Дијабетична нефропатија
Дијабетична нефропатија (ДН) - хронична бубрежна болест која се појавува како компликација на дијабетесот.
Дијабетична нефропатија | |
---|---|
Синоними | Дијабетична бубрежна болест |
Два гломерула при дијабетична нефропатија. | |
Специјалност | Нефрологија, Ендокринологија |
Симптоми | Замор[1] |
Ризик-фактори | Висок крвен притисок, неконтролирана гликемија[1] |
Дијагностички метод | Абнормални нивоа на албумин во урина[2] |
Лекување | АКЕ инхибитори[3] |
Знаци и симптоми
уредиСимптомите се јавуваат 5 до 10 години по појавата на болеста.[1] Вообичаен прв симптом е често мокрење во текот на ноќта: ноктурија. Други симптоми се замор, главоболка, малаксаност, гадење, повраќање, често мокрење во текот на денот, губиток на апетит, чешање на кожата и оток на нозете.[1]
ДН била препознаена како компликација на дијабетесот во 1950-тите. Притоа, околу 30% од болните од дијабетес тип 2 ја добиваат оваа компликација во период од 20 години. Средната возраст на пациентите со дијабетес тип 2 кои достигаат краен стадиум на бубрежна болест изнесува 60 години. Истовремено, овие пациенти имаат зголемен ризик од појава на коронарна и периферна васкуларна болест и зголемен ризик од смрт предизвикана од кардиоваскуларна болест. Исто така, ДН е најзначајната компликација во поглед на морбидитетот и морталитетот на пациентите со дијабетес. ДН подеднакво се јавува и кај жените и кај мажите.[4]
Клиничките синдроми на ДН опфаќаат: постојана албуминурија (зголемена екскреција, излачување албумин во урината), прогресивно намалување на бубрежната функција, зголемен креатинин во крвта, намалена гломеруларна филтрациска рата, ГФР и артериска хипертензија. ДН е болест што напредува во текот на многу години поради што а често се случува пациентите кои веќе да имаат ДН поради задоцнета дијагноза. Микроалбуминуријата ја дефинира раната или инципиентната дијабетична нефропатија. Протеинуријата ја следи дијабетичната нефропатија и служи како маркер, но и како потенцијален придонесувач на бубрежното оштетување. Долготрајната хипергликемија е значаен ризичен фактор за појава на ДН.[4]
Причини за појава на болеста
уредиТочната причина за појава на ДН е непозната, бидејќи сите дијабетичари не заболуваат од оваа болест, а тоа сугерира дека се во игра бројни различни фактори. Последните истражувања ја нагласуваат улогата на вродениoт имунитет, а семејните и генетските фактори, исто така, играат улога. Имено, членовите на семејствата во кои веќе има заболени од ДН имаат поголема веројатност да заболат од оваа болест во споредба со дијабетичарите од семејствата во кои нема заболени од ДН. Исто така, хипертензијата, заедно со метаболистичките абнормалности (дислипидемија, хипергликемија) го забрзува бубрежното оштетување, т.е. степенот и тежината на ДН се поврзани со крвниот притисок.[5]
Симптоми и дијагностика
уредиСимптоми за ДН кај лицата кои имаат дијабетес мелитус се една од следниве одлики:[4]
- пенлива урина,
- необјаснива протеинурија,
- дијабетична ретинопатија,
- замор,
- оток/едем на стапалата и на лицето,
- други асоцирани нарушувања (периферна васкуларна оклузивна болест, хипертензија, коронарна артериска болест).
Кога се дијагностицира ДН, пациентите често веќе имаат микроалбуминурија поради задоцнетата дијагноза. Ако тогаш не се изврши итна интервенција, околу 30% од нив напредуваат во јасна нефропатија, а во рок од 20 години стигнуваат до крајниот стадиум на бубрежна болест.[4]
За пациентите со дијабетес тип 2 се препорачува рано тестирање за ДН, особено ако имаат зголемени масти или страдаат од дебелина. Кога ќе се постави дијагнозата, треба рутински да се провери присуството на белковини во урината. За да се види големината на бубрезите вообичаено се прави ултрасонографија на бубрезите, бидејќи во раните фази на ДН може да дојде до зголемување на бубрезите. Потоа, како што напредува болеста, бубрезите се намалуваат.[5]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 1,3 „Diabetes and kidney disease: MedlinePlus Medical Encyclopedia“. www.nlm.nih.gov. Посетено на 2015-06-27.
- ↑ Lewis G, Maxwell AP (February 2014). „Risk factor control is key in diabetic nephropathy“. The Practitioner. 258 (1768): 13–7, 2. PMID 24689163.
- ↑ Lim AK (2014). „Diabetic nephropathy – complications and treatment“. International Journal of Nephrology and Renovascular Disease. 7: 361–81. doi:10.2147/IJNRD.S40172. PMC 4206379. PMID 25342915.
- ↑ 4,0 4,1 4,2 4,3 Маја Милованчева-Поповска, „Намалена потреба за инсулин е знак за болни бубрези“, Здравје, понеделник, 10 ноември 2014, стр. 7.
- ↑ 5,0 5,1 Маја Милованчева-Поповска, „Намалена потреба за инсулин е знак за болни бубрези“, Здравје, понеделник, 10 ноември 2014, стр. 7-8.
Надворешни врски
уредиКласификација | |
---|---|
Надворешни извори |