Црнобог

Словенски бог на лошото, на смртта и ноќта

Црнобог (исто и Чернобог или Жернебог, со значење „црн бог“) е мистериозно словенско божество за кое многу се претпоставува, но малку се знае со сигурност. Во единствените извори, кои се христијански, тој е претставен како мрачно и проклето божество, но не е сигурно колку тој навистина бил важен за старите словени. Името е потврдено само кај западнословенските племиња во 12 век, па според тоа се претпоставува дека тој не бил многу важно или многу старо божество.[1]

Дизниев приказ на Црнобог одз филм Фантазија од 1940) година

Извори

уреди

Единствениот историски извор во словенската митологија во кој се спомнува овој бог е „Словенската хроника“ од 12 век, дело на германскиот свештеник Хелмолд, во кое се опишуваат обичаите и верувањата на неколку вендски и полабски племиња, кои во тој период сè уште му се спротивставувале на силното христијанско влијание. Хелмолд напишал:

„Велат дека словените имаат еден чуден обичај: за време на гозба, тие предаваат пехар од еден на друг човек во круг, не за да ги величат, туку за да ги проколнуваат имињата на боговите, добри или зли, и за секое добро го величеле добриот бог, а за секое зло го проколнувале злиот. Овој бог на несреќата, на нивниот јазик е наречен Диаволос или Жернебох, со значење „црн бог“.“

Врз основа на овој запис, многу модерни митолози претпоставуваат дека, ако злиот бог е Црнобог, црниот бог, тогаш добриот е Белобог, односно белиот бог. Меѓутоа, Хелмолд не го споменал Белобог во Хрониката, ниту пак е споменат во другите историски извори во кои се опишани боговите на словенските племиња и народи. Исто така, поверојатно е горнаведениот запис да е сопствено толкување на Хелмолд, отколку точен опис на словенските предмонотеистички верувања. Хелмолд не го знаел словенскиот јазик и затоа што бил христијански свештеник, не бил во допир со самите словени.

Фолклор

уреди

Почитта кон ова божество најверојатно опстојала кај неколку словенски народи. Во неколку јужнословенски локални дијалекти постои интересна фраза: до зла бога (по ѓаволите) која се користи за да се изрази нешто крајно негативно. Никој веќе не го знае буквалното значење на овие зборови. Извикот: То је до зла бога глупо!, може да се преведе како: По ѓаволите, ова е глупаво! Тоа е слично на модерната полска изрека „do jasnej cholery“, што буквално значи „до јасна колера“, а значењето е исто со старата изрека „до зла бога“. Меѓутоа, денес, во сите словенски јазици, зборот бог се користи за да се именува христијанскиот бог, кој не се смета за зол. Според тоа, изразот „зол бог“ е остаток од старите времиња. Ако претпоставиме дека Црнобог навистина бил зол и мрачен бог на старите словени (или можеби само зла форма на некое друго божество), можеме и да претпоставиме дека овој израз била стара клетва со која го повикувале овој бог.

Во јужнословенска митологија

уреди

Црнобог бил божество на подземниот, долен свет, па според аналогија е окарактеризиран како црн, зол. За Црнобог единствениот поранешен запишан податок сренуваме кај Хелмолд кој опишувајќи една прослава на паганските Словени запишал дека сите пиеле од вино од еден пехар врз кој изговорале загадочни, таинствени, магични формули и им се молеле богот на доброто и богот на злото, на Црн бог/ ѓавол[2].

Хтонското божество

уреди

Во својата докторска дисертација д -р Нина Анастасова Шкрињариќ потенцира дека Црнобог претставувал божество а не демон од пониска категорија; класификацијата ‘зол’ таа ја толкува како неадекватна бидејќи според ‘природните религии’ боговите не се делат на добри и лоши, туку се едновремено и добри и лоши. Името црн никако не смее да ни укажува на зло. Според тоа името на Црнобог не потекнува од неговото зло или поистоветување со ѓаволот како што било слободното толкување на Хелмолд, туку доаѓа од неговата област, долниот свет[3]..

Црноглав е исто што и Црнобог според Луј Леже, додека Брикнер во него го гледа старословенското божество Триглав[4]..

Популарна култура

уреди

Црнобог се појавува во повеќе медиуми. Како Чернабог се појавува во „Ноќ на пустата гора“, секвенца во дизниевиот анимиран филм „Фантазија“ од 1940 година. Оваа епизода потоа е прилагодена за видеоиграта „Кингдом хартс“, во која Чернабог има улога на господар на врвот на пустата гора. Чернабог се појавува и во серијата книги „Чуварите на кралството“, како најмоќниот злобник на Волт Дизни и главниот на Обземачите.

Во книжевноста се појавува во романот „Американски богови“ на Нил Гејман како Чернобог, а понатаму во романот и како „Бјелебог“ (се претпоставува дека ова се два различни аспекти на истиот карактер, кои го споделуваат истото битие, но се одвоени со годишните времиња). Во романот „Пешаварските копјаници“ кој спаѓа во жанрот алтернативна историја, по ударот на комета кој ќе предизвика сеопшт глад и канибализам, руската империја создава култ кон Црнобог.

Црнобог е и главниот антагонист во книгите „Наследниците на Александрија“ на Мерцедес Леки, Ерик Флинт и Дејв Фриер.

Тој се појавува и во многу видеоигри.

Наводи

уреди
  1. L Leže, Slovenska mitologija, Beograd
  2. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр.245 - 246
  3. Нина Анастасова - Шкрињариќ, Словенски пантеон, Нина Анастасова - Шкрињариќ, Менора, Скопје, 2004, стр. 186 -187
  4. Гордана Стојковска, Речник на јужнословенска митологија, Издавачки центар Три, Скопје, 2004, стр.245

Литература

уреди
  • Стојковска, Гордана (2004). Речник на јужнословенска митологија. Издавачки центар Три. ISBN 9989-918-97-X.
  • Анастасова, Нина (2004). Словенска митологија’. Менора. ISBN 9989-932-75-1.