Асен Групче
Асен Групче (Софија, Бугарија, 27 октомври 1919 - Скопје, 20 јуни 2002) — македонски правник, судија, публицист и научен работник[1].
Животопис
уредиГрупче е роден на 27 октомври 1919 година во Софија, Бугарија. Основно и средно образование завршил во Охрид и Битола. Во 1938 година се запишал на правни студии во Белград, кои ги завршил во Софија во 1942 година. Групче бил активен учесник во Народноослободителното движење во време на Втората светска војна. Пред крајот на војната, во 1944 година бил секретар на Месниот комитет на КПМ и секретар на Народноослободителниот одбор во Охрид. Нешто подоцна учествувал во органите на Обласниот народноослободителен одбор во Крушево и во Битола. Групче во својот работен век бил на разни управни и правосудни должности, како: началник на одделение во Поверенството за правосудство на Македонија, секретар на Окружниот одбор во Охрид, член на Контролната комисија на Македонија, началник на Одделението за законодавство и народна власт при Владата на Македонија. 1947-1948 година - потпретседател на Врховниот суд на Македонија; 1952 г. претседател на Врховниот суд на Македонија; 1963 г. судија во Уставниот суд на Југославија; 1971г. член а потоа претседател на Уставниот суд на Македонија. Што се однесува на неговиот наставно - научен развој, во 1949 и 1950 година е на постдипломски студии на Институтот за општествени науки во Белград, каде што, главно се посветува на политичко економските студии, магистрирајќи по економски науки на почетокот на 1951 година. По враќањето од постдипломските студии, проф. д-р Групче бил наставник по политичка економија на новоформираниот Правно-економски факултет во Скопје. а потоа ја презел должноста наставник по граѓанско право, определувајќи се за облигацнионото право како дел од таа правна гранка. По завршувањето на мандатот во Уставниот суд на Југославија во 1971 година и враќањето во Македонија, проф. Групче повторно се вратил на Правниот факултет како наставник, преземајќи други два дела од граѓанското право, и тоа општиот дел и стварното право. Починал во Скопје на 20 јуни 2002 година[2].
Библиографија
уреди- Граѓанско (имотно) право - I дел, Општ дел, учебник, Скопје, 1976, 1983.
- Граѓанско (имотно) право - II дел; (Стварно право), учебник, Скопје, 1976 и 1985.
- Службеностите во современото југословенско право, Скопје, 1972.
- Земјишта и води во општествена сопственост како предмет на правото на користење, Скопје, 1973.
- Десет години на уставното судство во Социјалистичка Југославија, 1974.
- Поглед кон новите промени на подрачјето на имотното право на Република Македонија, Скопје, 1995.
- Некои актуелни теориски аспекти на сопственоста како правна категорија, Скопје, 1996/98.
- Културниот живот и творештво во Охрид и Охридско во 20 век, Скопје, 1998
- Педесет години развој и промени во системот на сопственосните облици во Македонија (уставни концепции и законски разработки), Скопје, 1998.
- За некои актуелни аспекти на сопственоста врз земјоделското земјиште, Скопје, 2000.
Наводи
уреди- ↑ ЗБОРНИК ВО ЧЕСТ НА АСЕН ГРУПЧЕ : Скопје, Правен Факултет, 2001
- ↑ „Завчера во Скопје Почина проф. д-р Асен Групче“. Утрински Весник. Архивирано од изворникот на 2016-03-05. Посетено на 2011-01-23.