Јордан Поп Јорданов (академик)
за други значења видете Јордан Поп Јорданов (појаснување)
Јордан Поп - Јорданов | |
---|---|
Трет Претседател на МАНУ | |
На должноста 1983–1991 | |
Претходник | Михајло Апостолски |
Наследник | Ксенте Богоев |
Јордан Поп - Јорданов (р. 23 ноември 1925 во Велико Градиште - Скопје, 12 март 2024) e македонски и светски познат јадрен физичар, редовен професор на Електротехничкиот факултет во Белград, во пензија на отсекот за енергетика и електротехнички науки, филозоф, енергетичар. Бил претседател на МАНУ во периодот од 1984 до 1991 година. Како учесник во НОБ е носител на Партизанска споменица 1941. Бил и првак на Македонија во тенис во 1950. За дописен член на МАНУ е избран на 25.12.1969, а за редовен член на 26.12.1974 година.
Образование и научни истражувања
уредиГимназија завршил во Штип, дипломирал филозофија во Скопје (1956) и електротехника во Белград (1960). Докторирал на отсекот за техничка физика на ЕТФ во Белград (1964). Бил визитинг-професор на неколку универзитети во Европа и Америка. Истражувал во повеќе области: физика на неутрони и реaкторска физика, енергетика и обновливи извори, фотоволтаичен ефект, расејување на честички, состојба на природната околина и климатските промени, организација на науката, когнитивните процеси од филозофски и феноменолошки апсект, здравствени ризици од електроцентрали, моделирање на процесите на мозочните клетки и др. Главните научни придонеси се однесуваат на јадрената техника („метод на Поп-Јорданов“ во реакторска неутроника); електроенергетика (мултидизмензионална интерпретација на околински ризици); одржлив развој (негентропски концепт и ментални индикатори); невронаука (квантни ментални спектри) и филозофија на природните науки (интерпретација на микрочестичен дуализам).
Работна и научна кариера
уредиБил претседател на Научниот совет на Институтот за јадрени науки во Винча (1969-1970) во време кога тој институт бил најафирмиран научен центар во Југоисточна Европа, како и декан на Електротехничкиот факултет во Белград (1977-1979). Во два мандата бил претседател на МАНУ (1984-1991). Од 1993 раководел со Истражувачкиот центар за енергетика, информатика и материјали при МАНУ, кој се развил во меѓународно афирмиран „центар на одличност“. Член е на 5 странски академии и тоа: од 1981 година е член на Њујоршката академија на науките, од 1988 е член на Меѓународната академија на науките, од 1992 е член на Европската академија на науките и уметностите во Салцбург, од 1998 година е член на Средоземната академија од Неапол, a од 2005 година е член на Светската академија за уметност и наука, како и на Светската иновациона фондација. Реализирал голем број проекти, од кои преку 20 имале меѓународен карактер. На редовни и постдипломски студии на ЕТФ во Белград држел настава по атомска и статистичка физика, енергетска микрофизика и квантна електродинамика. На истиот факултет основал и постдипломска насока за сончева енергија, прва во Југославија од оваа проблематика. Предавал и на постдипломски студии на ПМФ и Филозофскиот факултет и во центарот за мултидисциплинарнистудии на Белградскиот универзитет, како и на ЕТФ во Скопје. Автор е на универзитетските учебници „Нерамнотежна статистичка физика“ (1981) и „Квантна електродинамика“ (1983) како и на неколку книги во земјата и странство. Објавил околу 300 научни трудови од кои две третини во меѓународни списанија и монографии. Неговите резултати се користени во многу странски статии, монографии и докторски дисертации. Учествувал на меѓународни научни собири во дваесетина земји на Европа, Америка и Азија, најчесто како поканет експерт. Бил рецензент на меѓународни научни списанија и референт за избор на професори на универзитети во Европа и Америка. Автор е на над 200 публикации во полето на неутронската и реакторската физика, електричното инженерство, мозочниот електрицитет и филозофијата на науката. Покрај македонската, членува уште во пет странски академии на науки. Меѓу другото, во светот е познат по својата „Поп-Јорданова метода“ од областа на реакторската физика, објавена во престижното издание на Обединетите нации пред половина век[1].
Награди и признанија
уредиДобитник е на повеќе награди, меѓу кои: Годишна награда на Институтот во Винча за поединечно научно остварување (1964); Јубилејна награда на Институтот во Винча за развој на научната област (1968); награда на ВРЕН-УНЕСКО за најдобар труд на Светскиот конгрес по обновлива енергија во Денвер (1996); награда на Светската иновациона фонсација „За извонреден придонес за науката и човештвото“ (2003) и др.
Во 2007 година бил одликуван со Орденот за заслуги за Македонија.
Наводи
уреди- ↑ „Академикот Поп-Јорданов награден за придонес во светската наука“. Посетено на 2012-08-25.[мртва врска]