Шумска шлука
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Бекасови
Семејство: Мочварки
Род: Scolopax
Вид: Шумска шлука
Научен назив
Scolopax rusticola
Linnaeus, 1758
Scolopax rusticola rusticola

Шумската шлука (научScolopax rusticola) е средно мала крајбрежна птица која живее во умерена и субарктичка Евроазија. Перјето ѝ е сообразно со околината во која се камуфлира, со црвеникавокафеави горни делови и кремави долни делови на телото. Очите ѝ се сместени назад на главата и ѝ даваат прегледност од 360° додека таа си пасе со долгиот, чувствителен клун, барајќи храна.

Мажјакот изведува специфичен додворувачки лет во вид на „стапче“. Женката, пак, кога е во опасност ги носи пилињата меѓу нозете, во канџите или на грбот додека лета, иако е ова реткост да се види. Светската популација изнесува од 15 до 16 милиони птици. Ја има и во Македонија.

Опис

уреди

Возрасните птици се долги 33-38 см, вклучувајќи го и долгиот, прав клун (6-8 см), и има распон на крилјата 55-65 см.[2] Шумската шлука има криптичка обоеност за да се камуфлира во својата животна средина. Горните делови ѝ се прошарани со кафеаво-црвеникави бои, а долните делови ѝ се кремави. Главата е набраздена со црно, а очите ѝ се сместени многу назад, што ѝ овозможува прегледност од 360°.[3][4] Крилјата ѝ се заоблени, а основата на клунот е месо боја со црн врв. Нозете варираат од сиви до розовикави.[3] Овој вид има изразен полов диморфизам, со мажјаци многу поголеми од женки,[5] но по друго не се разликуваат и не се препознаваат од далеку.[3]

Таксономија

уреди

Своето научно име шумската шлука го добила од Карл Лине во неговата Systema naturae во 1758.[6] Името произлегува од грчкото skolopax, кое значи 'шумска шлука', и латинското rusticus ('селско') и colere ('живее').[5] Видот е монотипичен[5], а најблиски роднини му се другите птици од родот Scolopax.[7]

Распространетост и живеалиште

уреди

Околу една третина од светската популација живее во Европа, со повеќе од 90% во Русија и Скандинавија. Распространетоста се протега од Скандинавија до Средоземјето и Канарски Острови и од западна Европа до Русија.[8] Птиците што живеат на север се преселници, а оние од потоплите краеви се постојани жители.[9]

Шумската шлука има широк опсег кој опфаќа 10 милиони км² и популација од 15 до 16 милиони птици.

Живеалиштето на шумската шлука се големите, неограничени шуми - листопадни, зимзелени и мешани, со ниски грмушки. Местата на размножување мора да имаат мешавина од суви, топли места за одмор, влажни за хранење и чистинки за летање.[9]

Поведение

уреди

Оваа птица е најактивна во мугри и самрак, а ретко преку ден, освен ако не е вознемирена, кога одлетува со силно павтање со крилјата. [2] Летот им е сличен на був или лилјак, неконтролиран, со извртување, но кога се селат летаат брзо и директно.[3] Тие се обично сами, и летаат одвоено, но може да се здружат со други птици ако времето или географските прилики го наложуваат тоа.[9]

Размножување

уреди
 
Возрасен со пилиња

Мажјакот го изведува својот додворувачки лет, наречен „стапче“ меѓу април и јуни. Тој лета над дрвјата со растреперени крилја и потоа се стрмоглавува надолу со насочен клун, испуштајќи неколку длабоки гракања пропратени со остар крик.[2][10] Гнездото го поставува на земја, малку скриено во шумата или во висок врес. Тоа е во облик на обрабена чашка[2] или мала дупка[11][12] обрабена со суви лисја или други растенија.[13] Имаат само едно легло во кое несат 4 бели или кремави јајца со светлокафеави или сиви дамки,[11] кои ги лежи само женката 21-24 дена. Пилињата веднаш го напуштаат гнездото и се оперјуваат по 15-20 дена, иако можат кратко да летаат по десетина дена.[14] Кога е во опасност, мајката може да лета носејќи ги пилињата меѓу нозете, во канџите или на грбот. Ова ретко може да се види.[4]

Исхрана

уреди

Шумската шлука се храни копкајќи со клунот во меката почва зад грмушки, обично добро скриена. Главно, јадат црви, но, исто така, инсекти и нивните ларви, слатководни мекотели и некои растителни семиња. [12] Во студените зими кога земјата замрзнува, тие се принудени да јадат семиња.[8]

Односи со луѓето

уреди

Во многу земји шумската шлука е предмет на спортски лов, а нејзината големина, брзина и начин на летање претставува предизвик за ловџиите. Во кулинарски цели, најдобра е за јадење од октомври до декември. По стрелањето, птицата се остава да виси, за да ѝ се подобри вкусот, а се јаде како предјадење или за доручек.

Во фолклорот и културата

уреди

Во Велика Британија, раното пристигнување на преселниците од овој вид наесен, значи дека годината ќе биде бериќетна, со добра берба, а особено ако останат до пролет. Порано се верувало дека овие птици летаат на Месечината во месеците кога не се во Британија, и првата полна месечина во ноември, кога голем број пристигнуваат на британските брегови, понекогаш се нарекува „Месечина на шумската шлука“ ('woodcock moon').[15]

Рени и Вилсон напишаа дека англиското презиме Вудкок (Woodcock) произлегло од прекарот од оваа птица, што значи, „будала“, „глупак“.[4][16] Но, оваа хипотеза е непријатна од многу причини.

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Scolopax rusticola. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Mullarney, Killian; Svensson, Lars; Zetterstrom, Dan; Grant, Peter (1999). Collins Bird Guide. London: HarperCollins. стр. 150. ISBN 0-00-219728-6.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 BWPi: The Birds of the Western Palearctic on interactive DVD-ROM. London: BirdGuides Ltd. and Oxford University Press. 2004. ISBN 1-898110-39-5.
  4. 4,0 4,1 4,2 Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). Birds Britannica. London: Chatto & Windus. стр. 214–219. ISBN 0-7011-6907-9.
  5. 5,0 5,1 5,2 R. A. Robinson. „Woodcock Scolopax rusticola. BirdFacts. British Trust for Ornithology. Посетено на 13 September 2009.
  6. (латински) Linnaeus, C (1758). Systema naturae per regna tria naturae, secundum classes, ordines, genera, species, cum characteribus, differentiis, synonymis, locis. Tomus I. Editio decima, reformata. Holmiae. (Laurentii Salvii). стр. 146.
  7. „Genus VI. - Scolopax, Linn. Snipe“. Audubon. Архивирано од изворникот на 2009-09-12. Посетено на 13 September 2009.
  8. 8,0 8,1 Tucker, Graham M.; Heath, Melanie F. (1995). Birds in Europe: Their Conservation Status. BirdLife Conservation Series. 3. Cambridge: BirdLife International. стр. 270–271. ISBN 0-946888-29-9.
  9. 9,0 9,1 9,2 „Eurasian Woodcock“. Datazone. BirdLife International. Посетено на 13 September 2009.
  10. Greenoak, Francesca (1979). All The Birds Of The Air. Book Club Association. стр. 130–133. ISBN 0-7153-9782-6.
  11. 11,0 11,1 Vere Benson, S. (1966). The Observer's Book of Birds. London: Frederick Warne & Co. Ltd. стр. 155.
  12. 12,0 12,1 Gooders, John (1982). Collins British Birds. London: William Collins Sons & Co Ltd. стр. 181. ISBN 0-00-219121-0.
  13. Brown, Roy; Ferguson, John; Lawrence, Michael; Lees, David (1999). Tracks & Signs of the Birds of Britain & Europe - an Identification Guide. London: Helm. стр. 64. ISBN 0-7136-5208 Проверете ја вредноста |isbn=: length (help).CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  14. Jonsson, Lars (1996). Birds of Europe. London: Helm. стр. 250. ISBN 0-7136-4422-2.
  15. Cross, T.; Williams, O. (2008). „Woodcock ringing“ (PDF). Ringers' Bulletin. 12 (4): 50.[мртва врска] Retrieved 13 September 2009
  16. Reaney, P. H.; Wilson, R. M. (1997). A Dictionary of English Surnames. Revised Third Edition. Oxford: Oxford University Press. стр. 499. ISBN 0-19-860092-5.

Надворешни врски

уреди