Википедија:Избрана статија/2007/51
Јане Сандански, познат како Пиринскиот цар, Сандан паша и Старикот (18 мај 1872 - 10 април 1915) — истакнат македонски револуционер, војвода и раководител на Македонската револуционерна организација.
Роден е во селото Влахи, Пиринска Македонија, во семејството на Иван Сандански. Во текот Руско-турската војна од 1877 година, а неговите родители и соселани биле принуден да избегаат во Горна Џумаја. Знаменосец на една од македонските чети кои во Кресненското востание, бил неговиот таткото. По задушувањето на востанието, семејството Сандански се засолнило во Дупница, каде што го минал детството. Завршил основно училиште и два класа од прогимназијата, подоцна станал кондураџиски чирак и му помагал на својот татко во полските работи. Во 1892 година, бил регрутиран во бугарската армија. По завршувањето на воената служба станал молбописец, кај својот чичко Спас Харизанов, адвокат и поранешен македонски учител.
Во април 1901 година, за првпат, со 8-члена чета агитирал во името на Организацијата. Истата година, Сандански и Чернопеев во Разлошко, решиле да го грабнат д-р Хаус, протестански мисионер од Солун. Меѓутоа тој го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестанската мисионерка Мис Стон која се наоѓала во Банско. Целата акција се усложнила и траела шест месеци. На 31 јануари 1902 бил платен откупот, а на 23 февруари 1902 година грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во село Градошорци. Внатрешната организација презела енергични мерки против врховистичката агитација. Од левата страна од Струма, околу Пирин, борбата против врховизмот ја предводел Сандански. Во Делвино, тој пред селаните кристално јасно ги претставил идејните разлики помеѓу двете организации. Истата агитација, Сандански ја повторил и во селата Марлево и Хрсово. Но и покрај силниот отпор на Внатрешната организација, на 22 септември (стар стил) 1902 година започнало т.н Горноџумајско востание. Подготовките за востанието во Серскиот револуционерен округ ги започнал Гоце Делчев, а по неговата смрт тие продолжиле под раководство на Сандански. На Крстовден, 27 септември здружените сили на Јане Сандански и Цончев се нашле пред Свети Врач со намера да го нападнат турскиот гарнизон. Меѓутоа тие биле следени од аскер и башибозук од 2000 души и затоа се утврдиле за да започнат битка. Но одредот на Сандански и Цончев бил обиколен од сите страни и затоа ноќта се повлекле. Планот за напад на гарнизонот во Свети Врач пропаднал, Сандански се повлекол кон Кресна.