Википедија:Избрана статија/2007/38
Леонард Норман Коен (роден на 21 септември 1934 година во Квебек) е канадски кант-автор, поет и романсиер. Коен ја објавува својата прва збирка поезија во Монтреал во 1956, а својот прв роман во 1963 година.
Раните песни на Леонард Коен (најголем дел од кои се дел од албумот Songs of Leonard Cohen од 1968) се под влијание на европските фолклорни мелодии и се испеани со специфичен висок баритонски глас. 1970-тите се период во кој неговата музика ќе остави длабок печат врз развитокот на попот, кабаретскиот стил и светската музика, притоа останувајќи исклучително оригинална и некомерцијална. Од 1980-тите до денес, Коен, во интерпретацијата на своите песни користи многу подлабок глас (бас-баритон), најчесто придружен од синтисајзер и женски вокален хор.
Неговото творештво најчесто ги истражува религијата, осаменоста, сексуалноста и сложените меѓучовечки односи. Коеновата музика и поезија има влијаено врз многу уметници и повеќе од илјада препеви и преработки на неговото творештво се досега забележани. Член е на Куќата на славните канадски музичари, како и на Куќата на славните канадски текстописци; носител е и на медалот Редот на Канада, највисокото признание што може да го добие еден канаѓанин.