Алшар - допри го сонцето
Алшар - допри го сонцето — дводневен (викенд) фестивал на отворено во областа околу рудникот Алшар на планините Кожуф и Козјак во тиквешко Мариово, јужна Македонија. Во 2016 година, се одржало првото издание на фестивалот кој вклучува повеќе спортско-рекреативни и културно-забавни активности како што се две велосипедски тури за планински велосипедизам, две планинарски тури, забавна програма и доделување награди. Кампот на фестивалот и негова средишна точка е селото Мрежичко, каде учесниците спијат во своите шатори, од каде што и започнуваат сите спортски активности, предвидени за секое издание на фестивалот.
За трката | |
---|---|
Датум | втор викенд во јуни |
Регион | областа околу рудникот Алшар на планините Кожуф и Козјак во тиквешко Мариово |
Дисциплина | планински велосипедизам, планинарење |
Вид | дводневен (викенд) фестивал |
Организатор | Здружение „Тиквешки точакџии“ |
Директор на трката | Живко Гурев, Бојан Маринковиќ, Лазар Трајков, Иван Боев, Марјан Хаџимустафов, Ласко Јованов, Диме Хаџи Николов, Тони Стефанов |
Историја | |
Прво одржување | 2016 |
Одржувања | 1 (2016) |
Организација
уредиФестивалот е организиран од страна на Здружението за велосипедизам „Тиквешки точакџии“ од Кавадарци, а поддржан е од многу покровители и спонзори, како и од страна на локалната власт од Општина Кавадарци. Меѓу бројните покровители и поддржувачи на фестивалот се: „Кожуфчанка“, "Слога", "Инсиг Осигурување", „Витаминка“, „Алкалоид“, превозниците „Сам-вел“ и „Екстра-бус“, ,кавадаречките претпријатија „Хидро-Бошава“, Месарница „Камес“, „Бадев“, ресторан „Ексклузив“, „Вел-Ком Трејд“, „Мак-каб“, „Балкан Турист“, „Гала“, „Инел“, и техничка поддршка од "Екстрим Сервис-Илија Стамаџиев", МВР-Кавадарци, Гранична Полиција-Југ, Брза Помош-Кавадарци, Противпожарна единица-Кавадарци и др.
Покрај поддршката во организирањето од покровителите се обезбедени ручек, неограничени количества на освежителни пијалаци и вредни подароци за учесниците.
Патеки и активности
уредиСпортските активности на фестивалот „АлШар - допри го сонцето“ вклучуваат две велосипедски и две планинарски тури чија заедничка почетна и завршна точка е регионалниот пат на влезот во село Мрежичко.
- Голема велосипедска тура
Големата велосипедска тура е во должина од 52 километри. Започнува на регионалниот асфалтен пат на влезот на село Мрежичко, непосредно до фабриката за минерална вода „Кожувчанка“. Заедно со малата тура продолжува по регионалниот асфалтен пат кој води кон селото и рудникот Р’жаново и селата Мајден и Рожден. Се одвојува на крстосницата за Мајден и Рожден од каде што по асфалтен пат се искачува до селото Рожден од каде што започнува земјениот - оф-роуд дел низ многу убави предели со природни реткости. Од селото Рожден продолжува по шумски пат да вози низ зимзелената борова прашумата со многу стари столетни борови и ретки видови растенија, каде пристигнува до малото село Арничко. Продолжува да се искачува по падините на планината Козјак која е огранок на Кожуф и минувајќи ја месноста Мешник достигнува до највисоката точка на турата - превојот Трибор, висок 1470 метри надморска височина, преку кој води пат до селото Витолиште во прилепскиот дел на Мариово. Од превојот Трибор започнува долг спуст кон месноста Круша каде се изминуваат 36 километри. Од месноста Круша, патеката слегува од планинската падина и навлегува во долината крај левиот брег на реката Блашница стигнувајќи до рудникот Алшар каде се поклопува со трасата на малата велосипедска тура и преку селото Мајден излегува на асфалтниот регионален пат од каде се враќа назад до кампот во село Мрежичко.
- Мала велосипедска тура
Малата велосипедска тура е во должина од 28 километри. Започнува на регионалниот асфалтен пат на влезот на селото Мрежичко и заедно со големата тура продолжува по него сè до крстосницата и раздвојувањето на патиштата за селата Мајден и Рожден. Продолжува по земјен пат со благ наклон и искачување кон селото Мајден каде стигнува до рудникот Алшар од каде што по кратка нагорнина прави мал круг и се враќа по истата траса возејќи по регионалниот пат назад до кампот во Мрежичко.
- Голема планинарска тура
Големата планинарска тура е во должина од 15 километри и во организација на планинарското спортски друштво „Орле“ од Кавадарци. Започнува од стартот и минувајќи крај фабричките погони на „Кожувчанка“ во целост се движи по западната падина на планината Кожуф низ шумовит предел со прекрасна природа. Оди кружно по падината над рудникот за никел Р’жаново, и достигнува над селото Мрежичко, покрај изворите на Изворска на местото наречено Васов Град, од каде што се враќа назад во кампот на фестивалот.
- Мала планинарска тура
Малата планинарска тура е во должина од 6 километри. Како и големата планинарска тура и таа во целост се движи на падината на Кожуф во придружба на водичи од ПСД „Орле“ од Кавадарци. Започнува и во почетниот дел се движи заедно по истата траса со големата планинарска тура, а потоа се одвојува и скршнува кон југозапад (десно) достигнувајќи врв на карпест гребен - срт од кој се нуди прекрасна глетка кон целата долина и клисура на реката Блашница со селата Мрежичко, Мајден, Рожден и Р’жаново, поминувајќи покрај "Римските бањи" Се враќа назад во кампот по истата траса.
Изданија
уреди- 2016 година
На првото одржано издание во 2016 година неофицијално имало преку 1000 учесници со почетни пакети, а посетители имало многу повеќе, што се забележувало во неколку километри долгата колона со паркирани возила на влезот на селото Мрежичко, каде се одржуваше централната манифестација[1]. Во кампот биле подигнати околу 250 шатори во кои биле сместени учесниците[1]. За сите учесници бил обезбеден бесплатен пијалак во неограничени количини, ручек и добра забава со диџеи, рок група "Епидемија" и проекција на кавадаречката народна приказна „Ѓаволот од Мајден“, а била организирана и игра со повеќе вредни подароци меѓу кои и доделување на велосипед како главен подарок. Особено привлечно за многу учесници на настанот била привлечната приказна за рудникот Алшар, бидејќи многумина од нив се искачиле на едно од достапните окна на Алшар[1].
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 „Илјада велосипедисти од цела Македонија на „Алшар 2016"“. Нова Македонија. 13 јуни 2016. Архивирано од изворникот на 2016-06-16. Посетено на 14 јуни 2016.