Гол ручек
„Гол ручек“ (англиски: Naked Lunch) — роман на американскиот писател Вилијам Бароуз од 1959 година.
Содржина
уредиВо романот, авторот ги опишува спомените на својот наркомански живот, патувањата низ САД и во Мексико, како и престојот во болницата на д-р Бенвеј, познат по суровите методи на лечење на наркоманите. Покрај тоа, во книгата има чести описи на хомосексуални односи, но и остра критика на современото општество. Исто така, во делото се присутни и повеќе ликови од наркоманскиот свет на авторот, како: Клем и Џоди, Еј Џеј, Хасан и Морнарот.[1]
Осврт кон романот
уредиНа „Гол ручек“ авторот работел во подолг период од 1954 до 1956 година, а првпат бил објавен во Париз. Првите реакции на критиката биле спротивставени: романот бил фален како првиот значаен експеримент по Џојсовиот „Улис“, а од друга страна, главната забелешка била на отсуството на што и да било позитивно во него.[2] Во воведот на романот, авторот се осврнува на создавањето на делото кое настанало така што, по 15-годишно користење дрога, на возраст од 45 година одлучил да ги запише белешките од тој период. Притоа, насловот на романот му го предложил писателот Џек Керуак, а романот бил напишан во градот Тангер, каде авторот ја минал крајната фаза на својата зависност од дрогата по што заминал во Лондон на лекување кај еден лекар кој наркоманијата ја лечел со употреба на апоморфин.[3]
Наскоро по објавувањето, „Гол ручек“ станал еден од најзначајните романи на XX век, книга што ги редефинирала современата книжевност и американската култура, книга што се смета за еден од најшокантните романи напишани на англиски јазик. Во романот, на маестрален начин се обработени темите, како што се: дрогата, хомосексуалноста, талкањето, отуѓеноста и смртта. Тој нуди моќно патување во најмрачните длабочини на човечката психа. Списанието „Њусвик“ го оценил романот како ремек-дело, опишувајќи го како „крик од пеколот, сурова, застрашувачка и дивјачки забавна книга која осцилира меѓу неконтролирана халуцинација и безмилосна, прецизна сатира“, додека Вол Селф го опишал како „ѓаволска алегорија за модерното отуѓување“.[4]
Романот се одликува со фрагментарна, калеидоскопска композиција и со стремеж за нелинарна логика и употреба на семантиката на произволните знаци со која Бароуз се запознал во 1939 година на семинарот на Алфред Корзибски во Чикаго. Така, ликовите во „Гол ручек“, во согласност со традицијата на големите ескпериментатори, непречено се движат во просторот и во времето и случајно се среќаваат на точките на пресекот за да се препознаат како заемни проекции, или пак како збир од проекции на главниот, невидлив и сеприсутен раскажувач чија халуцинантна свест ги обединува сите нив. Притоа, времето и просторот се прошируваат до вселенските граници и тоа го поврзува творештвото на Бароуз со традицијата на научната фантастика. Бароуз навлегува во психичките простори како бележник кој не се плаши ниту од најцрните длабочини, воден од желбата до крајот да ја разголи човековата личност. А, кога ќе го постигне тоа, тогаш настапува оној миг по кој е наречен романот — мигот кога секој од нас сфаќа дека на другиот крај се наоѓаат неизбежниот паразитизам, канибализам и склоноста кон зависност. Во тој поглед, за Бароуз важи Лајбницовото учење дека во светот постои одредена доза метафизичко зло кое му е иманентно на човештвото. А злото потекнува од нашите непресушни потреби и незаситниот апетит. Колку повеќе се храни човекот, гладот е поголем, порачува Бароуз. Затоа, „Гол ручек“ има кафкијански почеток: околу главниот лик се затвора обрачот. Во митологијата на злото на Бароуз не постои противтежа, нема „добро“ и реакција, туку само акција, насилство и постојани болести. Во тој поглед, Бароуз прави пародија на митот за воскреснувањето на кралот, богот на плодноста. Напротив, во „Гол ручек“, јунаците умираат и воскреснуваат само за да умрат уште пострашно. Во романот се споменуваат вистински и фиктивни градови и држави — САД, Мексико, Слободна Република, Интерзона и Анексија, но сите тие се масовни концентрациони логори кои се производ на истото тоталитарно општество во кое религиозните фанатици, лудите лекари, проститутките, шпионите, криминалците, општествениот крем итн. тргуваат и манипулираат со немоќните жртви. Главната болест е врвната нарцисоидност и параноичниот страв, а душевните болести се логори чии стравотии ги надминуваат најлудите соништа на фашистичките лекари. Во делото се преплетуваат, прекинуваат и сменуваат халуцинациите на главниот јунак сè додека тој не го прифати законот на насилството убивајќи ги своите прогонувачи. Меѓутоа, тие се (не се) мртви, но поредокот воопшто не се менува.[5]
Наводи
уреди- ↑ Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986.
- ↑ „Pogovor“, во: Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986, стр, 216.
- ↑ Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986, стр. 5-14.
- ↑ Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 3.
- ↑ „Pogovor“, во: Vilijem S. Barouz, Goli ručak. Beograd: Prosveta, 1986, стр, 214-216.