Силјан Штркот — македонска народна приказна собрана од Марко Цепенков.

Содржина уреди

Дејството на приказната се одвива во прилепското село Мало Коњари во кое живеел селанецот Божин кој имал син Силјан. Силјан бил разгален, мрзелив и непослушен, а татко му постојано го советувал и го молел да се подобри, зашто во спротивно ќе го фати клетва како што им се случило на пилињата Сиве и Чуле. Меѓутоа, Силјан избегал од дома и сретнал еден духовник со кого просел по селата. Потоа, тој заминал на аџилак, но претрпел бродолом. Како единствен преживеан од бродот, Силјан се нашол во некоја непозната земја населена со луѓе-штркови. Од нивниот поглавар Аџи Кљак, Силјан дознал дека тамошните луѓе се претворале во штркови кои потоа оделе во Мало Коњари. Притоа, Аџи Кљак му раскажал на Силјан дека жителите на таа земја биле проколнати, зашто во минатото го отепале еден добар старец. На гробот од старецот се појавиле два извора: водата од едниот извор ги претворала луѓето во штркови, а водата од другиот извор ги претворала штрковите во луѓе. Тамошните луѓе морале да се претворат во штркови, одлетувале во Мало Коњари за да добијат пород и дури потоа се враќале назад. Цело лето Силјан работел на имотот на Аџи Кљак, а есента се претворил во штрк и одлетал дома при што си носел вода за да се претвори во човек. Меѓутоа, водата му се истурила и тој бил осуден да живее на покривот од домашната куќа, но во облик на штрк. Така, тој копнеел неговите да го препознаат, но наместо тоа, син му Велко го удрил со стап по главата, а татко му му ја скршил ногата. Воден од копнежот по своите најблиски, еден ден, Силјан го украл клопчето на сопругата Неда и го оставил во гнездото. Потоа, тој повторно се вратил во земјата на штрковите, каде се покажал како вреден човек, а следната година се вратил во Мало Коњари, се измил со чудотворната вода и така пак станал човек. Кога им ги раскажал на домашните своите доживувања, тие не му верувале, но тој ги убедил така што им го покажал клопчето што ѝ го украл на Неда.[1]

Осврт кон делото уреди

„Силјан Штркот“ е најпознатата и најдолгата македонска народна приказна и се смета за врв на народната проза. Според тематиката, делото претставува волшебна народна приказна (сказна), зашто во неа е опишана преобразбата на човекот (Силјан) во штрк и неговата повторна преобразба во човек. Во неа, јасно е видлива писателската дарба на Цепенков и многумина критичари сметаат дека „Силјан Штркот“ не е народна творба, туку претставува подолг авторски расказ, а некои го сметаат за првиот краток роман во македонската книжевност.[2]

Издание од 2001 година уреди

„Силјан Штркот“ има доживеано голем број изданија на македонски јазик. Во 2001 година, делото било објавено од издавачката куќа „Култура“ во рамките на библиотеката „Срна“. Книгата има 63 страници и ја содржи оригиналната верзија на приказната, како и верзијата на современ македонски литературен јазик (во редакција на Јасминка Јанева). Исто така, книгата содржи и поговор со наслов „Проколнатиот човек - Штркот“, напишан од Венко Андоновски. Нацртот на корицата го направил Александар Сотировски, коректурата била дело на Габриела Стојковска, а за компјутерската подготовка бил задолжен Александар Наумоски. Книгата била испечатена во печатницатаГрафички центар“ во Скопје, а таа е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје и ја носи ознаката ISBN 9989-32-228-7.[3]

Силјан Штркот како мотив во уметноста уреди

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. Марко Цепенков, Силјан штркот. Скопје: Култура, 2001.
  2. Венко Андоновски, „Проколнатиот човек - штркот“, во: Марко Цепенков, Силјан штркот. Скопје: Култура, 2001, стр. 57.
  3. Марко Цепенков, Силјан штркот. Скопје: Култура, 2001.
  4. Ѓоко Здравески, Отсечки стварност. Скопје: Бегемот, 2019, стр. 80-81.