Антонио Неделковски

Антонио „Тони“ Неделковски (Скопје, 1 јануари 1971 - Вуковар, Хрватска, 17 ноември 1991) — македонски војник во ЈНА. Неговата смрт, покрај таа на Сашо Гешовски, стана симбол за залудното гинење на Македонци во воените конфликти кои избија во 1991 година во СФРЈ. Загинал на 19-годишна возраст во боиштата во Вуковар.

Животопис

уреди

Неделковски завршил училиште за металуршки техничар, но тој период, од скопската Железарница работите тргнаа удолу, па Тони, преку Студентската задруга се вработил на Клиниката за трауматологија во Скопје. Оние што го познавале велат: детето имаше мила ѕвезда. Бил „оган“ момче и на Клиниката сите го засакале, а раководстото му ветило постојано вработување. Затоа момчето побрзало да го отслужи воениот рок и да влезе во позрел живот, со што на родителите - работници ќе им помогне да ги доодгледаат другите три деца.

На 16 декември 1990 година аминал војник во Панчево, тогаш СР Србија. Потоа, како примерен војник, го испратиле на курс за војска во Ќуприја. Во мај 1991 година повторно се вратил во матичната касарна во Панчево. Таму, во специјалните единици останал со средината на октомври 1991 година. На 15 октомври е префрлен во боиштата во Вуковар, еден месец подоцна загинува. Убиен е на 17 ноември 1991. Два дена подозна семејството е известено за случајот, а на 20 ноември телото е донесено во Скопје, за да биде погребано наредниот ден. Официјалната верзија на ЈНА за смртта на Антонио Неделковски е дека загинал од снајпер во селото Митница, Хрватска. Меѓутоа, за неговата смрт постојат повеќе верзии. Според една загинал додека се одморал и шлемот му бил во рацете. Според друга, бил убиен додека ја местел антената за да воспостави врски со командата. Третата верзија, пак, вели дека Тони го разнела гранатата. Меѓутоа, ниту таткото Славко, невработен угостител, ниту мајката Лилјана, работничка во „Макпетрол“, не веруваат во ниедна верзија. Тони имал рана само во слепоочницата. Излезната рана над тилот била поголема. Друга рана немал. Повод за сомнеж им дава и фактот што како никогаш порано, непосредно пред смртта, ноктите на рацете му биле неисечени најмалку еден месец. Поради писмата што семејството ги добивало, таткото Славко не дозволил на погребот да присуствуваат претставници од ЈНА и да има почесна стрелба. Им рекол: на детето доста му пукаа во животот, барем во гробот нека оди спокојно. Наместо стрелачки вод, си повикал шест попови.

Момчињата што служеле со Тони ми рекоа дека ноќта кога го однеле во Вуковар, ги разбудиле со тревога, но без оружје. Ги натовариле во камиони во кои ги чувале вооружени резервисти што цело време си пиеле ракија. Ги однеле во Шид. Таму целата единица ја вооружале. Потоа, со хеликоптери ги префрлиле до Пакрац, каде ги поделиле на групи и ги упатиле кон Негославци, Матница, Врачара, Овчара и други места кај Вуковар. Марко Андонов од Струмица, дете што останало без левата рака, ми кажуваше како кај Вуковар поделената единица на Тони, ноќ и ден пукала пеѓусебно, додека н да се препознаат. Оние што не сакале да пукаат, по казна ги испраќале во извидница, а од таму никој не се вратил жив. Други, пак, ако се обиделе да бегаат, бргу ги стасувал куршум, сеедно дали од резервистите што оделе зад регуларните единици или, пак, од противниците - вели таткото Славко.

Седумте писма што мајката ги добиле од синот од Вуковар се потресни. Меѓу нив има и една разгледница. Но, само адресата на неа е напишана од раката на Тони, другото е напишано од некој старешина. Војничките другари на Тони тврдат дека такви разгледници добил секој војник кога стасале во Вуковар и морал да ја напише адресата. Дваесет дена по погребот, од непознат испраќач семејството добило писмо со документите на Тони. Во него имало и дневник што Тони си го пишувало.

„Ме донесоа со мојата единица да се борам, но не знам за кого и зошто... Не е право што сум донесен овде. Ми се ближи време за дома. Дневникот го пишувам за себе. Кога ќе дојдам дома, да се сетам и низ што поминав... дали ќе си дојдам во мојата Кисела Вода, да ги видам мама, тато, сите...“

— Антонио Неделковски во неговите записи

На задната страница на дневникот, Тони ја преепеал „„Т'га за југ““, во „Т'га за Скопје“. Врз состојбата на војничињата во Вуковар извесна светлина фрла и размислата на Јованче од Припор, војнички другар на Тони. Додека војуваме, на фронтот немаме старешина со поголем чин од капетан. Беа тоа се млади луѓе. Кога падна Вуковар, од генерали и други високи офицери немаше човек каде се помоча. На еден ѕид во Вуковар некој беше напишал: Да живее Македонија - бисер балкански. Еден таков генерал нареди да не стрелаат сите Македончиња, ако графитот не го избришеме за пет минути.

Еден ден по погребот на Тони, до неговото семејство стаса последното писмо, напишано на шест ливчиња тоалет - хартија. Писмото го објавивме тие денови. Денес, поради неговата стравотна порака, уште еднаш го пренесуваме:

„Јас сум мамо, во Хрватска. Еве 27 дена. Не донесоа тука од Панчево. Требаше да си дојдам, но ми продолжија уште 60 дена. Јас сум веќе за нервно. Оваа војска стана веќе одвратна. Предавства насекаде. Ако има каков било начин, спасете ме одовде. Тато веќе не може да се издржи. Војна е, тато. Се гине. Не сакам тоа да пишувам, поради мама. Многу мои другари загинаа, незнаејќи зошто и за кого. За чиј интерес. Ако е можно, извадете ме од овој пекол. Ете, мамо, тоа е нашата војска. Ете до каде дојде. Најди, мамо, од докторот потпис и печат дека морам да си дојдам. Примете многу поздрав од Тони. Вашиот син кој не знае за кого војува. Без грижи, мамо, и немој да им кажувате на моето братче и сестриче, на Бобан и Таци. Тато, ако можеш направи нешто за твојот Тони! Многу поздрав, Тони.“

— Антонио Неделковски во последното писмо, кое стасало ден по погребот.[1]

Во конфликтите кои започнаа во СФРЈ загинаа над четириесетина македонски војници кои се најдоа во редовите на некогашната ЈНА.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Татковино, за што загинавме?“, Македонска книга 2002, стр. 76 - 79