Градиште (Пелинце)

археолошко наоѓалиште во Македонија
Градиште

Карта

Местоположба 42°13′37″N 21°49′35″E / 42.22694° СГШ; 21.82639° ИГД / 42.22694; 21.82639
Основни податоци
Место Пелинце
Општина Старо Нагоричане
Тип

 населба


Период бронзено време
железно време
рана антика
Портал „Археологија“

Градиште археолошко наоѓалиште во кумановското село Пелинце. Претставува населба од бронзено време, железно време и рана антика.

Се наоѓа на 18 км североисточно од Куманово, на десната страна од патот што води за врањанската област, во близината на утоката на Бистрицаво Пчиња. Претставува висок рид со големо зарамнето плато и е едно од последните расклоненија на планината Козјак. Висорамнинката има неправилна трапезоидна форма, со димензии од 170 × 115 м. Природно е заштитено со стрмни, тешко пристапни страни со исклучок на источната која е седлесто вдлабена и поврзана со планинскиот масив. По рабовите на висорамнинката се наоѓаат остатоци од широк насип подигнат од камен и земја. Со извршените сондажни ископувања во 1989/90 година од страна на Народниот музеј од Куманово се пронајдени траги од повеќеслојна населба. Најстариот слој, односно населба, според одликите на керамиката е од ранобронзеното време, а вториот, заедно со насипот е од железното време, и тоа од најраните фази сè до VI век пред н.е. Последниот слој, на кој му припаѓа скромен фонд керамички наоди, е од V - IV век пред н.е, кога практично и завршил животот на оваа населба. На наоѓалиштето Градиште му припаѓа и секторот наречен Две Могили што се наоѓа северозападно на околу 400 м, на еден понизок гребен. Со истражувањата вршени во 1989, 1990 и 1994 година се најдени необични остатоци од ранобронзеното време. Според истражувачите, а врз основа на наодите и нивниот распоред, се смета дека е откриен објект без цврста архитектонска конструкција, со функција на светилиште, во кое по извршувањето на обредите биле оставани групи од керамички садови. Во средишниот дел на објектот има клада од камен и кал поставена врз карпестата подлога, прекриена со остатоци од горење, згура, ситни животински коски и фрагменти од садови. Меѓу зачуваните садови има повеќе облици (бокали, чашки, пехари, чинии и друго), со добра фактура, на кои се забележуваат врежани орнаменти, траги од бела инкрустација, кои ги содржат основните одлики на керамиката од раното бронзено време. Најдени се неколку керамички алатки, тегови, камена секира и една женска статуетка од белутрак. Наодите се чуваат во Народниот музеј во Куманово.[1]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. стр. 219, Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069