Школки
Школки | |
---|---|
"Acephala" од Kunstformen der Natur (1904) на Ернст Хекел | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Мекотели |
Класа: | Bivalvia Лине, 1758 |
Редови | |
Поткласа Anomalosdesmata Поткласа Heterodonta - драјсени Поткласа Paleoheterodonta
Поткласа Protobranchia Поткласа Pteriomorphia - остриги, мусели |
Школките (односно Bivalvia, синоними Lamellibranchia, Pelecypoda) се класа на мекотели. Тие се одликуваат со странично сплескано тело и черупка која се состои од два капака (подвижни делови), зглобени со еластични филаменти (односно мускули). Школките се важен извор на храна за луѓето, како и за полжавите, рибите и приморските птици.
Черупки на школките
уредиДвата капака на черупката од школката ја препокриваат десната и левата страна на животното; тие се дорзално споени (над телото) и се отвораат вентрално (под телото). Обично двата капака се слични и еднакви по големина, но кај некои форми, како остригите кои се прикрепуваат за супстратот со едниот капак, левиот (горниот) капак е поголем отколку десниот (долниот). Два мускула, наречени адуктори, поминуваат меѓу внатрешните површини на двата капака. Тие делуваат антагонистички на зглобните лигаменти со што овозможуваат школката да се затвори.
Поради големото разнообразие на големини, форми, површински скулптури и бои, одликите на школките се од големо значење при процесот на нивна идентификација. Школките се најразлични по големина, и тоа од ситните (2 mm) школки карактеристични за членовите од слатководната фамилија Sphaeriidae, па до гигантските видови од Tridacna застапени во Јужниот Тихи Океан, кои достигнуваат должина од преку 120 cm и можат да тежат преку 225 кг.
Анатомија на школките
уредиПод черупката се наоѓа месест слој на ткиво наречено мантија; постои празнина (мантијна празнина) помеѓу мантијата и телесниот ѕид. Мантијата ги секретира слоевите на черупката, вклучувајќи го и седефестиот (бисерен) слој. Понекогаш се формира бисер како реакција на иритација. Притоа се наслојува седефест слој околу туѓата честичка. Главениот регион е многу редуциран, така што скоро и да отсуствува. На него нема очи или пипала. Од предниот крај на животното излегува мускулно, секировидно стапало кое се протега меѓу капаците од черупката. Тоа се користи за закопување и, кај некои школки, за пливање. Повеќето школки имаат две цевки, или сифони, кои се издолжуваат од задниот крај: едниот (внесувачки) сифон служи за преземање на оксигенираната вода и храна, и другиот (изнесувачки) сифон служи за екскреција. Двете цевки можат да бидат споени во единствен сифон, наречен врат.
Жабрите, суспендирани низ мантијната празнина, обично се многу големи и функционираат при собирањето на храната (филтерно хранење) како и при дишењето. Како што водата минува низ жабрите, ситни органски честички се заробуваат и се носат кон устата. Членовите на редот Septibranchia, меѓутоа, немаат жабри и се хранат со мали ракови и црви.
Школките имаат целосен дигестивен систем; редуциран нервен систем; целосен, отворен тип на циркулаторен систем со срце кое поседува комора, артерии, вени и крвни синуси; како и екскреторни и репродуктивни органи. Повеќето видови се гонохористи, а јајце-клетките и сперматозоидите се испуштаат во водата каде се случува оплодувањето. Ларвалниот стадиум е слободнопливачки и кај него отсуствува черупка.
Специјализација на школките
уредиШколките се разликуваат во нивните навики: некои, како остригите и морските мусели, имаат редуцирано стапало и постојано се прикачени за супстрат; некои, пак, како слатководните мусели се закопуваат во песокот или калта со помош на стапалото; трети живеат на или близу поврпината на океанското дно; останатите, како бродскиот црв, ги копаат карпите или дрвата барајќи заштита, при што можат да оштетат и некои морски структури. Скалопите пливаат со голема брзина, со безо наизменично отворање и затворање на черупката, со што се исфрлува водата од мантијната празнина. Школките кои се изложени на мала плима ги одржуваат своите жабри влажни со помош на складираната вода во мантијната празнина.
Школките како тема во уметноста и во популарната култура
уреди- „Школки“ - песна на францускиот поет Пол Верлен.[1]
- „Што шуми школката“ — песна за деца на хрватскиот поет Григор Витез.[2]
- „Школките и времето“ - расказ на италијанскиот писател Итало Калвино.[3]
- „Спирала“ - расказ на италијанскиот писател Итало Калвино.[4]
- „Школка“ (шпански: Caracola) - песна на шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка.[5]
- „Школки“ — краток расказ на македонскиот писател Шкељзен Халими.[6]
- „Сребрена школка“ — книга на македонскиот писател Видое Подгорец.[7]
- „Школка“ - кус расказ на македонскиот писател Иван Шопов од 2010 година.[8]
Наводи
уреди- ↑ Пол Верлен, Есенска песна. Скопје: Македонска книга, 1987, стр. 26.
- ↑ Григор Витез, Песни. Мисла, Македонска книга, Култура, Наша книга и Детска радост, Скопје, 1990, стр. 22.
- ↑ Italo Kalvino, Nove kosmikomike. Beograd: Rad, 1999, стр. 61-64.
- ↑ Italo Kalvino, Kosmikomike: stare i nove. Beograd: Paidea, 2008, стр. 109-120.
- ↑ Федерико Гарсија Лорка, Неверна жена. Скопје: Македонска книга, Култура, Мисла, Наша книга, 1982, стр. 67.
- ↑ Никола Гелевски и Владимир Мартиновски (приредувачи), Џинџуџе во земјата на афионите: Антологија на македонскиот краток расказ. Скопје: Темплум, 2022, стр. 140-141.
- ↑ Јунак над јунаци, Култура, Скопје, 1967.
- ↑ Иван Шопов, Азбука и залутани записи, Темплум, Скопје, 2010.