Пират (грчки: πειρατής) — разбојник кој врши криминал на море, а понекогаш и на бреговите. Пиратството се појавило уште во античко време, но својот процут го достигнало во 17 век на Карибите, односно во Новиот свет. Денес пиратите најмногу дејствуваат на Тихиот и Индискиот Океан и претставуваат голем проблем за одвивањето на меѓународната трговија.

Во античкиот период постоеле пирати кои со своите брзи галии го тероризирале крајбрежјето на Средоземното Море. Уште од времето на Стариот Египет, тие вршеле кражби на бродови. Грците, Египќаните, Картагинците и Римјаните не биле во можност да обезбедат силни флоти, па пиратски заедници постоеле на многу острови. Во една прилика и Цезар бил заробен од пирати и задржан, сѐ додека не бил ослободен со откуп. Пиратството било честа појава, сѐ до 67 п.н.е., кога римскиот генерал Помпеј со околу сто бродови, спровел антипиратско чистење по што во Средоземјето било овозможено одвивањето на слободната трговија.

По пропаѓањето на Западното Римско Царство, како пирати најмногу се истакнале Викинзите, поморски народ од северна Европа. Тие со своите брзи дракари пловеле до Британија, Русија, Италија, Африка и Америка, вршејќи големи кражби на својот пат, во наредните неколку векови. Подоцна се ориентирале на трговија. (Дознајте повеќе)