Писа
Писа | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Зракоперки |
Ред: | Крапообразни |
Семејство: | Cyprinidae |
Род: | Scardinius |
Вид: | S. erythrophthalmus |
Научен назив | |
Scardinius erythrophthalmus (Linneaus, 1758) |
Писа или Scardinius erythropthalmus(Scardinius knezevici)[1] е бентосно-пелашка слатководна риба која е нашироко распространета во Европа и средна Азија, околу басените на Северното, Балтичкото, Црното, Каспиското и Аралското Море. Таа е вештачки наметната во водите на Ирска, САД, Мароко, Мадагаскар, Тунис, Нов Зеланд, Канада и Шпанија.
По изглед е слична на Rutilus rutilus, но е многу пошарена – златна со перки во малина боја, а очите и се бледожолтеникави со црвена дамка, но во зависност во какво станиште живее, бојата може да варира. Таа од Rutilus rutilus се разликува и по устата која има истурена долна усна – се храни на површината, за разлика од рутилусот кој се храни во длабочините.
Опис и распространетост
уредиПисата припаѓа на семејството Cyprinidae. Телото на писата е високо и страничнпо сплескано. Карактеристично е што по телото има крупни лушпи, кои во основата имаат темна флека. Бојата на грбот е темнозелена до светлозелена, страните сребренасти со мала зеленкаста нијанса, а стомачниот дел е млечно бел. Грбната перка на писата е со релативно долга основа и започнува зад стомачната перка, а завршува пред почетокот на аналната перка. Бојата на перките е жолтеникаво бела со посветол или потемен прелив на сива боја. Има релативно мала глава. Устата на писата е свртена нагоре. Окото и е крупно преку кое има вертикална темна флека, некогаш појако, некогаш послабо изразена.[1]
Основни биолошки одлики
уредиПисата полово созрева во третата и четвртата година од животот, при должина поголема од 12 см. Се мрести во пролет, претежно во април и мај. Количеството на икра доста варира и тоа од 90000 до 230000 зрна икра со пречник помеѓу 1 и 1,5 мм. Количеството и големината на икрата е во зависност од возраста и големината на единките. Во периодот на мрестење по главата и телото на машката популација се појавуваат епителни брадавичести израстоци. Икрата има дебел леплив слој које единките ја полагаат на подводната вегетација. Максимална должина која ја достигнува писата во Езерото изнесува околу 25 см. и тежина над 300-400 г. Поголеми примероци се доста ретки. Писата ги населува чистите води, богати со подводна вегетација и мека подлога. Најчесто се задржува меѓу подводните растенија на мала и средна длабочина. Живее во големи и помали јата, главно движејќи се бавно, но многу е плашлива и при опасност брзо плива. Помладите единки во почетокот се хранат со зоопланктон, а подоцна преминуваат кон исхрана со животинска и растителна храна. Возрасните единки се хранат со подводна растителност, ларви од инсекти, нижи ракообразни па и со инсекти кои паѓаат во водата.[1]
Значење
уредиМесото на писата од Охрискотое Езеро е вкусно иако има ситни коски. Овозможува посебно задоволство при ловењето.[1]
Надворешни врски
уреди- Писа на Ризницата ?
- Писа Архивирано на 5 март 2014 г. - Служба за заштита на природата на Нов Зеланд (англиски)