Википедија:Избрана статија/2014/21
Ана Болејн (1501 или 1507 – 19 мај 1536) — кралица на Англија од 1533 до 1536 година како втора сопруга на кралот Хенри VIII, како и Маркиза од Пембрук. Поради нејзиниот брак со Хенри и подоцна нејзиното погубување, таа станува една од клучните фигури во политичките и религиските промени кои довеле до англиската реформација. Како ќерка на Сер Томас Болејн и Елизабета Хавард, Ана имала повисок статус од Катерина Прат, подоцнежната сопруга на Хенри VIII, но понизок од претходната — Катерина Арагонска. Била школувана во Европа како придружничка на кралицата Клаудија. Во 1522 год. Ана се вратила во Англија.
Во 1525 год., Хенри VIII се заинтересирал за Ана и се обидувал да ја заведе, но таа постојано го одбивала, не сакајќи да биде негова љубовница како сестра ѝ, Марија Болејн. Поради тоа, тој сакал да го поништи неговиот брак со Катерина Арагонска, за да може да се ожени со Ана. Кога станало јасно дека папата Климент VII нема да го поништи тој брак, започнал распадот на римокатоличка црква во Англија.
Кардиналот на Јорк, Томас Вулзи, бил отстранет од својата должност, наводно поради инсистирањата на Ана Болејн, за подоцна Томас Кранмер, капланот на семејството Болејн, да стане Кантербериски архиепископ. Хенри и Ана се венчале на 25 јануари 1533. Кранмер го поништил бракот на Хенри и Катерина, a 5 дена подоцна бракот меѓу Хенри и Ана го прогласил за важечки. По ова, папата ги казнил Хенри и Кранмер со изопштување од црквата. Поради исклучувањето и бракот, црквата на Англија се разделила од Рим, а контролата ја презел кралот. (Дознајте повеќе...)