Глава-гума за бришење
Глава-гума за бришење (англиски: Eraserhead) — американски филм од 1977 година, во режија на Дејвид Линч, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Џек Ненс (Jack Nance), Шарлот Стјуарт (Charlotte Stewart), Џини Бејтс (Jeanne Bates), Џудит Ана Робертс (Judith Anna Roberts), Лорел Ниар (Laurel Near) и Џек Фиск (Jack Fisk). Ова е дебитантскиот филм на Линч кој го снимал дури пет години.[1] [2]
Синопсис
уредиХенри Спенсер (го игра Ненс) е млад човек кој живее во мал, несреден стан во пуста индустриска област. Неговата девојка Мери Икс (ја игра Шарлот Стјуарт) го кани на семејна вечера на која му нудат чудно пилешко месо. Таму, Хенри дознава дека Мери е бремена. Набргу, таа раѓа необично, дегенерирано бебе кое има долгнавесто тело како змија, без екстремитети, а главата му личи на влекач. Бебето не сака да јаде, туку цело време плаче, поради што Мери Икс го напушта станот. Тогаш, Хенри го посетува неговата убава сосетка (ја игра Ана Робертс) и тие имаат сексуален однос. Хенри сонува необичен сон: на една бина пее девојка со дегенерирано лице, а тој ја слуша; наеднаш, главата му паѓа и од вратот му излегува друга глава, иста како онаа на неговото бебе; потоа, неговата глава паѓа од небото на улица, неа ја зема едно дете и ја носи во фабрика каде од неа изработуваат моливи со гуми за бришење. Хенри се буди и сфаќа дека тоа било само сон, а потоа ја здогледува својата сосетка во друштво со непознат маж. Тогаш, тој зема ножици и ги сече пелените со кои е завиткано бебето, но тогаш гледа дека тоа нема кожа, поради што внатрешните органи му излегуваат надвор. Хенри ја прободува утробата на бебето и од неа почнува да тече густа течност, а главата на бебето се претвора во планета. Филмот завршува така што Хенри и пејачката со дегенерирано лице се наоѓаат во непозната област со блеа светлина.[1]