Буковски манастир
Буковски манастир — православен манастирски комплекс, сместен во атарот на битолското село Буково.
Стара грчка фотографија на целиот комплекс | |
Информации | |
---|---|
Манастир на: | МПЦ - ОА |
Основан | 1837 |
Посветен на | Преображение |
Епархија | Преспанско-пелагониска |
Цркви | „Св. Преображение“ |
Личности | |
Место | |
Место | село Буково, Општина Битола, Македонија |
Координати | 40°59′06″N 21°19′45″E / 40.98500° СГШ; 21.32917° ИГД |
Видливи остатоци | порта, црква, конаците, камбанарија, археолошко наоѓалиште, спомен соба и др. |
Отворен за јавноста | да |
Други информации | (Буковска парохија) |
Манастирот се наоѓа на околу 2 км над селото Буково, на доминанатна височинка опкружена со густа шума. До манастирот се доаѓа од правецот на селото Буково, но можно е да се пристигне и од селото Крстоар по тесниот асфалтен пат кој поминува покрај Крстоарскиот манастир. Комплексот се состои од манастирската порта, црквата, конаците на два ката, со кујната и трпезаријата, камбанарија, археолошко наоѓалиште, спомен соба и уште неколку други помошни објекти. Манастирот денес не е активен, но историските сведоштва кажуваат за повеќевековно опстојување како еден од поголемите монашки и духовни центри во битолско. Како резултат на залагањето од страна на верниците и црковните претставници, во последните години привршена е реконструкцијата на конаците. Со тоа се создадени услови за повеќедневен престој во овој прекрасен амбиент. За време на грчката верска и вооружена пропаганда во Македонија од 1904 до 1908 година, Буковскиот манастир заедно со тогаш гркоманското село Буково бил главна база на андартите во Пелагонија.[1]
Објекти
уредиЦрква
уредиЦрквата Преображение Христово или Св. Сотир, е изградена во средината на комплексот ограден со камени ѕидови. Со својата содржина и квалитетот на изведбата е еден од најрепрезентативните споменици од ваков тип во потпелистерскиот регион. Архитектонски, претставува тип на градба во комбинација на трикорабна базилика и впишан крст со купола која се издигнува од централниот дел на храмот. На источната фасада доминира седумстраната апсида. Впечатокот за јужната и северната фасада го надополнуваат по четири правоаголни прозорски отвори. Со внатрешноста на храмот се комуницира преку влезовите поставени на јужната, западната и северната страна. Над западниот влез е исклесан поопширен натпис во кој се споменува годината 1837 како време на завршување на изградбата. Во наосот вниманието го привлекуваат масивните столбови, оформени од по 10 до 12 кружни камени прстени. Тие се поставени во два надолжни реда од по четири столбови, меѓусебно поврзани со полукружни арки. На тој начин се потпрени разиграните сводни површини од трите издвоени кораби. Куполата се издигнува над четирите пандантифи од местото каде се вкрстуваат полукружните сводови. Низ осумстраниот тамбур, осветлувањето е обезбедено со прозорци. На масивните ѕидни површини во внатрешноста не се сочувани траги од живопис. Иконостасот, претставува висока преграда со три а во средишниот дел и со четири реда од икони. Направен е во комбинација со делови од постар иконостас во резба, кој потекнувал од постарата фаза, чија судбина не ни е позната. Иконите се сликани во период од приближно педесет години. Според натписите, можат да се датираат во 1862, 1881 а еден дел се сликани во 1908 година. Стилската анализа на иконите наведува на заклучоци дека се дела на локални зографи, кои твореле на овие простори во втората половина на 19 век. Многу значајна содржина на храмот е целиванието украсено со резба. Ова дело со високото ниво на уметничка обработка и многуте претстави изрезбани на мал простор, претставува вистински репрезент на достигнувањата во доменот на дрвената резба, од првата половина на 19 век во битолско и пошироко.
Конаци
уредиВо комплексот има конаци кои се реноварини во поново време и слушат за посетители.
Археолошко наоѓалиште
уредиВо дворното место на манастирот постои археолошко наоѓалиште од типот на базилика од старохристијанско време. Тука биле откриени повеќе мермерни споменици, и тоа: фрагмент од стебло на столб, прозорско мено вградено во конакот, мермерна база и помало мермерно столпче. Веројатно на оваа локација се наоѓала старохристијанска базилика.[2]
Наводи
уреди- ↑ Силянов, Христо. Освободителните борби на Македония, том II, София, 1943, стр. 212.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
„Буковски манастир“ на Ризницата ? |