Тромава мечка

(Пренасочено од Melursus ursinus)
Тромава мечка
Тромава мечка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Цицачи
Ред: Carnivora
Семејство: Ursidae
Род: Melursus
Научен назив
Melursus ursinus
(Shaw, 1791)
Подвидови

Melursus ursinus inornatus Pucheran, 1855
Melursus ursinus ursinus (Shaw, 1791)

Тромавата мечка (Melursus ursinus), позната и како мечка со долги усни[1] е цицач од семејството мечки (Ursidae) со природно живеалиште во шумите во Индија, Непал, Пакистан, Бутан, Бангладеш и Шри Ланка. Тромавата мечка е единствениот вид од под-родот Melursus[2]. Иако, првично поради формата на канџите и фактот дека поголем дел од времето го поминува по дрвјата, ова животно било класифицирано во класата на мрзливците, во 1800те е преместено во семејството мечки[1].

Особености

уреди

Телото им е долго 150-190 см, прекриено со долго крзно, со боја која варира од костенливо-црвеникава до црна, и со специфичен бел белег во форма на латиничната буква „V“ на градите. Муцката им е издолжена и немаат горни секачи, што претставува адаптација за нивната исхрана која е заснована на инсекти. Предните шепи им се свртени навнатре и имаат долги канџи со форма на срп кои се адаптирани за копање и качување[1]. Мажјаците тежат 80-140 кг, и се поголеми од женките кои тежат само 55-95 кг[2]. Опашката им е долга 15-18 см, што значи дека се видот со најдолга опашка во семејството мечки[1]. Сè уште со сигурност не е позната должината на животниот век, но забележано е дека единка во заробеништво живеела дури 40 години[1].

Размножување

уреди

Тромавите мечки достигнуваат полова зрелост на возраст од 3 години[1]. Женките најчесто раѓаат 2 младенчиња во декември или јануари, после бременост која трае 210 дена. Младите ги раѓаат најчесто во пештери кои се наоѓаат под големи карпи[1], каде остануваат 2 до 3 месеци. Потоа ја напуштаат пештерата но остануваат со мајката најмалку уште 2 години[3]. Младенчињата се држат за грбот на мајката и таа ги носи додека оди, трча или се качува. Мајката ги носи додека достигнат една третина од нејзината големина. Тромавите мечки се единствениот вид на мечки кои ги носат малечките на грб[4]. Младенчињата стануваат независни на возраст помеѓу 24 и 36 месеци[1].

Однесување

уреди

Тромавите мечки се претежно ноќни животни, иако женката кога има малечки често се движи преку ден. Тие не хибернираат. Овие мечки одлично се качуваат по дрвјата каде што јадат и се одмараат. Тие се и одлични скокачи, а можат и да висат од гранките со главата надолу, како што седат мрзливците. Територијата ја означуваат со мирис или со гребење по дрвјата[1].

 
Тромава мечка на дрво

Исхрана

уреди

Главно исхраната им се состои од мравки и термити, кои ги наоѓаат уништувајќи им ги живеалиштата со канџите. Долгата муцка ја користи за да ја издува земјата и да ги вшмука инсектите, со што произведува звуци кои можат да се чујат и на оддалеченост од 100 метри[1]. Исто така се хранат и со мед, јајца, птици, цвеќиња, плодови и месо. Поради тоа што се големи обожаватели на медот, некаде ги среќаваме и со името Медни мечки. Тие се качуваат по дрвјата, ги буткаат пчеларниците и потоа го јадат медот[4]. Женките ги хранат младите со т.н. „мечкин леб“ – тврда темно-жолта маса добиена од леплива мешавина на половично дигестирани овошја и восок од пчеларниците. Овој „мечкин леб“ се смета за деликатес од некои индијци[5].

Односи со луѓето

уреди

Иако тромавите мечки убиваат многу помалку добиток од Азиската црна мечка[1], во некои предели на Индија и Бурма, се сметаат за животни поопасни и од тигарот поради нивниот непредвидлив темперамент[6]. Во Мадја Прадеш, помеѓу 1989 и 1994 регистрирани се 48 смртни случаи и 686 напади од тромави мечки[7]. Една единка била одговорна за смртта на дури 12 луѓе и за напад на други дваесеттина пред да биде убиена. Овие мечки најчесто напаѓаат во знак на одбрана кога се изненадени. Во нападот ги користат острите канџи и забите[1].

Заштита

уреди
 

Се проценува дека има помеѓу 7000 и 10 000 единки, но оваа бројка постојано се намалува поради уништувањето на шумите кои се нивни природни живеалишта. Тромавите мечки се со статус ранлив вид[8]. Најчесто се ловени поради нивниот жолчен меур кој е доста ценет во источната медицина.

Занимливости

уреди

Мечката Балу од цртаниот филм на ДизниКнига на џунглата“ е тромава мечка.

Наводи

уреди
  1. 1,00 1,01 1,02 1,03 1,04 1,05 1,06 1,07 1,08 1,09 1,10 1,11 Brown, Gary (1996). Great Bear Almanac. стр. 340. ISBN 1-55821-474-7.
  2. 2,0 2,1 BearPlanet: Sloth Bear
  3. Bunnell, Fr (1984). Macdonald, D. (уред.). The Encyclopedia of Mammals. New York: Facts on File. стр. 96. ISBN 0-87196-871-1.
  4. 4,0 4,1 National Geographic: Sloth Bear Архивирано на 31 јануари 2007 г.
  5. Anderson, Kenneth (1954). Nine Man-Eaters and One Rogue. стр. 251.
  6. Perry, Richard (1965). The World of the Tiger. стр. 260. ASIN: B0007DU2IU.
  7. „Wolf Trust - Wolves Killing People - Perspective“. Архивирано од изворникот на 2009-05-24. Посетено на 2008-11-12.
  8. Melursus ursinus. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 1996. Посетено на 8 мај 2006. Listed as Vulnerable (VU A2cd, C1+2a v2.3)

Надворешни врски

уреди