Густав Леонхарт
Густав Леонхарт (холандски: Gustav Leonhardt; 30 мај 1928 во 'с-Гравеланд - 16 јануари 2012, Амстердам) — истакнат холандски клавијатурист, диригент, музиколог, наставник и уредник, мошне активен во движењето за автентична музичка изведба. Како клавијатурист, изведувал и снимал на чембало, оргули, клавиорганум (комбинација од чембало и оргули), клавикорд и фортепијано.
Од 1947 до 1950, Леонхарт учел оргули и чембало во класата на Едуард Милер при школата Скола Канторум во Базел. Како чембалист за првпат настапил во Виена во 1950 и таму учел музикологија. Потоа бил професор по чембало на Музичката академија од 1952 до 1955 и Амстердамскиот конзерваториум од 1954. Бил и црковен оргулар.
Леонхарт за првпат ги снимил делата за чембало на Јохан Себастијан Бах во раните 1950-ти. Овие плочи му помогнале да се прослави како одличен чембалист и извонреден изведувач на Бах. Во 1954 го водел Леонхартовиот барокен ансамбл со прочуениот англиски контратенор Алфред Делер и за првпат снимил две Бахови кантати. Во ансамблот учествувала и жена му, Мари Леонхарт и Едуард Мелкус (виолини), Алис Хофелнер (виола), Николаус Харнонкорт (виолончело) и Мајкл Пигет (обоа).
Иако Леонхарт има диригирано и изведувано најразлична музика од барокниот и класицистичкиот период, најпознат е по низа снимки (во соработка со Харнонкорт) на сите Бахови кантати направени низ временски период од 20 години, од 1971 до 1990.
Последниот јавен настап го одржал на 12 декември 2011 г. во Париз. Потоа најавил дека се повлекува од сцената и ги откажал сите закажани настапи за 2012 г. поради влошено здравје.[1] Починал во Амстердам, на 16 јануари 2012, на возраст од 83 години.
Наводи
уреди- ↑ Густав Леонхарт ѝ стави крај на кариерата - Le Nouvel Observateur (француски)
Надворешни врски
уреди„Густав Леонхарт“ на Ризницата ? |
- Густав Леонхарт на Семрежната филмска база на податоци (англиски)
- Кратка биографија на www.bach-cantatas.com (англиски)
- Дискографија Архивирано на 7 февруари 2009 г. (англиски)
- Посмртница на Густав леохарт - The Guardian (англиски)