Ќерамидница
Ќерамидница — населба која се наоѓа во Општина Гази Баба во Скопје.
Географија и местоположба
уредиЌерамидница се наоѓа во Општина Гази Баба и тоа на јужниот дел каде што завршува територијата на општината и почнува Општина Аеродром, со реката Вардар како погранична линија. На северниот дел таа се граничи со Автокоманда и булеварот „Александар Македонски“ како погранична линија. На источната страна се граничи со Триангла и Кланица, а на западната страна со Општина Центар, поточно, населбата Крњево.
Историја
уредиВо XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.
Претставува една од најстарите населби во Скопје, со најстарите фамилии во неа кои и ден денес опстојуваат (Пљачковци, Гудумановци и други), но има и доселеници кои се доселувале од сите страни на Македонија по земјотресот во 1963 година.
Селото Ќерамидница настанува со доселеници од Велешките села (пред сè околу Богомила, т.е. областа Азот) и градот Велес. На ова место живеалишта имало од многу поодамна, но доселениците од Велес се претпоставува дека се дојдени на почетокот на XX век. Бидејќи се наоѓа на неколку километри од центарот на Скопје, таа од село прераснува во населба.
Меѓу младите жители од Ќерамидница и Автокоманда постои соперништво, кое особено било изразено во годините пред Скопскиот земјотрес од 1963 г.
Стопанство
уредиДве третини од површината на Ќерамидница е индустриска зона. Таа ги опфаќа следниве фабрики: „Европа“ - фабрика за чоколади, „Пивара“, „Жито лукс“ - иако веќе не работи, „Политехна“ и други, како и Јавното Сообраќајно претпријатие - Скопје, Противпожарна служба - Скопје и други.
Како угостителски објект се смета Хотелот „Континентал“ и секоја година по неколкупати се случуваат панаѓури на Скопскиот Саем.
Население
уредиСпоред опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Керемитлик и било христијанско, каде имало 15 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 43 мажи христијани, со 3 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 92 жители.[1]
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 300 жители.[2]
Населбата денес има околу 3.000 жители, од кои околу 89% Македонци, а останатите се Роми кои живеат во дива населба од картонски и најлонски куќарки на самиот кеј на реката Вардар.