Бучишта (Велмеј)
„Бучишта“
| |
Местоположба | 41°17′46″N 20°52′38″E / 41.29611° СГШ; 20.87722° ИГД |
Основни податоци | |
---|---|
Место | Велмеј |
Општина | Дебрца |
Тип | |
Период | доцноантичко време |
старохристијанско време | |
Портал „Археологија“ |
Бучишта — археолошко наоѓалиште во охридското село Велмеј, Општина Дебрца. Претставува населба со некропола од доцноантичко време и старохристијанска базилика.
Местоположба
уредиСе наоѓа на околу 3 км северозападно од селото, на просторот во близината на крстосницата од меѓуселските патишта Горно Велмеј-Горно Средоречие-Оздолени. Претставува издолжена тераса која кон запад постепено се спушта кон Средоречко Поле. Северозападно од оваа положба на наоѓалиштето се издига планината Зла Страна, северно е Пашина Горица, а источно врвот Попски Лазој.[1]
Опис и наоди
уредиПо површината се среќаваат купишта камења, фрагменти од градбена керамика и керамички садови од античкото и доцноантичкото време, па и од раниот среден век. По средината на теренот, во правец североисток-југозапад, од поројниците е создаден трап во кој и денес се забележуваат остатоци од ѕидови кои образуваат четвртеста просторија (дел од терми, хипокауст — според В. Лахтов) и многуброен керамички градбен материјал (тули со дебелина до 5 см).
Околу 20 м јужно од оваа просторија, во трапот се забележуваат остатоци од уште еден ѕид во правец исток-запад. На околу 100 м источно од трапот се наоѓа мало бунарче — денес чешмиче во чија близина, северно, на просторот од нивата на Велјан Нечески од истото село е регистрирана некропола. Гробови со насоченост север-југ се забележани и во нивите на сожителот Јонче Пашоски. Во еден од гробовите биле најдени железни предмети (клешти, длета и др., според В. Лахтов). Во непосредната близина се наоѓа и месноста Црница каде што на просторот од нивата на Војне Николоски се пронајдени урнатини од старохристијанска црковна градба со поголеми димензии. Сето тоа зборува за моќна доцноантичка населба со значајни јавни и сакрални градби.[1]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 241. ISBN 9989-649-28-6.