Блаженства

искази на Исус Христос во Беседата на гората

Блаженства — збир заповеди (или препораки) на Исус Христос изречени во Беседата на гората и Беседата на рамницата претставени во евангелијата по Матеј и по Лука. Заповедите се проследени од предупредувања („тешко вам“) за оние чие поведение е спротивно на нив.

Икона со Блаженствата, пред XVIII век.

Според христијанското учење, блаженството е среќа, задоволство или благосостојба што настапува како последица од извршувањето на моралниот закон и духовното усовршување[1].

Постојат различни мислења за тоа колку блаженства се содржани во евангелијата. Православните сметаат дека ги има девет, додека пак западните христијани ги нарекуваат „осум блаженства“, спојувајќи ги последните две кај Матеј во едно блаженство.[2][3] Во тоа евангелие, Исус споменува група луѓе кои вообичаено се сметаат за неблагословени и ги прогласува за блажени.[4]

Матеј 5,3–12

уреди

Деветте блаженства во Евангелието по Матеј се следниве:[5]

3 Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!,
4 Блажени се оние што плачат, зашто тие ќе се утешат!
5 Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата!
6 Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат!
7 Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!
8 Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!
9 Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!
10 Блажени се гонетите заради правда, бидејќи нивно е царството небесно!
11 Блажени сте вие, кога ќе ве срамат и прогонуваат и кога лажно ќе говорат против вас секакви лоши зборови – за­ради Мене!
12 Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата! Така ги гонеа и пророците што беа пред вас.

Блаженствата што се јавуваат само кај Матеј се оние за кротките, милостивите, чистите по срце и миротворните, а останатите се јавуваат и кај Лука, со тоа што во вториот случај тие се проследени со предупредувања за други групи.[6] Кај Матеј се спомнуваат „бедните по дух“, што се смета за продуховување на нивната несреќа (во склад со наговестеното во Исаија 61)[7] додека пак верзијата на Лука се задржува на нивните конкретни маки, сиромаштијата, осудувањето и презреноста кои тие еден ден победнички ќе ги надминат.

Лука 6,20-22

уреди

Четирите блаженства во Евангелието по Лука се изречени во Беседата на рамницата, и гласат вака:[8]

20А Тој, откако ги подигна очите кон учениците Свои, им говореше:

„Бла­же­ни се бедните по дух, зашто ваше е царството Божјо!.
21 Блажени сте вие, што сега гладува­те, зашто ќе се наситите!.
Блажени сте вие, кои сега плачете, зашто ќе се сме­ете!.
22 Блажени ќе бидете кога ќе ве намразат луѓето и ќе ве отфрлат и ќе ви на­несат срам, и ќе го разгласат името ва­ше како лошо, заради Синот Чо­вечки!.

Потоа следи стихот во Лука 6,23: „Зарадувајте се во оној ден и заиграј­те, зашто голема е наградата ваша на небото. Зашто и нив­ните тат­ковци така постапуваа со пророците!“, кој се чини напореден на стиховите во Матеј 5,11–12.

„Тешко вам“

уреди

По ова следат четирите предупредувања во Лука 6,24–26[9]

24 „Но тешко вам богати, зашто веќе сте ја примиле својата утеха!.
25 Тешко вам презаситени сега, зашто ќе огладните!
Тешко вам што се смеете сега, зашто ќе заридате и ќе заплачете!.
26 Тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас. Зашто и нив­ните татковци така им правеа на лаж­ните пророци!

Овие предупредувања се различни од оние изречени во Критика на фарисеите, која се јавува подоцна во Лука 11,37-54.

Анализа и толкување

уреди
 
Црква на Блаженствата, изградена на местото каде се одржала Бесадата на гората.

Секое блаженство се состои од два исказа: состојба и последица. Во речиси сите случаи, овие искази се познати од старозаветен контекст, но во Беседата на гората Исус ги воздигнува на повисок степен. Тие претставуваат идеали за љубовта и скромноста наспроти силата и наметливоста, кои се неговите највисоки идеали — духовноста и сочувството.[6]

Кроткост

уреди

Поимот „кротките“ е познат од Стариот завет, како на пр. во Псалм 36,11. Иако блаженството за кротките е предмет на пофалба дури и од нехристијани како Махатма Ганди, некои имаат поинаков став за оваа заповед. Во Генеалогија на моралот, Фридрих Ниче ја смета оваа заповед за пример „ропскиот морал“ што го проповеда христијанството.[10]

Милостивост

уреди

Блаженството за милостивост е одразено во христијанското учење за важноста на милостињата, која има плотна (телесна) и духовна вредност.[11]

Миротворност

уреди

Поимот „миротворците“ се толкува не само како оние кои живеат во мир со другите, туку и тие што се залагаат за пријателство помеѓу луѓето, народите и човекот со Бога. Светиот отец Григориј Ниски (IV в.) го разбира овој стих како благочестиви дела, кои го следат примерот на Бога во неговата љубов кон човештвото.[3][11] Англискиот методистички богослов Џон Весли (XVIII в.) вели дека миротворците ги помируваат луѓето во меѓусебната зајаденост, ги омекнуваат нивните души и, по можност, се трудат да ги помират луѓето; дека со сите свои способности настојуваат да го зачуваат мирот, и да го возобноват онаму каде што е нарушен.[12]

Беда по дух

уреди

Во светоотечките толкувања под „бедни по дух“ се подразбираат оние кои се трудат да ја постигнат најважната христијанска доблест — смирението; оние кои не му е противат на Божјиот дух со својата гордост, туку се отворени да го спознаат Бога преку верата. Св. Јован Златоуст (IV-V в.) во беседата од XV толкување на Евангелието по Матеј вели: „Што значи бедни по дух? Смирените и покајаните во срцето“[13]. Со ова толкување се согласува и св. Филарет Московски и додава дека „телесната беда може да послужи кон совершенството на духовната беда, ако христијанинот ја избира доброволно, за Бога“[14]. Блажениот Јероним Стридонски (IV-V в.) во Толкувања на Евангелието по Матеј го сопоставува овој цитат со Псалм 33,19 и укажува на тоа што Господ не проповеда материјална беда, туку духовна, зборувајќи за луѓето кои се бедни по волја на Светиот Дух. Исто така, Јероним вели дека Спасителот говорел преку Исаија за духовната беда: „Духот на Господ Бог е врз Мене, зашто Господ Ме помаза за да им благовествувам на бедните“ (Исаија 61,1)[15]. Св. Игнатиј Брјанчанинов (XIX в.) во својот труд Аскетски обиди вели дека бедата по дух е смиреното сфаќање на себеси, предизвикано од видението за падот на човештвото. Светецот посочува и дека „бедата по дух го раѓа следното блаженство: ,плачот’. ,Плачот’ е благочестивата тага на верните души, која се гледа во огледалото на Евангелието, гледајќи ги во него своите безбројни грешни дамки“[16].

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Таковски, Јован, протојереј (1999). „Терминологија од областа на теологијата“ (PDF). Македонска терминологија. Скопје: МАНУ. 102 (4): 18.
  2. Aune, David Edward (2003). The Westminster Dictionary of New Testament and early Christian literature. стр. 75–78. ISBN 978-0-664-21917-8.
  3. 3,0 3,1 Beatitudes. Catholic Encyclopedia. Посетено на September 5, 2013.
  4. Majerník, Ján; Ponessa, Joseph; Manhardt, Laurie Watson (2005). The Synoptics: Matthew, Mark, Luke. Steubenville, OH: Emmaus Road. стр. 63–68. ISBN 1-931018-31-6.
  5. Матеј 5,3-12
  6. 6,0 6,1 Plummer, Rev. Arthur (for entry "Beatitudes") (1898). Hastings, James; Selbie, John A; Davidson, A B; Driver, S R; Swete, Henry Barclay (уред.). Volume I: A–Feasts. Dictionary of the Bible: dealing with its language, literature, and contents, including the Biblical theology. Edinburgh: T&T Clark. стр. 261–262. ISBN 1410217221 – преку Google Books.
  7. The Oxford Companion to the Bible, Ed. Metzger and Coogan, 1993 p. 688 ISBN 0-19-504645-5
  8. Лука 6,20-22
  9. Лука 6,24-26
  10. Ниче, Фридрих (2015) [1887]. Генеалогија на моралот. Скопје: Арс студио. ISBN 978-608-239-047-5.
  11. 11,0 11,1 Jegen, Carol Frances (1986). Jesus the Peacemaker. Kansas City, MO: Sheed & Ward. стр. 68–71. ISBN 0-934134-36-7.
  12. Wesley, J., 'Upon Our Lord's Sermon On The Mount: Discourse Three', Sermon 23
  13. «Беседы на Евангелие от Матфея».
  14. Святитель Филарет Московский. „Пространный Православный Катехизис Православной Кафолической Восточной Церкви“.
  15. Блаженный Иероним Стридонский. „Толкование на Евангелие от Матфея“.
  16. Святитель Игнатий Брянчанинов. „Аскетические опыты“.

Надворешни врски

уреди