Хатихумајун

(Пренасочено од Хатихумјун)

Хатихумјун или Хатихумајун (тур. Hatt-ı Hümayun) [1] е реформски акт донесен на 18 февруари 1856 со кој се ветуваат верска и национална рамноправност на сите народности во Османлиското Царство, слобода на вероисповедта и мислењето, мешани судови, право на христијаните да стапуваат на државни должности, да служат во турската војска и да имаат свои претставници во Државниот совет. Тој предвидува и црковни реформи, замена на натуралните давачки кон црковните великодостојници со парични суми, реорганизација на државната администрација, судството, полицијата и даночната политика, воведување на редовен буџет од приходи и расходи на државата, поправка на патиштата, унапредување на земјоделството и трговијата и друго.

Врз основа на тој акт наследникот на Абдул Меџид, султанот Абдул Азис (вл. 1861-1876), ќе донесе повеќе законски прописи за регулирање на значајни прашања во јавниот живот: Законот за трговска постапка, Законот за создавање на нови вилаети и нови судовиу, Законот за правата на странците на земјишна сопственост во Турција, Законот за организирање на Државниот совет и други.

Ефекти врз Македонија

уреди

Иако овој акт донел поголема рамноправност и локална власт, некои од овие регулативи ќе предизвикаат незадоволство кај реакционерните кругови на муслиманите, а некои кај Македонците. Според новиот Закон за создавање на вилаети во европскиот дел на Турција се формирани 6 вилаети. Северниот дел на Македонија влегувал во составот на Косовскиот (подоцна: Скопскиот), а јужниот - во составот на Солунскиот вилает. Дополнително е формиран Битолскиот вилает. Така целата територија на Македонија влегува во составот на споменатите 3 вилаети. Ваквата нејзина административна положба останува до крајот на турското владеење.

Извори

уреди
  1. Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981

Литература

уреди