Википедија:Избрана статија/2007/40
Народно Ослободителниот Фронт (НОФ) е политичка и воена организација на Македонците од Егејска Македонија (Грција). Организацијата е активна во периодот од 1945 до 1949 година, односно непосредно пред и за време на Граѓанската војна во Грција.
По ослободувањето на Грција, и потпишувањето на договорот од Варкиза за разоружување на ЕЛАС, почнува да излегува на површина тензијата меѓу левите сили и владата поддржана од Велика Британија околу прашањето за властта во пост-воена Грција. Заради дијаметрално спротивните позиции на двете страни, нема никакви знаци за постигнување на консензус за возможна политичка стабилизација на државата.
Додека КПГ седи на преговарачка маса со цел по демократски пат да постигне дел од своите цели во рамките на политичкиот дијалог, во Северна Грција се активираат десничарски банди, кои, потпомогнати од владини сили, го тероризираат етничкото Македонско население, обвинувајќи го за автономистичка и сепаратистичка дејност. Иако за време на окупацијата “Батаљоните за сигурност“ (Тагмата Асфалиас) се соработници со фашистите, британската интервенција и Грчката влада не ги расформираат, ниту ги гонат, туку напротив - им ги опростуваат гревовите направени во Втората светска војна и ги искористуваат како орудие за борба против левичарите и етничките малцинства. Така, на пример, ЕДЕС на Наполеон Зервас потпомогнат од единици на Тагмата вршат геноцид и егзодус на етничкото албанско население во јужен Епир и Чамерија. Истото го прават и во десетина Македонски села во Костурско и Воденско...