Во ле Виконт

(Пренасочено од Во Ле Викомт)

Во ле Виконт (француски: Château de Vaux-le-Vicomte) — барокен дворец во Менси, близу Мелен, 55 км југоисточно од Париз, Франција. Бил изграден во периодот од 1658 до 1661 за Никола Фуке, Маркиз од Бел-Ил-на-Море, Виконт од Мелен и Во, финансов управник (министер) на кралот Луј XIV.

Фронтален поглед на Во ле Виконт

Во ле Виконт на многу начини е највлијателното дело во Европа во средината на XVII век, најпрефинетата куќа во Франција изградена по Мезонскиот дворец. Тука заедно со архитектот Луј Ле Во, пејзажниот архитект Андре Ле Нотр и сликарот-декоратор Шарл Ле Брен за првпат работеле заедно на голем проект. Нивната соработка го означува почетокот на еден нов поредок: величествениот манир на „стилот Луј XIV“ во кој спаѓаат системи на заедничка работа, кои можеле да се применат на градбата, нејзините ентериери и уметнички дела и на создавањето на цел пејзаж. Овој дворец е еден од најдобрите градби во Европа од ова време.

Градината на Ле Нотр била доминантниот елемент на големиот комплекс. Дворецот се издигна на подигната платформа, отворена во средината на шумите,[1] и ја одбележува границата помеѓу нееднаквите протори, третирани на различен начин. Самиот плац, за разлика од оној на Версај, бил природно добро наводнет, со две рекички кои се среќаваат во паркот; една од овие била канализирана, па така настанал Големиот канал.

Историја

уреди
 
Гравура на партерите според првичниот изглед. XVII век
 
Поглед на градините и дворецот

Некогаш ова било мал дворец кое се наоѓало помеѓу кралските дворци Вансене и Фонтенбло. Во 1641 поседот го купил Никола Фуке, амбициозен 26-годишен член на Парискиот парлеман.

По петнаесет години, Фуке станал главен финансов управник на кралот Луј XIV (министер за финансии) и тогаш започнала изградбата на најубавиот дворец во Франција. Во овој проект соработувале тројца генијални уметници кои Фуке ги имал избрано: архитектот Луј Ле Во, сликарот-декоратор Шарл Ле Брен и пејзажниот архитект Андре Ле Нотр.

За кратко време дворецот станал голем центар на префинети гозби, книжевност и уметност. Меѓе уметниците блиски на Фуке биле и поетот Лафонтен и драматургот Молиер. На самата инаугурација на дворецот била изведена пиеса од Молиер, заедно со вечера, организирана од Вател, заедно со импресивен огномет.

Дворецот бил раскошен, префинет, и маѓепсен по изглед, но и богат по задкулисна драма. Накратко по една славна прослава на 17 август 1661 со Молиеровата пиеса 'Les Fâcheux'. Прославата била премногу импресивна, а домот премногу лускузен, па Жан-Батист Колбер успеал да го наговори кралот дека овој сјај е финансиран од манипулација со јавните фондови. Колбер го уапсил Фуке, па го заменил како финансов управник. Подоцна Волтер за резимира славната прослава вака: „На 17 август, во шест навечер Фуке беше Крал на Франција: во два наутро тој беше никој и ништо“. Лафонтен исто така напишал опис на прославата, и накратко потоа и неговата Елегија за нимфите од Во.

По апсењето Фуке бил затворен доживотно, неговата жена била протерана, а Во ле Виконт бил конфискуван. По конфискацијата, кралот купил 120 таписерии, статуите, и сите портокалови дрва. Потоа пратил група уметници (Ле Во, Ле Нотр и Ле Брен) да проектираат проект многу поголем од Во ле Виконт: Версај, потоа последователно менуван од најголемите архитекти, како Жил Ардуен Мансар и Анж Жак Габриел, зголемувајќи го сѐ до Француската револуција.

Мадам Фуке си го вратила имотот по десет години и се повлекла да живе со најстариот син. По смртта на Фуке во 1680, синот исто така умрел. Во 1705 решила да го стави Во ле Виконт за продажба.

 
Големиот салон

Новиот сопственик станал маршалот Вилар, иако никогаш го немал видено местото. Во 1764 неговиот син го продал на војводата од Празлен, чии потомци го одржувале имотот во следните сто години. Замокот бил место на свирепо убиство во 1840-тите, кога тогашниот војвода од Шуазол-Празлен ја убил жена си во спална соба. По триесет години запоставување, дворецот повторно се нашол на пазарот. Во 1875 Алфред Сомије го купува Во ле Виконт на јавно наддавање. Дворецот бил празен, некои од помошните згради веќе биле руинирани, а славните градини биле сосема обраснати. Огромниот проект за реставрација и обновување ја започнал реномираниот архитект Габриел-Иполит Дестељо. До смртта на Сомије во 1908, дворецот и замокот го повратиле својот стар изглед. Неговиот син Едме Сомије и неговата снаа го завршиле проектот. Денес нивните потомци продолжуваат со работата на Во ле Виконт. Дворецот и понатаму е во приватна сопственост (на грофот од Вогуе) но бидејќи државата го назначила местото за историски споменик, тоа е отворено за посетители.

Карактер

уреди

Како и многу замоци во северна Франција, Во од трите страни е опколен со вода (шанец), со осен влезен дрворед кој продолжува по мост во отвореното предворие. Градбата е симетрична и цврство интегрирана, со малку издаден централен блок и павилјони по краевите, и две повратни крила кои се издаваат нанапред. Секој структурен елемент е потенциран со традиционални високи покриви со пирамидални завршетоци.

Одзади на градбата доминира нејзиниот издаден овален „Голем салон“ по средината кој се издига во полна висина на куќата, и е завршен со овална купола. Куќата го доминира нејзиниот подреден пејзаж кој се извива од густите околни шуми, со балансирана композиција на водни басени и канали во камени ивичници, фонтани, чакални патеки, и партери во разни шаблони кои сепак се покохерентни отколку огромната композиција на Версај.

Наводи

уреди
  1. Овој ефект е позабележлив денес, со веќе зрелите шуми, отколку во XVII век; местото пред тоа било обработлива површина, и насадите биле груби и нови.

Надворешни врски

уреди