотите на Цеље во Крањска.[11] Грофот Херман на младата двојка им ги подарил замоците Самобор, Костањевица, Ново Место, Мехово и Кршко, каде што тие се населиле.[12]
Проблематичен брак и смрт
уредиЕлизабета и Фридрих имале два сина, Улрих II, гроф на Цеље и Фридрих III; вториот умрел како дете, додека првиот останал единствен наследник на неговиот дедо.[13] Се чини дека бракот бил несреќен, бидејќи сопружниците живееле одвоено од најрано 1414 година до крај.[14][15] Ситуацијата се влошила до тој степен што свекорот на Елизабета, Херман интервенирал во обид да ги помири сопружниците. Во 1422 година (или 1423 година, според други извори), Елизабета и Фридрих се сретнале во семејниот замок во Крапина, во славонската жупанија Загорје.[16] Меѓутоа, наместо помирување, Елизабета била пронајдена убиена во нејзините одаи.[17]
Последици
уредиНабргу по смртта на Елизабета, во Славонија и пошироко се проширила гласината дека ја убил нејзиниот сопруг, како што сведочи анонимниот хроничар на дворот во Цеље.[18] Се вели дека Фридрих побегнал во Буда, каде што живеела неговата сестра, кралицата Барбара. Хроничарот Еберхард Виндек кој тврдел дека бил сведок на судирот меѓу сопружниците, напишал дека Елизабета била избодена со нож во нејзиниот кревет во текот на ноќта и дека вечерта пред убиството таа ги изразила своите стравови на својата придружба: „Мои господари и пријатели, каква корист ќе донесе ова помирување [со Фридрих]? Добро знам дека утре наутро ќе ме најдете мртва покрај мојот сопруг“.[19] Историчарката Нада Клаиќ изразила скептицизам во однос на вистинитоста на овие запишами изјави.[20]
Смртта на Елизабета предизвикала раздор во и онака несигурниот сојуз меѓу Куќата од Цеље и Франкопаните, кои се натпреварувале за влијание во Хрватска и Славонија.[19] Роднината на Елизабета, Иван VI Франкопан го предизвикал Фридрих на двобој.[19] По интервенцијата на шурата на Фридрих, Зигизмунд од Луксембург, спорот требало да го реши данскиот крал Ерик Померански, кој ја уживал довербата на двете страни.[21] Се чини дека Ерик пресудил во корист на Фридрих, бидејќи тој се вратил на своите имоти набргу потоа. Таму се оженил со Вероника Десеничка, жена со многу пониска општествена положба. Тој го направи тоа без согласност на неговиот татко или на кралот. Ова го предизвикало гневот на Херман, што довело до затворање на Фридрих и убиство на Вероника од рацете на цељскиот патријарх.[22]
Културно наследство
уредиСудбината на Елизабета е тема на поемата Елизабета Франкопанска (Frangepán Erzsébet, Франгепан Ержибет; 1836) од унгарскиот романтичен автор Шандор Кисфалуди. Таа е и спореден лик во драмата Вероника Десеничка (Veronika Deseniška), објавена во 1924 година од словенечкиот автор Отон Жупанчич. Во драмата на Жупанчич, Елизабета и Вероника се претставени како жртви на предавството на Фридрих, а смртта на првиот како самоубиство.
Наводи
уреди- ↑ Fugger Germadnik, Rolanda (2006), K zvezdam in nazaj: Ob 550-letnici smrti poslednjega grofa celjskega, Celje: Pokrajinski muzej Celje. стр. 16
- ↑ „Veronika Deseniška, pl. (Med 1380 in 1400–1425 | 1428) - Slovenska biografija“.
- ↑ Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. Pp. 133-35
- ↑ Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. P. 133
- ↑ Šercer, Marija (2011), "Žene Frankopanke", In Modruški zbornik, Vol. 4-5 No. 4-5, 2011. Pp. 23-24
- ↑ 6,0 6,1 „Hrvatski biografski leksikon“.
- ↑ 7,0 7,1 Štih, Peter (1999), "Ulrik II. Celjski in Ladislav Posmrtni ali Celjski grofje v ringu visoke politike" In. Štih, Peter & Grdina, Igor, eds., Spomini Helene Kottanner, Ljubljana: Založba Nove revije. P. 15
- ↑ Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. Pp. 133
- ↑ 9,0 9,1 Šercer, Marija (2011), "Žene Frankopanke", In Modruški zbornik, Vol. 4-5 No. 4-5, 2011. Pp. 24
- ↑ Klaić, Nada (1991). Zadnji knezi Celjski v deželah Sv. Krone. Ljubljana-Celje: Založba Prese, pp. 40-41
- ↑ „Veronika Deseniška, pl. (Med 1380 in 1400–1425 | 1428) - Slovenska biografija“.
- ↑ „Zgodovina slovenskega naroda – Wikivir“.
- ↑ Grdina, Igor (1994). Celjski knezi v Evropi. Celje: Fit-Media, p. 250
- ↑ Klaić, Nada (1991). Zadnji knezi Celjski v deželah Sv. Krone. Ljubljana-Celje: Založba Prese, pp. 42
- ↑ Šercer, Marija (2011), "Žene Frankopanke", In Modruški zbornik, Vol. 4-5 No. 4-5, 2011. Pp. 26
- ↑ Klaić, Nada (1991). Zadnji knezi Celjski v deželah Sv. Krone. Ljubljana-Celje: Založba Prese, p. 16
- ↑ Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. Pp. 134
- ↑ Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. Pp. 134-5
- ↑ 19,0 19,1 19,2 Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. P. 135
- ↑ Klaić, Nada (1991). Zadnji knezi Celjski v deželah Sv. Krone. Ljubljana-Celje: Založba Prese, pp. 55-56
- ↑ Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. P. 139
- ↑ Dvorakova, Daniela (2019), Barbara Celjska. Črna kraljica, Celje: Mohorjeva družba. Pp. 136-37