Душан Милошевиќ
Душан Милошевиќ (роден на 1 јуни 1894 во Страгари, Кралство Србија - умрел на 19 мај 1967 во Белград, СФРЈ) — српски спортист и олимпиец.
Душан Милошевиќ и Драгутин Томашевиќ биле првите српски олимпијци на Летните олимписки игри - 1912 одржани во Стокхолм.
Милошевиќ бил сестран спортист и се натпреварувал во атлетика, пливање и фудбал, а тој бил и еден од основачите на ОФК Белград чијшто и игач бил.
На 20 мај 1912, тој победил во квалификационата трка на 100m во Кошутњак со време од 12 секунди со што обезбедил пласман на Олимписките игри истата година. Наредниот месец, на 23 јуни на Игрите во Стокхолм, Милошевиќ завршил како трет во својата квалификациска група со време од 11.6 секунди, но не обезбедил пласман во наредниот круг на натпреварување, поради тоа што само првите двајца натпреварувачи оделе понатаму. Но, и да обезбедел пласман во следниот круг, не би бил способен да се натпреварува, бидејќи имал болки во стомакот.
Душан Милошевиќ бил пренесен во болницата во Стокхолм каде по испитувањето е најден арсеник во неговото тело, што посочува на фактот дека бил труен. Во болницата, Милошевиќ престојувал неколку седмици, а бил посетен и од претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Пјер де Кубертен со неговата ќерка. Шведската полиција започнала истрага за тоа како можел српскиот атлетичар да биде отруен, но тоа никогаш не се дознало.
По враќањето во Србија, Милошевќ се откажал од атлетиката и започнал да игра фудбал за ОФК Белград како одбранбен играч. За време на Првата светска војна, бил уапсен и затворен во камп во Унгарија.
Душан Милошевиќ умрел на 19 мај 1967 во Белград каде што и бил погребан.