Хелголандски Залив
Хелголандски Залив (германски: Helgoländer Bucht) — залив во југозападниот дел на Германскиот Залив, сместен во Северното Море, на самото устие на реката Елба. Хелголандскиот Залив се протега од устието на реката Елба до островскиот архипелаг Хелголанд и се наоѓа помеѓу Источнофризиските Острови Вангероге и севернофризискиот полуостров Ајдерштет.
Заливот е именуван по островот Хелголанд, кој бил средиште на поморските битки во 1914 и 1917 година. Во 1939 година исто така се случила воздушна битка во него.
Во Хелголандскиот гребен (Helgoländer Becken), заливот достигнува длабочина од 56 метри.
Една од најпрометните поморски рути во светот, од Хамбург и устието на Елба до Доверскиот Проток и Ламанш, поминува низ Хелголандскиот Залив. Областа исто така вклучува природни резервати како Хелголандското карпесто подморје (Heligoland Felssockel) и заштитеното Ваденско Море, во кое се наоѓаат трите дела на националниот парк Ваденско Море — Шлезвиг-Холштајн во источниот дел, Хамбург во југоисточниот дел и Долна Саксонија во јужниот дел.
Покрај гореспоменатите острови Хелголанд, кои ја создаваат северозападната граница на Хелголандскиот Залив, тука се наоѓа и малиот остров Нојверк во југоисточниот дел, кој се наоѓа во Ваденското Море близу естуарот на Елба. Јужно од овој остров се наоѓа естуарот на Везер и на запад, Заливот Јаде. Југозападно до Хелголандскиот Залив се наоѓа источнофризискиот остров Вангероге. Источно од заливот во морето се влева реката Ајдер, додека на северниот дел се наоѓа полуостровот Ајдерштет, а на неговиот југ, Мелдорфскиот Залив.