Јорданка Фулон-Христова
Јорданка Фулон-Христова (р. 14 ноември 1930 во Скопје) — основоположник на наставата по македонски јазик, литература и цивилизација во Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (INALCO, Сорбона III) во Париз.
Јорданка Фулон-Христова | ||
Родена | 14 ноември 1930 Скопје, Кралство Југославија | |
---|---|---|
Националност | Македонка | |
Позната | основоположник на наставата по македонски јазик, литература и цивилизација | |
Занимање | професорка по македонски јазик, литература и цивилизација |
По дипломирањето на Филозофскиот факултет (група романистика) во Скопје, од 1956 година се преселува во Франција и во 1960 година во Париз завршува и славистика (руски јазик). Од следната година ги води вежбите по српско-хрватски јазик, а од 1973 година паралелно и Лекторатот по македонски јазик. По магистрирањето и докторирањето ја воведува и предметната настава по македонски јазик, литература и цивилизација во INALCO што ја води сѐ до пензионирањето (1996). Покрај одделните статии во зборници и списанија, д-р Фулон-Христова има објавено и три значајни одделни македонистички публикации: „Les modes de narration en macйdonien“ (1995), „Grammaire pratique du macйdonien“ (1998) и „Macйdonien expres. Guide de conversation. Les premiers mots utiles. Renseignements pratiques. Civilisations. Notions de grammaire“ (2006).[1]
Животопис
уредиЈорданка Фулон-Христова е романист, професор по македонски јазик, литература и цивилизација на ИНАЛЦО во Париз. Гимназијата и Филозофскиот факултет (Група романистика) ги завршува во Скопје (1949–1953). Се вработува како гимназијален професор по француски јазик првин во Скопје (1954), а во следната учебна година во Охрид (1955/56), по кое се преселува во Париз. Во 1960 г. дипломира и на Групата по руски јазик во Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛЦО, Сорбонне Ⅲ), каде што од следната година ги води вежбите по српско-хрватски јазик (1961–1972), потоа станува асистент по српско-хрватски (1972– 1981). Бидејќи се воведува и македонскиот како предмет (1962), а потоа и Лекторат по македонски јазик (1973), Фулон прво е предавач (1862–1981), потоа доцент (1981) и најпосле професор во ИНАЛЦО (1988). Првин го одбранува докторатот од Ⅲ степен по словенски студии со темата „Етуде цомпарее дес формес темпореллес ен мацедониен ет ен сербо-цроате“ (Париз Ⅷ, 1978), а потоа и државниот докторат по лингвистика на тема „Лес формес темпореллес данс лес струцтурес нарративес ду мацéдониен“ (Париз Ⅲ, 1990).
Ја води предметната настава по македонски јазик, литература и цивилизација, како и Лекторатот, до пензионирањето (1996). Членува во Научниот совет на универзитетите на Франција и во Комисијата на специјалистите. Автор е на студии од македонистиката во периодичните изданија „Цахиерс балканиљуес“, „Ревуе дес етудес славес“, „Цахиерс де л’оралите“ и „Македонски јазик“, како и на три одделни публикации: Лес модес де нарратион ен мацедониен, Л’Асиатхељуе, Лангуес ду Монде, Париз, 1995; Граммаире пратиљуе ду мацéдониен, Лангуес & Мондес, Париз, 1998; Мацéдониен Еџпресс. Гуиде де цонверсатион. Лес премиерс мотс утилес. Ренсеигнементс пратиљуес. Цивилисатионс. Нотионс де граммаире, Едитионс ду Даупхин, Париз, 2006.[2]
Творештво
уредиВо август 2010 година во угледното париско книгоиздателство „Дофен“, со поддршка и од нашето Министерство за култура, се појави обемниот долгогодишен истражувачки труд на проф. д-р Јорданка Фулон-Христова под продолжен објаснителен наслов: „Пословиците, поговорките стереотипни споредби од Македонија. Народна мудрост од Балканска Европа (Со текст во оригиналот на македонски и во превод на француски)“. Јорданка Фулон-Христова создаде едно ретко париско издание за македонските пословици.
Книгата е придружена со значаен Предговор од професорката Жаклин Фонтен, која придонела и при толкувањето на македонските народни мудрости на француски јазик. Зашто, пренесувањето на лапидарните пословици и поговорки од еден јазик на друг секогаш претставува не само голем лингвистички проблем, туку бара и усет и напор за сфаќање на суштинската смисла и за адекватно пренесување на другиот јазик. Овој комплициран потфат на проф. Фулон-Христова е всушност прво (компаративно) научно претставување на македонските пословици и поговорки пред француската и воопшто пред франкофонската јавност.
Истражувањето е работено врз основа на материјалот содржан главно во петте најзначајни македонски зборници: 1. Кузман Шапкарев: Одбрани страници. Пословици и пословични изрази од Македонија (1989); 2. Марко Цепенков: Пословици, поговорки, гатанки, клетви и благослови (1972); 3. Филип Каваев: Народни пословици и гатанки од Струга и Струшко (1961); 4. Кирил Пенушлиски: Пословици и гатанки (1969) и 5. Кирил Пенушлиски: Малеш и Пијанец (1980). Тоа се зборниците што го опфаќаат пред се фондот од драгоцените записи на овие кратки жанрови во XIX век, освежен и со дел записи од современиот жив фолклорен материјал.
Во опширниот Вовед авторката откако дава историски информации за Македонците и за поделена Македонија во балкански и европски контекст, посебно се запира на македонските собирачи, издавачи и проучувачи на кратките жанрови во XIX и XX век. Притоа вниманието го задржува врз дејноста и придонесот на Ѓорѓија Пулевски и Кузман Шапкарев, поопширно ја разгледува дејноста и улогата на браќата Димитрија и Константин Миладинови и нивниот фундаментален зборник, па се запира на печатеното и ракописното фолклорно наследство на Марко Цепенков презентирано во неговите собрани дела во 1972 г. во Институтот за фолклор во Скопје. На крајот д-р Фулон-Христова ги претставува и современите истражувачи на овој жанр Кирил Пенушлиски, Харалампие Поленаковиќ, Томе Саздов, Филип Каваев, Марко Китевски и др. и прави обид да ги класифицира разните типови македонски пословици и поговорки и нивната функција во минатото и во сегашноста. По краткиот библиографски преглед, се објавени и 7 историски карти за судбината на Македонија во балкански и европски рамки во XX век, а целата книга е илустрирана со фотографски разгледи од сопругот на авторката и познат француски уметнички фотограф Г. Фулон.
Најголемиот дел од монографијата го зафаќаат пословиците (стр. 59-433), на значително помал број страници се претставени поговорките (437-442), а потоа следат стереотипните споредби (445-494). По краткиот преглед на верувањата, авторката посебно ги дава тематските индекси (француско-македонскиот и македонско-францускиот) и книгата ја завршува со индекс на цитираните странски пословици што сето заедно за истражувачите има посебно значење, бидејќи овозможува компаративно проучување на македонската усна традиција од овие жанрови кај цитираните седумдесетина народи и јазици.
Македонското усно народно творештво во избори и антологии е објавувано на многу јазици, но, колку што ни е познато, првпат странскиот корисник добива еден ваков систематизиран корпус од македонски пословици и поговорки, претставени во еден ваков исцрпен обем и со ваква двојазична стручна презентација. Затоа париското издание на делото на проф. д-р Јорданка Фулон-Христова претставува не само уникатна појава на меѓународната научна сцена, туку и битен принос кон етнокултурната афирмација на македонската усна традиција и на македонскиот јазик, па со тоа и афирмација на културниот код на идентитетот на македонскиот народ.[3]
Наводи
уреди- ↑ Цитат од академик Блаже Ристовски
- ↑ „ФУЛОН-ХРИСТОВА, Јорданка Николова“. Македонска Енциклопедија. 2018-10-11. Посетено на 2020-09-30.
- ↑ Ристовски, Блаже. „Ретко париско издание за македонските пословици“. Архивирано од изворникот на 2010-12-15.