Википедија:Избрана статија/2012/24
„Владетелот“ (италијански: Il Principe) — политичка расправа од фирентинскиот чиновник и политички теоретичар Николо Макијавели. Била напишана во 1513 година, и првобитно била насловена „За кнежевствата“ (De Principatibus). Но, книгата не била издадена сè до 1532, пет години по смртта на Макијавели. Оваа расправа не е претставителна за неговиот творечки опус издаден додека бил жив, но е најпрочуената, како делото одговорно за создавање на поимот „макијавелистички“, како термин со негативна смисла. Некои критичари сметаат дека делото е всушност сатира., но ова е спорно.
Делото го проучува стекнувањето на власт, зацврстувањето на неа и употребата на власта. Макијавели не го предвидел делото како академска расправа по политичка теорија, туку за да покаже дека е голем државник, советувајќи како еден владетел да дојде на власт и како да ја задржи власта. Макијавели го оправдувал владеењето со сила наместо со закони. Според ова, „Владетелот“ оправдува низа постапки извршени со единствена цел за зацврстување на власта. Ова е класична студија за власта — нејзиното стекнување, експанзија и нејзина делотворна употреба.
Идеалите на Макијавели за управувањето со државата биле од големо значење за делата на политичките водачи. Макијавели е претставен како лик во поговорот на делото „Малтешкиот Евреин“ од Кристофер Марлоу. Кралот на Прусија, Фридрих Велики упатил остри критики кон Макијавели во неговото дело „Антимакијавели“, издадено во 1740 година. На неколку наврати во животот, Наполеон Бонапарт пишувал опширни коментари за „Владетелот“. По поразот кај Ватерло, овие коментари биле пронајдени во царската кочија и одземени од пруската војска. (Дознајте повеќе...)