Востание на Караташо Помладиот

Востание на Караташо Помладиот — востание против Отоманското Царство коешто избувнало во јужниот дел на етничка Македонија во 1854 година.[1]

Димитар Караташо Помладиот, од село Добра, Берско учесник во Негушкото востание од 1882 година, син на водачот на востанието Анастас Караташо Постариот, во време на Кримската војна (1853-1856), организирал ново востание во Македонија. Подготовките за востанието ги започнал во февруари 1854 г. со 500 востаници на кракот Касандра од Халкидичкиот Полуостров. Местото на нивна заклетва, се смета дека е малото островче на Спорадите - Кира Панагија.

Востание

уреди

Караташо, не бил непознат за Османлиите, неговите бунтовнички активности биле забележани уште во 1841 година. Според еден британски извештај од 17 март 1854 г., веќе се знаело за востаничките планови, во кој како водач е наведен Цами Караташо. Во Атина, се формирал Комитет кој собирал донации за помош на востаниците, кој не бил многу успешен, но сепак довел до Турско-Грчки преговори. На овие преговори, Турската страна предводена од Нешет-беј, поставила силен ултиматум до Грчката влада, претставувана од Пајкос, во кој се барало водачите: Цавелас, Зервас, Петрас, Караташо, Кондојанис, Папакостас, Вејкос, Караискакис и Басдекис, во рок од десет дена да ги повлечат во Грција и да им се суди. Одговорот на Пајкос, дека се работи за личности кои не се повеќе чиновници во службите, впрочем значел и одбивање на поставениот ултиматум. Ова ги заострило односите и осмалнискиот амбасадор, бил повлечен од Атина, на 21 март, 1854 г. Незадоволство од преговорите искажале и Франција и Британија, кои се заложиле дека ќе ги конфискуваат сите бродови кои ќе пренесуваат оружје во Македонија за востаниците.[2] Се смета, дека во овој период Караташо, сè уште бил на територија на Грција.

На 6 април, истата година добро подготвените востаници, главно Македонци, се истовариле на Лонгос (Каламици) и тргнале во воен поход на повеќе места во јужниот дел на Македонија, особено на Халкидик, при што во неколку наврати ја победиле турската војска, ослободувајќи притоа неколку поголеми села.[1] Борците биле натоварени на неколку помали бродови и најпрво се упатиле кон Сиќа (Зихненско), па Свети Никола. Во Сиќа ја извојувале првата победа против Османлиите. Според некои записи востаниците располагале со 6 топа. Француските и Британските весници, не задоволни од развојот на настаните, ги опишувале востаниците како разбојници, со цел да се влијае на јавното мислење дека, не се работи за бунтовни востаници туку за разбојници. Како и во секое друго востание, сигурно дека меѓу борците имало и разбојници, но тоа не го оспорувало фактот дека се работи за востаници.[2]

Крајот на востанието

уреди

За да го задушат навреме востанието, триилјаден аскер, со помошта на француската флота од три брода, еден сплав и три чамци, ги нападнале востаниците, чиј број до јуни 1854 г., се покачил на 1500 луѓе.[1] Текот на настаните во кои Франција отворено застанала на страна на Османлиите, го принудило Караташо да побара преговори со францускиот барон Русен, за да се повлече во Атина заедно со своите луѓе. Бидејќи Франција, сакала брза разрешница на овие немири, тие успеале да го убедат солунскиот паша, да ги олабави ригорозните мерки на османлиската морнарица.[2] Водачот на востанието, кој во документите се спомнува како главен шеф на Македонија, откако не успеал востанието да го прошири во внатрешноста на земјата, на 13 јули, 1854 година со дел од востаниците, на два француски брода се префрлил во Грција, по што наскоро востанието било задушено.[1]

Медиумите со осврт на востанието

уреди

Европската јавност, преку своите весници дала извештаи за ова востание. Дел од нив, очигледно не познавајќи ги настаните прават збрка на настани, но дел даваат речевантни информации за Караташо и востанието кое го предводел. За овие настани пишувале Француски, Британски весници, Убичини, како и Натанаил Кучевишки (кој во тоа време се наоѓал во Зографскиот манастир) и Караташо го именува како Кара Тоша, а подоцна го забележува дека неговото презиме е Чамов. Според Натанаил овие востаници биле Грци. Според тогаш угледното британско списание Gentelman's Magazine and Historical Review, востаниците имале успех и во Тесалија и во Македонија, но сепак претрпеле пораз. Минхенскиот Allgemeine Zaitung, во весникот издаден на 1 јули, 1854 г., известил за повлекувањето на Караташо од Халкидик. Неговото враќање во Грција, предизвикало голем интерес и во атинското списание на француски јазик Le Spectateur de L'Orient, во кое се изразило восхитување за настаните и храброста на Караташо да се спротивстави на Османлиите.[2]

Според англиски извори, по враќањето на Караташо во Атина, тој заедно со Теодорос Гривас и Папакоста Цамалас, издале документ во кој ја нападнале грчката влада, како виновна за неуспехот на востанието и ги обвиниле за странски поткуп за што побарале да им се спроведе и истрага.

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Македонски историски речник. Скопје: ИНИ. 2000. стр. 114–115. ISBN 9989-624-46-1. На |first= му недостасува |last= (help)
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Востанијата во Македонија. Скопје: УКИМ. 2015. стр. 475–511. ISBN 978-608-238-091-9. На |first= му недостасува |last= (help)

Литература

уреди
  • Востание на Караташо на Халкидик (1854) - Далибор Јовановски, Скопје, 2015
  • Ослободителните вооружени борби на македонскиот народ во периодот 1850–1878 - Ристо Поплазаров, Скопје, 1978
  • Οι επανα− σττασεις του 1854 και 1878 οτην Μακεδονια - Στεφανου Παπαδουπολου, Τεσαλονικι, 1970

Надворешни врски

уреди