Втора книга Паралипоменон
„Втора книга Паралипоменон (Втора книга Летописи)“ — книга од Стариот завет.
Содржина
уредиГоспод го дарува царот Соломон со голема мудрост и тој ја зацврстува власта, ја развива трговијата и се стекнува со големо богатство и слава. Во четвртата година од своето владеење, тој ја започнува изгрдабата на божјиот храм во Еруслаим. Притоа, царот Соломон држи беседа пред насобраниот народ, молејќи го Господ секогаш да се грижи за својот народ. Во присуство на многуброен народ, Соломон и свештениците го осветувата храмот принесувајќи многу жртви, при што од небото слегува оган и храмот се исполнува со славата божја. Потоа се одржува седумдневна народна веселба. Изградбата на храмот и на домот на царот Соломон трае 20 години, а покрај тоа, тој гради и повеќе градови и води успешни војни против околните народи. Кога Савската царица слуша за неговата мудрост, таа го посетува и му поставува загатки кои Соломон ги решава. Воодушевена од него, таа го наградува богато. Владеењето на царот Соломон трае 40 години, а по смртта, него го наследува синот Ровоам.[1]
Откако царот Ровоам одбива да ги намали давачките и неправдите кон народот, предводени од Јеровоам, Израилците се одметнуваат од него и Ровоам останува да владее само со Јудеја, но останува верен на божјите закони. Одметнатите Израилци, пак, се оддалечуваат од божјите закони и почнуваат да ги почитуваат туѓите идоли. По смртта на Ровоам, на престолот седнува Авија кој му нанесува пораз на Јеровоам. Наследникот на Авија, царот Аса, е побожен и поради тоа владее во мир и спокојство. По него владее Јосафат кој, исто така, оди по божјиот пат, така што го зацврстува царството и стекнува големо богатство. Но подоцна, царот Јосафат му се придружува на израилскиот цар Ахав во војната против Сирија. Тогаш, пророкот Михеј го предупредува царот Ахав да не оди во војна, но тој не само што не го слуша советот, туку го затвора пророкот. И навистина, царот Ахав е убиен во битката, а Јосафат успева да се спаси. Подоцна, околните непријателски народи се здружуваат и го напаѓаат Јосафат, Господ станува против нив и прави тие да се убијат меѓу себе.[2]
Наследникот на Јосафат, царот Јорам, ги убива своите браќа и некои кнезови, ги почитува туѓите идоли и го наведува народот на блуд поради што пророкот Илија му предвидува страшен крај. Навистина, како божја казна, Јудеја е ограбена од непријателите, а царот Јорам умира во страшни маки од цревна болест. Следен цар станува неговиот најмал син Охозија кој набргу е убиен, а власта ја презема мајка му Готолија која владее во следните шест години. По смртта на Охозија, таа го убива сиот царски род, но поданиците успеваат да го скријат малиот син на Охозија, Јоас. На седумгодишна возраст, тој е прогласен за цар, а свештенството и народот ја убиваат Готолија. Јоас собира пари од народот за обнова на божјиот храм, но подоцна отстапува од божјите закони. За казна, сириската војска ја ограбува Јудеја, а поданиците на Јоас коваат заговор против него и го убиваат. Него со наследува син му Амасија, кој се приклонува кон туѓи божества поради што е поразен во војната со Израилците, а подоцна е убиен во заговор.[3]
Амасија го наследува Озија, кој станува цар на 16-годишна возраст. Благодарение на почитувањето на божјите закони, Озија е награден со воени успеси и голема слава, меѓутоа откако неовластено влегува во божјиот храм, тој заболува од лепра. Него го заменува синот Јоатам кој, исто така, ги почитува божјите закони. Меѓутоа, неговиот наследник, царот Ахаз, води грешен живот: ги почитува тужите божества и го затвора храмот така што е казнет со бројни воени порази. Неговиот син Езекија повторно го отвора храмот, ја обновува службата на свештенството и, по долго време, започнува да ја празнува Пасха. Кога асирската војска го опсадува Ерусалим, Езекија и пророкот Исаија се молат за спас, а Господ испраќа ангел кој ги убива војсководачите по што асирската војска се повлекува. По долгогодишното успешно владеење, Езекија умира и него го наследува син му Манасија кој станува цар на 12-годишна возраст.[4]
Царот Манасија прави големи гревови: ги обновува светилиштата на туѓите идоли и ги поддржува гатањето и маѓесништвото. Поради неговите гревови, Господ го казнува така што тој е заробен од асирската војска и одведен во Вавилон, но тој се покајува, па Господ се смилува на него и го враќа во Ерусалим. Оттогаш, Манасија се приклонува кон божјите закони, но народот продолжува да ги почитува туѓите божества. По неговата смрт, на престолот стапува син му Амон кој, исто така, води грешен живот по што е убиен во преврат. Него го наследува Јосија кој станува цар на 8-годишна возраст. Тој ги разурнува туѓите светилишта низ цела Јудеја и го обновува божјиот храм во Ерусалим. При обновата на храмот, свештениците ја пронаоѓаат книгата со божјите закони која Јосија му ја чита на народот. Сепак, наспроти неговата побожност, пророчицата Олдама му претскажува дека Господ сурово ќе го казни народот поради големите гревови на царот Манасија, но Јосија нема да го дочека тоа. Во продолжение, царот Јосија приготвува голема прослава на празникот Пасха. Откако е тешко ранет во битката со египетскиот цар, Јосија умира во Ерусалим, а народот го опејува со бројни таговни песни. Него го наследува царот Јоахаз кого го заробува египетскиот цар при што го поставува брат му на Јоахаз за цар на Јудеја, менувајќи му го името во Јоаким. За време на неговата власт, Јудеја му плаќа данок на египетскиот цар. Јоаким продолжува со грешниот живот и казнет е така што царот Навуходоносор го заробува и окован го пренесува во Вавилон. Следниот цар е Јехонија кој владее само три месеци. И тој е заробен и одведен во Вавилон, а за нов цар е поставен брат му Седекија. И тој продолжува со гревовите, иако Господ му испраќа пратеници кои го опоменуваат. Поради тоа, Јудејците се казнети така што Ерусалим и божјиот храм се уништени од Вавилонците, а народот е одведен во ропство во Вавилон. Дури 70 години подоцна, персискиот цар Кир се смилува и го враќа народот во Ерусалим. Оваа книга завршува со молитвата на царот Манасија за време на неговото ропство во Вавилон, кога с екае за гревовите и бара прошка од Бога.[5]
Наводи
уреди- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 467-476.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 476-485.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 485-490.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 490-496.
- ↑ Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 499-505.