Американски снајперист (филм од 2014)
Американски снајперист (англиски: American Sniper) е американски филм од 2014 година, режиран од Клинт Иствуд. Главните улоги ги толкуваат: Бредли Купер (Bradley Cooper), Сиена Милер (Sienna Miller), Кајл Галнер (Kyle Gallner) итн. На 87. доделување на наградите „Оскар“, филмот имал шест номинации, но освоил само една награда - за звучна монтажа.[1]
Содржина
уредиФилмот е снимен според вистинска приказна за најуспешниот снајперист во американската историја. Крис Кајл (го игра Купер) живее во мало провинциско место во Тексас и одвреме-навреме учествува на натпреварите во родео. Уште како дете, тој се одликувал со неверојатна прецизност при пукањето со пушка. Еден ден, поттикнат од телевизиската репортажа за терористички напад врз американската амбасада, тој одлучува да стане дел од американските специјални сили „Фоки“ и да се вклучи во борбата против тероризмот. Додека поминува низ тешката обука, во еден бар Крис ја запознава убавата девојка Таја (ја игра Милер) која набрзо ќе му стане жена. Веднаш по женидбата, Крис е испратен на задача во Ирак, каде многу брзо стекнува статус на легенда во редовите на американската војска, поради големиот број успешни погодоци со снајперот. За разлика од бројни негови колеги, кои понекогаш се сомневаат во исправноста на нивната борба, Крис е секогаш цврст, решителен и истраен во борбата против терористите.
По некое време, незадоволен од својата улога како снајперист, Крис самоволно им се придружува на маринците и заедно со нив учествува во потрагата по терористите, одејќи од една до друга куќа. Притоа, тој е опседнат од желбата да го зароби злогласниот терорист познат по прекарот „Касап“, а истовремено, негов најголем противник е ирачкиот снајперист Мустафа (поранешен учесник на Олимписките игри), кој убива и ранува голем број американски војници. Омразата на Крис кон терористите се зголемува кога ќе почнат да гинат неговите најблиски соработници. Најпосле, тој добива информација за можното место каде се наоѓа Мустафа и успева да го убие со прецизен погодок од огромна далечина. Меѓутоа, тој и неговите другари се опколени од голем број ирачки терористи и по голема борба, Крис едвај успева да си го спаси животот.
Додека Крис војува во Ирак, неговата жена се пораѓа. Неколкупати, Крис се враќа дома, но секогаш повторно оди на боиштето во Ирак, воден од своите патриотски побуди. Со текот на времето, неговата жена забележува дека војната го променила Крис и го моли повеќе да не оди во Ирак, но нејзините молби и закани се залудни. Кога конечно се враќа дома како легенда, Крис почнува да чувствува психички проблеми - станува нервозен, има зголемен крвен притисок и насекаде гледа опасност. Тој започнува да ги посетува болниците во кои се лекуваат поранешните војници од Ирак. Еден ден, тој оди да му помогне на еден воен ветеран, кој ненадејно го убива Крис. Така, на банален начин згаснува животот на легендарниот војник, кој успеал да ги преживее опасностите на војната.[2] [3]
Наводи
уреди- ↑ „Триумф за „Човекот-птица“ со четири оскари“, Утрински весник, година XVI, број 4718, вторник, 24 февруари 2015, стр. 14.
- ↑ IMDb, American Sniper (2014) (пристапено на 1.3.2015)
- ↑ Игор Иванов, „Снајперист“, Економија и бизнис, година 18, број 201, 20 март 2015, стр. 78-79.