Долгоопашеста сипка
Долгоопашеста сипка | |
---|---|
Скандинавски вид | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордови |
Класа: | Птици |
Ред: | Врапчевидни |
Семејство: | Долгоопашести сипки |
Род: | Долгоопашести сипки |
Вид: | Долгоопашеста сипка |
Научен назив | |
Aegithalos caudatus (Linnaeus, 1758) |
Долгоопашестата сипка (науч. Aegithalos caudatus) е честа птица која е распространета низ Европа и Азија. Има неколку варијанти на видот кои се разликуваат по социјализацијата и начинот на размножување. Оваа птица ја има и во Македонија.
Таксономија и систематика
уредиНајпрво, долгоопашестата сипка беше класифицирана во семејството на вистинските сипки во групата Parus. Но, таа група беше одвоена и стана посебно семејство (Aegithalidae) со три рода:
- Aegithalos (долгоопашести сипки), 5 вида, вклучувајќи го и номинираниот A. caudatus;
- Psaltria, монотипичен;
- Psaltriparus, монотипичен.
Овој вид долгоопашеста сипка е единствен претставник на семејството Aegithalidae во северна Евроазија.[2] Видот егзистира во 19 раси, сместени во четири групи:[3]
- caudatus групата од северна Европа и Азија, A. c. caudatus има целосно бела глава;
- europaeus групата од јужна и западна Европа, североисточна Кина и Јапонија;[3]
- alpinus групата од средоземна Европа и југозападна Азија;
- glaucogularis групата од Кина.
На местата каде групите се преклопуваат има и мешани, хибридни видови.
Распространетост и живеалиште
уредиДолгоопашестата сипка е широко распространета низ северните умерени делови на Европа и Азија, до Скандинавија на север и Средоземјето на југ.[2] Нејзиното живеалиште се листопадните и мешаните шуми, со грмушки по краевите на живеалиштето. Исто така, може да се најде во места со грмушки, со ретки дрвја, во обработливо земјиште, крај речна вегетација,[3] во паркови и градини.
Опис
уредиДолгоопашестата сипка е малечка птица, долга 13-15 см, вклучувајќи ја и опашката која е долга 7-9 см. Има топчесто тело, краток, цврст клун и многу долга тенка опашка.[3] Половите се исти, а младенчињата се митарат и се здобиваат со возрасни пердуви уште пред првата зима. Перјето е претежно црно и бело, а кај некои може да се појави и сиво и розово.[3]
Исхрана
уредиИсхраната на оваа сипка се состои од разни видови инсекти, а претпочита јајца и ларви од молци и пеперуги. Наесен исхраната може да се состои и од семиња.[2]
Гнездење
уредиГнездото на долгоопашестата сипка е конструирано од 4 материјали: лишаи, пердуви пајажина и мов. Над 6.000 парчиња од овие материјали се потребни за едно типично гнездо. Гнездото претставува флексибилно ќесе со мал, кружен влез на врвот, обесено на гранките од дрвјата или поставено ниско во грмушките. Стабилноста на гнездото е обезбедена со решетката од мов и пајажина. Ситните ливчиња од мовта се кукички, а пајажината служи како врзивно средство, заедно создавајќи природно велкро (чичак).[4] Однадвор, сипката го обложува гнездото со стотици лушпи од лишаи што му овозможува камуфлажа. Внатре, пак, го постила со повеќе од 2000 ситни пердувчиња за да го изолира.[4]
Социјално поведение
уредиСоцијалното поведение е најдобро проучено кај овој вид. Обемна работа е извршена од страна на Гастон (1973), Глен (1985) и Глен и Перинс (1988), како и од многу други. Сите истражувања на крај ги сумирале Крамп и Перинс (1993).
Вон сезоната на парење, долгоопашестите сипки, формираат компактни јата од 3 до 30 птици, сочинети од семејни членови (родители и младенчиња) од претходната сезона на парење, заедно со уште некоја возрасна единка која помогнала да се подигне потомството.[2] Јатото ќе заземе и ќе ја брани определената територија од соседното јато.[5] Најверојатно, причината за создавање на вакви јата е студот, а студените ноќи полесно ќе ги преживеат ако се греат едни со други.[6]
Во февруари-март сите членови на зимското јато ќе се спарат и ќе гнездат, со мажјаци од зимското јато, но женките имаат тенденција да заскитаат и во соседните територии.[5] Гнездата многу страдаат од грабливци, и имаат само 17% успешност.[7]
Паровите чие гнездење ќе пропадне имаат три избора: да се обидат повторно, да го прескокнат гнездењето за таа сезона или да помогнат во соседното гнездо. Се утврдило дека парот се раздвојува и помага во гнездото на роднините од мажјакот,[6][8][9] а ги препознаваат според огласувањето.[8] Гнездата на кои им се помага имаат подобар успех во бројноста на подмладокот и подобра одбрана.[6] На крајот од сезоната за парење, јуни-јули, птиците ги реформираат зимските јата на зимската територија.[5]
Огласување
уредиОгласувањето е вредна помош за лоцирање и идентификување на овие птици. Кога се во јато тие постојано комуницираат и често попрво се слушаат отколку што се гледаат. Тие имаат три главни повици, еден висок, силен пит, троен вибрирачки из-из-из и растреперено шнууур. Повикот станува побрз и посилен кога птицата ќе излезе на отворен терен или ако единката се одвои од групата.[10]
Статус
уредиБидејќи се многу малечки, овие сипки се ранливи на екстремно студено време. И по 80% загуба на нивната популација е забележана во продолжени зими. Но, имаат висок размножувачки потенцијал[3], па популацијата се обновува. Нивниот статус е во категоријата најмала загриженост.
Наводи
уреди- ↑ BirdLife International (2012). „Aegithalos caudatus“. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Cramp, S. and Perrins, C. (1993) Handbook of the birds of Europe, the Middle East and North Africa: the birds of the Western Palearctic: Flycatchers to Shrikes. Volume 8. Oxford, Oxford University Press.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 Harrap, S. and Quinn, D. (1996) Helm Identification Guides: Tits, Nuthatches & Treecreepers. Helm Identification Guides.1 ed. London, Christopher Helm (A&C Black)
- ↑ 4,0 4,1 Hansell, Michael Henry (2007). Built by animals: the natural history of animal architecture. Oxford University Press. стр. 76, 77. ISBN 978-0-19-920556-1. Посетено на 1 July 2011.
- ↑ 5,0 5,1 5,2 Gaston, A. J. (1973) The ecology and behaviour of the Long-tailed Tit. Ibis, 115(3), pp.330-351
- ↑ 6,0 6,1 6,2 Glen, N. W. and Perrins, C. M. (1988) Cooperative breeding by long-tailed tits. British Birds, 81(12), pp.630-641
- ↑ Hatchwell, B. J., et al. (1999) Reproductive success and nest-site selection in a cooperative breeder: effect of experience and a direct benefit of helping. The Auk, 116(2), pp.355-363
- ↑ 8,0 8,1 Hatchwell, J., et al. (2001) Kin discrimination in cooperatively breeding long-tailed tits. Proceedings of the Royal Society of London - B, 268(1470), pp.885-890
- ↑ Sharp, S. P., Simeoni, M. and Hatchwell, B. (2008) Dispersal of sibling coalitions promotes helping among immigrants in a cooperatively breeding bird. Proceedings of the Royal Society Biological Sciences Series B, 275(1647), pp.2125-2130
- ↑ Gaston, A. J. (1973) The ecology and behaviour of the Long-tailed Tit. Ibis, 115(3), pp.330-351.
Надворешни врски
уреди- Long-tailed Tit videos, photos & sounds Архивирано на 5 октомври 2013 г. on the Internet Bird Collection
- Calls of several Long-tailed Tits - a British Library sound recording.
- Ageing and sexing (PDF; 0.78 MB) by Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze Архивирано на 12 ноември 2013 г.
„Долгоопашеста сипка“ на Ризницата ? |