Државата Алепо
Државата Алепо (француски: État d'Alep; арап. دولة حلب Dawlat Ḥalab) била една од шесте држави кои биле основани од францускиот висок комесар на Левантот, генерал Анри Гуро, во францускиот мандат на Сирија што следел по конференцијата во Сан Ремо и падот на краткотрајната арапска монархија во Сирија на кралот Фајсал I.
Другите држави биле Државата Дамаск (1920), Алавитската држава (1920), Државата Џабал Друзе (1921), санџакот Александрета (1921), како и Државата Голем Либан (1920), која подоцна постанала модерната држава Либан.
Воспоставување
уредиДржавата Алепо била воспоставена на 1 септември 1920 година од страна на францускиот генерал Анри Гурокако како дел од француската шема за полесно контролирање на Сирија со нејзино делење на неколку помали држави. Франција се противела кон идејата за обединета Сирија по битката кај Мејсалун. Државата Алепо го вклучувала санџакот Александрета и била управувана од Камил-паша ал-Кудси.[1]
Со одвојувањето на Алепо од Дамаск, Гуро сакал да ја искористи препознатливата конкуренција меѓу двата града и да ја претвори во политичка поделба. Луѓето во Алепо биле незадоволни од фактот што Дамаск бил избран за главен град на новата нација Сирија. Гуро го почувствувал ова и се обидел да манипулира со тоа што го направил Алепо главен град на голема и побогата држава со која на Дамаск ќе му било тешко да се натпреварува. Државата Алепо, одредена од страна на Франција, го содржела најголемиот дел од плодната област на Сирија, вклучувајќи ја и плодната земја околу Алепо, како и целиот плоден слив на Еуфрат. Државата имала излез на море и преку автономниот санџак Александрета. Од друга страна, Дамаск, кој бил оаза на рабовите на сириската пустина, немал ниту доволно плодна земја ниту пристап до море. Гуро сакал да ја направи државата Алепо привлечна за нејзините потенцијални владетели со тоа што ѝ дал контрола над поголемиот дел од земјоделското и рудното богатство на Сирија, како не би посакала повторно обединување со Дамаск.
Популација
уредиВо државата Алепо имало сунитско муслиманско мнозинство. Ова население било главно Арапи, но вклучувало и Курди, особено во источните региони и други разновидни етникуми преселени за време на отоманскиот период, особено Черкези, Албанци, Босанци, Бугари, Турци, Кабардинци, Чеченци и други. Значително шиитско муслиманско население живеело и тоа во градовите Небол, Фуа, Аз Захра', Кефраја и Маарат Мисрин.
Алепо исто така бил дом на една од најбогатите и најразновидните христијански заедници на Ориентот. Христијаните кои припаѓале на десетина различни конгрегации (со распространетост на ерменската апостолска, грчкокатоличка и сириска православна црква) претставувале околу една третина од населението на градот Алепо, што го правело град со најголема христијанска заедница на Блискиот Исток надвор од Либан. Многу христијани ги населувале и источните области на државата, главно од сириско и асирско етничко потекло.
Во 1923 година, вкупното население на државата било околу 604.000 (без номадското население од источните региони).[2][3] Градот Алепо имал и голема еврејска заедница исто така.
Општа распределба на населението во државата Алепо според францускиот попис во 1921-22 година[4] | |||||||
Религија | Жители | Процент | |||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Сунити | 502.000 | 83,1% | |||||
Христијани | 52.000 | 8,6% | |||||
Алави | 30.000 | 5% | |||||
Евреи | 7.000 | 1,2% | |||||
Странци | 3.000 | 0,5% | |||||
Вкупно | 604.000 | 100% |
Гувернери
уреди- 1920–1922 Генерал Камил Паша Ал Кудси (1849–1926)
- 1923–1924 Мустафа бег Бармада (1883–1953)
- 1924–1925 Мари Паша Ал Малах (1856–1930)
Француски делегати
уреди- 1920–1922 година Генерал Хенри-Феликс де Ламот (1843–1926)
- 1922–1924 Генерал Гастон Билоте (1875–1940)
- 1925 господин Жак Реклус
Совет на директори
уредиИ покрај желбите на француската влада, исламско-арапскиот отпор бил доволно силен за да ги принуди Французите да работат преку нив во управувањето со областа. Па така, Советот на Директори бил создаден во 1920 година за да го надополни генералниот гувернер. Четворицата членови на Советот биле: Мари Паша Ал Малах (Внатрешни работи), Субхи Беј Ал Најјал (Правда), Насри Ефенди Бакаш (Трговија и земјоделство) и Виктор Ефенди Аџури (Финансии). По оставката на Ал Малах во 1921 година, тој бил наследен од Ал Најјал како директор за внатрешни работи, а Заки Беј Ал Горани бил избран да го наследи Ал Најал како директор за правда. Во 1923 година, левичарската француска влада дошла на власт и ја променила политичката насока дозволувајќи да се изгради пан-арапска Сирија. Така, Советот на Директори во Алепо бил укинат по формирањето на Сириската федерација.
Претставнички совет
уредиЗаконодавен дом бил Претставничкиот совет, а мнозинството негови членови биле профранцуски. Некои истакнати пратеници биле Субхи Баракат, кој подоцна бил претседател на Сириската федерација, градоначалникот на Алепо Галеб бег Ибрахим Паша, шефот на Стопанската комора Салим Џанбарат, адвокатот Мишел Џанадри и Фахир Ал Џабири, постар брат на националистичкиот водач Саадалах ал-Џабири.
Бунтот на Ханану
уредиИбрахим Ханану бил родум од Алепо и бил истакнат член на Сирискиот национален конгрес кој бил избран во 1919 година и кој го одбил францускиот мандат на Сирија. Поддржан од турскиот националистички водач Мустафа Кемал Ататурк, Ханану започнал вооружен бунт против Французите што траел додека не бил уапсен во 1921 година. На Ханану му било судено во истата година во судот на Алепо, но тој бил прогласен за невин од судиите со три гласа „за“ и два „против“; веројатно на пресудата влијаеле толпата приврзаници кои тој ден се собрале околу судската зграда.
Ханану потоа преминал во политичка опозиција, а во 1926 година одиграл голема улога во спречувањето на отцепувањето на Алепо од државата Сирија формирана во декември 1924 година. Починал во 1935 година.
Сириската федерација и државата Сирија
уредиГенералот Гуро ја создал Сириската федерација на 28 јуни 1922 година. Во федерацијата биле вклучени државите Дамаск, Алепо и Алавитската држава. Во 1924 година, Алавитската држава повторно се одвоила. Сириската федерација била вклучена во државата Сирија на 1 јануари 1925 година. Со централизацијата на новата сириска држава во 1925 година, Алепо ја изгубил својата автономија и се свел на провинциска зависност од Дамаск. Актуелниот генерален гувернер на државата Алепо, муслиманот Мари Паша Ал Малах, бил именуван за гувернер (валија) на провинцијата Алепо (со чин министер). Сепак, колонијалното знаме на државата Алепо останало во употреба до 25 јануари 1925 година кога конечно било укинато.[5]
Поврзано
уреди- Францускиот мандат на Сирија
- Државата на Алавитите
- Џабал ел Друзе (држава)
- Александрета / Хатај
- Државата Дамаск
- Список на француски поседи и колонии
- Француска колонијална империја
- Француски колонијални знамиња
Наводи
уреди- ↑ Syrian History: Timeline
- ↑ Syria: French Levant States 1920-1936
- ↑ Прва енциклопедија за Исламот на Е.Џ.Брил, 1913-1936, вол. 2, страна 301
- ↑ Прва енциклопедија за Исламот на Е.Џ.Брил, 1913-1936, вол. 2, страна 301
- ↑ Autonomous State of Aleppo 1920-1924 (Syria)