Хуан Мартин дел Потро (шпански изговор: [ˈxwan maɾˈtin del ˈpotɾo]) (роден 23 септември 1988), често именуван по својот прекар Делпо, е аргентински професионален тенисер кој е моментално најдобро рангиран аргентински тенисер како и седми тенисер во светот.[1] Дел Потро влегол во најдобрите 10 на АТП листата за првпат на 6 октомври 2008. Во јануари 2010, тој го достигнал своето највисоко место на АТП листата, 4-то место. Набргу по достигнувањето на ова место, дел Потро морал да се повлече од поголем дел од турнирите во 2010 поради повреда на зглобот.[2]
Дел Потро започнал да игра тенис на седум годишна возраст,[3] и на 15 годишна возраст во 2004 тој ја остварил својата прва сениорска победа. Во 2008, тој станал првиот тенисер во историјата на АТП кој ги освоил своите први четири титули на исто толку турнири.[4] Тој исто така ја имал втората најдолга победничка низа во 2008, и втора најдолга од тинејџер, зад Рафаел Надал кој имал победничка низа од 23 победи на 5 турнири.[4] Дел Потро ја освоил својата прва Гренд слем титула на Отвореното првенство на САД 2009, победувајќи го Надал во полуфиналето и Рожер Федерер во финалето. Дел Потро е единствениот тенисер кој покрај 'Големата четворка' - Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Рожер Федерер, и Енди Мареј успеал да освои гренд слем титула од 2005. Тој станал вториот аргентинец и петтиот најмлад тенисер кој успеал да го освои Отвореното првенство на САД во Опен ерата.[5] Дел потро исто така бил освојувач на бронзен медал од Летните олимписки игри во 2012 во поединечна конкуренција.
Хуан Мартин дел Потро е роден во Тандил, Аргентина. Неговиот татко, Даниел дел Потро, играл полупрофесионално рагби во Аргентина и тој е ветеринар.[3][6] Неговата мајка, Патриција, е учителка и тој има помлада сестра која се вика Џулиета. Дел Потро зборува шпански, англиски и помалку италијански јазик.[7] Настрана од тенисот, тој ужива играјќи фудбал и навива за Бока Јуниорс и Јувентус.[7] За време на своето детство тој многу често го посветувал своето време на тенисот и фудбалот, и фудбалерот Мауро Каморанези е еден од најблиските пријатели на дел Потро.[3]
Дел Потро започнал да игра тенис на седум годишна возраст заедно со тренерот Марсело Гомес.[3] Талентот на дел Потро бил откриен од страна на поранешниот италијански тенисер Уго Коломбини, кој го следел низ почетните фази во неговата кариера, и до ден денес е негов агент и близок пријател.[8] Кога бил запрашан за неговите амбиции во тенисот, тој одговорил, "Сонувам да освојам гренд слем и дејвис куп."
Дел Потро е првенствено напаѓач од основната линија со силен сервис и длабоки, рамни топспин удари.[9][10] Неговиот форхенд е еден од неговите главни предности и најверојатно најсилен во играта, кој често достигнува брзина од 100 милји на час,[11] и тој исто така поседува многу постојан и силен дворак бекхенд.[12] Неговата висина му овозможува моќен прв сервис, како и полесно враќање на високите топспин топки.[13]
↑William Johnson (2009-08-10). „Del Potro turning up the heat“. The National. Архивирано од изворникот на 2013-10-14. Посетено на 2009-09-15. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
↑„Federer stunned by del Potro“. New York Post. 2009-09-14. Посетено на 2009-09-23. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
↑Bud Collins (2009-09-15). „Stunning upset by del Potro? Roger“. The Boston Globe. Посетено на 2009-09-15. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)