Шрек
Шрек (англиски: Shrek) е американски анимиран филм, продуциран од страна на Дрим Воркс, а во режија на Ендрју Адамсон и Вики Џенсон. „Шрек“ е првиот филм кој добил „Оскар“ за најдобар анимиран филм - категорија која првпат била воведена во 2001 година. Филмот бил премиерно прикажан во кино-салите на 18 мај 2001 година, а бил реализиран на ДВД и на ВХС на 1 ноември 2001 година.
„Шрек (Shrek)“ | |
---|---|
Режисер | Ендру Адамсон Вики Џенсон |
Продуцент | Џефри Катзенберг Арон Варнер Џон Х. Вилиамс |
Сценарист | Тед Елиот Тери Росио Џо Стилман Роџер С.Х. Шулман |
Главни улоги | Мајк Маерс Еди Марфи Камерон Дијаз Џон Лајтгоу |
Музика | Хари Грегсон-Вилијамс Џон Пауел |
Дистрибутер | ДримВоркс |
Премиера | САД 18 мај 2001 |
Времетраење | 90 мин. |
Земја | САД |
Јазик | англиски |
Буџет | $60.000.000 |
Бруто заработка | $484.409.218 |
Следен | Шрек 2 (2004) |
Содржина
уредиПринцот од едно кралство, со џуџест раст, сака да стане крал, но најпрвин мора да се ожени со некоја принцеза. Затоа, тој бара од волшебното огледало да му каже, која е најубавата принцеза на светот, а тоа му соопштува дека тоа е принцезата Фиона (гласот го позајмува Дијаз), која е затворена во далечен замок, каде ја чува змеј.
Истовремено, принцот сака да го исчисти своето кралство од суштествата од бајките и затоа ги заробува сите нив, со намера да ги однесе во мочуриштето. Но, таму живее огарот Шрек (гласот го позајмува Маерс), кој го претпочита мирниот, осаменички живот и затоа оди кај принцот, барајќи од него да си ги земе назад суштествата од бајките. По патот, него го придружува едно здодевно магаре (гласот го позајмува Марфи), кое знае да зборува. Кога пристигнуваат во градот Дулок, рицарите го напаѓаат Шрек, но тој лесно ги средува сите, по што, принцот му ветува дека ќе си ги земе суштествата од бајките, ако Шрек оди во замокот и му ја донесе Фиона.
Шрек и магарето ја извршуваат задачата, а Фиона мисли дека Шрек е убав рицар, кој воден од љубовта, дошол да ја спаси. Кога открива дека тој е огар, таа е разочарана. Истовремено, змејот што ја чува Фиона (кој е од женски род) се вљубува во магарето. На патот кон Дулок, Шрек и Фиона воспоставуваат блиски односи и Шрек се вљубува во неа. Една ноќ, магарето случајно открива дека Фиона ноќе се претвора во огар, како последица на дамнешна магија. Поради едно недоразбирање, Шрек и Фиона се караат, а потоа Шрек му ја предава Фиона на принцот.
По убедување на магарето, Шрек оди во Дулок, каде е во тек венчавката на принцот и Фиона. Шрек и магарето упаѓаат на церемонијата и Шрек ѝ кажува на Фиона дека ја сака, а сите го исмејуваат. Тогаш, започнува да се стемнува и Фиона се претвора во огар, по што Шрек сфаќа зошто таа се однесувала чудно за време на патувањето од замокот до Дулок. Кога принцот им наредува војниците да го заробат Шрек, змејот го изедува принцот.[1]
- ↑ Антена, број 862, 2.1.2015, стр. 18.