Џорџ Сондерс (англиски: George Saunders; 1958, Амарило, САД) - американски писател и универзитетски професор.

Сондерс во 2007 г.

Биографија уреди

Џорџ Сондерс е роден во Амарило, во сојузната држава Тексас, во 1958 година. Тој работи како професор на Универзитетот во Сиракјуз, во државата Њујорк.[1]

Творештво уреди

Сондерс пишува кратки раскази, романи и есеи. Тој е добитник на повеќе американски награди за краток расказ, а во 2017 година ја добил Букеровата награда за романот „Линколн во Бардо“ (Lincoln in the Bardo). Во расказите дава оригинална и впечатлива слика на отуѓеноста и потрошуваштвото во САД.[1]

Сондерс е автор на следниве дела:[1]

Осврт кон творештвото на Сондерс уреди

Во едно интервју, Сондерс вели дека за светот треба да се пишува хемингвејски. Во еден миг, во времето кога пишувал техничка документација за една фирма, тој сфатил дека вообичаениот или пристоен книжевен тон кој бил во мода, му станал здодевен. Почнал да го бара јазикот кој реално би го прикажал животот што го живеел и така настанале јунаците од неговата прва книга „CivilWarLand in Bad Decline“. Според неговите зборови, ликовите во таа збирка произлегле директно од неговата желба да направи прозата да звучи чудно и современо.[2]

Големо влијание врз неговото творештво извршила научната фантастика со која дошол во допир преку филмот и телевизијата („Ѕвездени патеки“, „Зона на самракот“). Според неговите зборови, на американскиот писател многу му е блиска идејата дека расказот може и треба да биде анти-реален и да вкрстува различни жанрови. Притоа, тој смета дека измислените настани делуваат како навистина да се случиле само ако се прикажани со вистинскиот јазик. Магијата на имагинарното е нуспроизвод на симултаноста на стилот и дејството. Ако писателот тврди дека нешто се случило, но тоа го опишува со обичен или шаблонски јазик, тогаш на добриот читател му изгледа како да не се случило или како да се случило само делумно. Но, ако се раскаже на вистинскиот начин, дури и невозможното може да изгледа како навистина да се случило. Како што објаснува Сондерс, „во таа постапка, јас некако секогаш го следам јазикот... и тогаш потрагата по прозата која не е мртва ќе создаде настан кој има смисла.“[3]

Според неговото признание, тој не ги смислува заплетите однапред, туку неговиот метод на пишување го објаснува велејќи: „... ако почнете само со малку интерес или љубов кон нешто, со малку дијалог или со една слика, тогаш тоа ќе ви послужи како зрно кристал. Слично на часот по биологија. Следејќи ја природната енергија на расказот (реагирајќи на шегата) и одговарајќи на прашањата што ги поставува, можете да го развиете на органски начин... Мислам дека поентата е во ова: кога ќе погледнеме што е она што нè влечи да се занимаваме со фикција, мислам дека оние мали чекори кои писателот ги прави интуитивно (налетите на убаво изразување, изненадувачките движења итн.) се тие кои го разликуваат добриот писател од просечниот писател. Речиси необјасниви, ниту логични, ниту претходно смислени. Тие се случуваат некаде меѓу моментот на читањето на еден ред и моментот кога прстите почнуваат да го пишуваат следниот. Налетуваат на писателот како мали бури на милоста. Така, работата на писателот е само да се најде таму каде што би можеле да се случат тие бури. Некако да го дестабилизира својот свесен ум за тие да се случат. Секој автор го пронаоѓа сопствениот начин за да го направи тоа... Што се однесува до мене, морам да се трудам да не размислувам за заплетот или значењето или темата, туку едноставно да го оставам овој ред да му одговори на оној пред него. Подоцна, секако, станувате свесен за поширокиот образец, но за мене е многу важно настојувањето да го задржам строго логичкиот ум надвор од собата.“[4]

Сондерс се смета за еден од најважните современи американски раскажувачи, а бројни писатели се искажале пофално за неговото дело. На пример, според Томас Пинчон, Сондерс се одликува со „запрепастувачки наштимано перо - грациозно, мрачно, самосвојно и духовито - кое пишува раскази токму какви што ни се неопходни во ваквите времиња.“ А Џонатан Френзен напишал дека „Џорџ Сондерс со леснотија го спроведува речиси невозможното во дело. Имаме среќа што постои.“[5] Најпосле, според писателката Зејди Смит, САД немале таков сатиричар како Сондерс уште од времето на Марк Твен.[6]

Наводи уреди

  1. 1,0 1,1 1,2 Džordž Sonders, Deseti decembar. Beograd: Laguna, 2019.
  2. „Mića Vujičić, Oluje milosti Džordža Sondersa“, во: Džordž Sonders, Deseti decembar. Beograd: Laguna, 2019, стр. 239-240.
  3. „Mića Vujičić, Oluje milosti Džordža Sondersa“, во: Džordž Sonders, Deseti decembar. Beograd: Laguna, 2019, стр. 241-245.
  4. „Mića Vujičić, Oluje milosti Džordža Sondersa“, во: Džordž Sonders, Deseti decembar. Beograd: Laguna, 2019, стр. 245-246.
  5. Džordž Sonders, Deseti decembar. Beograd: Laguna, 2019, стр. 239-240.
  6. „Mića Vujičić, Oluje milosti Džordža Sondersa“, во: Džordž Sonders, Deseti decembar. Beograd: Laguna, 2019, стр. 239.