Вооружен напад кај Гошинце (2015)
Вооружениот напад кај Гошинце се случил на 21 април 2015 година, за време на политичката криза во државата, кога вооружена група од околу 40-тина лица, претставени како припадници на албанската сепаратистичка организација Ослободителна народна армија (ОНА), околу 2:30 часот утрото ја нападнале караулата на македонската Гранична полиција, сместена во близина на селото Гошинце, оддалечено околу 4 километри од македонско-косовската државна граница. За време на нападот биле заробени четворица македонски граничари кои биле дежурни во караулата, ослободени по истиот. Две недели подоцна во Куманово се случува дводневна вооружена престрелка на македонската полиција против припадници на истата организација, во која загинуваат 8 македонски полициски службеници. Министерството за внатрешни работи на Македонија го осудило настанот за терористички напад.
Вооружен напад кај Гошинце | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Албански сепаратизам во Македонија, Политичка криза во Македонија (2015-2017) | |||||||
|
|||||||
Завојувани страни | |||||||
Гранична полиција | Ослободителна народна армија АНА |
||||||
Сила | |||||||
4 гранични полицајци | 40-тина терористи | ||||||
Заднина
уредиПолитичка криза
уредиВо средината на јануари 2015 година во Македонија започнува политичка криза поради која на ниво на цела држава се одржуваат низа протести против тогашната власт, а СДСМ во февруари истата година започнува со објавување на прислушкувани телефонски разговори, доказен материјал дека тогашната Влада на чело со Никола Груевски работела на партизираност на институциите, изборни манипулации, пресметка со неистомислениците, договарани апсења, провизии и рекет, расипничко трошење на буџетот и слично.[1] Поради тоа се појавиле и тврдењата дека нападот на караулата кај Гошинце е сценарио на тогашната власт за јавноста да се дефокусира од наводите за корупција.[2]
Напад на владината зграда од 2014
уредиВо 2014 година ОНА презела одговорност за Нападот на зградата на македонската Влада кој се случил на 28 октомври истата година. Имено, во 20:30 часот кон владината зграда биле фрлени две ракетни гранати. Во нападот немало повредени, а единствено биле оштетени ѕидовите и покривот на зградата. ОНА ја соопштила одговорноста за нападот преку соопштение објавено од телевизијата Алсат М.[3] Овој напад се случува само неполни 6 месеци пред нападот на караулата.
Дејствие
уредиНекаде околу 2:30 часот по полноќ на 21 април 2015 година, вторник, група од околу 40 лица, идентификувани како припадници на албанската сепаратистичка организација Ослободителна народна армија, одговорна за низа вооружени напади во Македонија и главна организација во воениот конфликт во 2001 година, ја нападнале караулата на Граничната полиција во близина на Гошинце, село населено од Албанци, сместено на оддалеченост од околу 4 километри од државната граница со Косово, административно дел од Општина Липково.[4] За време на нападот во караулата на дежурство работеле четворица македонски гранични полициски службеници. Кога успешно ја презеле караулата, напаѓачите ги разоружиле граничарите и на тројца од нив им ставиле лисици. Групата носела со себе камера со која бил снимен целиот настан. Според сведочењето на граничарите водичот на групата со помош на преведувач „којшто говорел на лош македонски јазик со србизми“ им соопштил: „Ние сме од УЧК. Пренесете на сите дека ниту Ахмети, ниту Груевски, не може да ве спасат. Ние сакаме наша држава и не сакаме никакви Охридски договори. Повеќе никој не смее да дојде нагоре“.[5] Групата го собрала оружјето кое било во караулата, како и радио-врските на полицајците, а нивните мобилни телефони им ги искршила. Пред да го напуштат местото на настанот, напаѓачите ги предупредиле на граничните полицајци за половина час по нивното заминување да ја напуштат месноста, во спротивно ќе бидат ликвидирани. Граничарот кој немал лисици ги одврзал останатите тројца колеги и пеш се оддалечиле од караулата. Граничарите се сеќаваат дека во еден момент додека пешачеле слушнале долг рафал од автоматско оружје. На крајот од неделата кога се случил нападот, полицијата спровела полициска акција во реонот на Гошинце и селата Брест и Малина Маала.[6] Во акцијата било запленето дел од оружјето користено во Гошинце.[7]
Последици
уредиНа 3 Мај 2015 година беше фрлена бомба врз зградата на Демократската унија за интеграција, партијата основана од раководството на ОНА.[8]
Немаше жртви или повредени.[8]
На 9 Мај вооружена група се судри со полицијата во Куманово.
Реакции
уредиМеѓународни
уреди- Европска Унија: Портпаролката на Европската унија, Маја Коцијанчич порачала дека ЕУ е загрижена за настанот во Гошинце. Таа во име на ЕУ воедно побарала од политичките партии во земјата да вложат напори за избегнување на зголемување на политичките или меѓуетничките тензии во земјата. Според неа, од суштинско значење е настанот да се реши на одговорен начин.
- Косово: Министерството за надворешни работи на Косово го осудило нападот врз полициската станица во Гошинце. Во соопштението се наведува дека веста за нападот била примена со голема загриженост. Во него исто така стои дека најостро се осудува секој акт на насилство врз органите на редот на Македонија и истовремено се апелира на професионална и нееднострана истрага. Официјална Приштина искажала подготвеност да им помогне на македонските авторитети за да се откријат сторителите на овој акт. „Република Косово како фактор на стабилност во регионот, останува во решеноста за унапредување на климата на добрососедство, почитувајќи ги суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, како соседна земја, како и целосната имплементација на Охридскиот договор“, стои во соопштението на косовското МНР.[9]
- Русија: „Со длабока загриженост го примивме соопштението за нападот на група вооружени лица врз граничниот пункт Гошинце на македонската страна од косовскиот дел на границата меѓу Македонија и Србија. Инцидентот на македонската граница покажува дека на овој дел од Балканот и натаму има длабоки етнички тензии и место за потенцијални конфликти. На оваа ситуација примарно влијание има сериозниот недостиг на владеењето на правото и безбедноста во Косово, што очигледно е последица на нерешениот косовски проблем како целина. Тоа повеќе не може да се игнорира, како и сè позачестеното присуство на велико албанските слогани. Се надеваме дека напорите на македонските власти да го врати редот во проблематичниот регион на земјата ќе ја добијат потребната меѓународна поддршка“, стои во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.[10]
Исход
уредиНападот завршил без потешко повредени или убиени. Караулата е вратена под контрола на македонските служби. На 26 април, неколку дена по нападот, полицијата спровела полициска акција во реонот на Гошинце и селата Брест и Малина Маала.[6] Во акцијата било пронајдено дел од службеното оружје кое било украдено од караулата кај Гошинце.[7] Како резултат на нападот, полицијата следела неколку лица осомничени за истиот во периодот од 27 април до 8 мај. На 9 мај полициски единици по судска наредба биле пратени на претреси во Диво Насеље во Куманово, поврзани со напаѓачите од Гошинце. Овде полицијата е нападната од вооружена група сместена во куќите на улицата каде што требал да се врши претресот. Оваа акција на полицијата завршува во дводневна вооружена престрелка во која загинуваат 8 припадници на специјалната полиција.[11]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Fears for Macedonia's fragile democracy amid 'coup' and wiretap claims“. Гардијан (англиски). 27 февруари 2015. Посетено на 27 ноември 2018.
- ↑ „Заев за Гошинце: Има силни индиции дека случајот е конструиран“. Фокус. 28 април 2015. Посетено на 27 ноември 2018.
- ↑ „'Liberation Army' Claims it Shelled Macedonian Govt“. BalkanInsight (англиски). 7 ноември 2014. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „МВР: Се случи државен терористички напад во липковско Гошинце“. Фокус. 21 април 2015. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „Инцидентот во Гошинце, според МВР, е терористички напад“. Радио Слободна Европа. 21 април 2015. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ 6,0 6,1 „МВР спроведува голема акција кај Гошинце“. Радио Слободна Европа. 26 април 2015. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ 7,0 7,1 „Јанкулоска-Пронајдено одземеното оружје од нападот во Гошинце“. Радио Слободна Европа. 27 април 2015. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ 8,0 8,1 „Bombom na sedište partije Ahmetija“ (српски). B92. 3 May 2015.
- ↑ „Приштина го осуди нападот во Гошинце“. Радио Слободна Европа. 22 април 2015. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „МНР: Москва загрижена за нападот на македонски пограничен пункт“. РИА Новости (руски). 22 април 2015. Посетено на 28 ноември 2018.
- ↑ „Презентирано обвинението за случајот „Диво Насеље"“. Радио Слободна Европа. 7 декември 2015. Посетено на 28 ноември 2018.
Според обвинителството, против осомничените за нападот врз полициската станица во Гошинце биле спроведени посебни истражни мерки, односно следење и прислушување, од 27 април до 8 мај“.
„На 9 мај, полицијата, постапувајќи по судска наредба, рано утрото дошла во кумановско Диво Насеље каде што требало да изврши претреси поврзани со кривично дело тероризам, за потрага и апсење по групата што ја нападнала станицата во Гошинце, рече обвинителот Наум Паноски. Според него, тогаш почнале нападите врз полицијата. Кон нив прво била фрлена рачна бомба, при што имало и повредени полицајци, а потоа вооружената група кон полициските сили почнала да пука и со автоматски и снајперски пушки. Вооружената група се предала утредента на 10 мај, а 18 луѓе од нив носеле маскирни униформи со ознаки на УЧК.
Надворешни врски
уреди- „Гошинце“. Македонска полиција. 22 август 2015. Јутјуб видео-снимка од интервенцијата и вршењето на увид по нападот.
- „Пронајдено украденото оружје од караулата во Гошинце“. Македонска полиција. 12 мај 2015.