Финансиски фјучерс

(Пренасочено од Фјучерс)

Финансискиот фјучерс (англиски: financial futures) претставува стандардизиран договор за купување или продажба на некои финансиски инструменти на некоја одредена идна дата, по однапред утврдена цена. Притоа, купувачот на фјучерсите се согласува да ги прими финансиските инструменти и да ја плати договорената цена на утврдената идна дата, додека продавачот на фјучерсите се согласува да ги испорача финансиските инструменти и да ја прими договорената цена на утврдената идна дата. Финансиските фјучерси спаѓаат во групата на финансиски деривати (financial derivatives).

Одлики на фјучерсите

уреди

Финансиските фјучерси спаѓаат во групата на договори за идна испорака (forward contracts) со таа разлика што фјучерсите имаат стандардизирани одлики во поглед на износот, датата на извршување итн. За разлика од нив, договорите за идна испорака се склучуваат на поединечна основа, т.е. во секоја одделна трансакција, купувачот и продавачот се договараат за одликите на финансискиот инструмент што е предмет на купопродажба, за неговата цена, за датата кога ќе се извршат испораката и плаќањето итн.

Фјучерсите се стандардизирани договори. Имено, фјучерс-договорот се однесува на купопродажба на некој финансиски инструмент со точно одредени одлики и тоа во точно одреден износ. Исто така, фјучерс-договорот се извршува на некоја точно одредена идна дата. На пример, еден фјучерс-договор може да гласи на тримесечни државни записи во вредност од еден милион долари, при што договорот се извршува во третиот понеделник во месеците: март, јуни, септември и декември.[1].

Тргување со фјучерсите

уреди

Современата историја на фјучерсите започнала во средината на 19 век. Така, во 1848 година била основана берзата Чикашкиот одбор за трговија (Chicago Board of Trade, CBOT) која неколку години подоцна понудила еден вид фјучерс-договори, наречени „договор што пристигнува“ (to-arrive contract). Во 1874 година била основана Чикашката проиѕводна берѕа (Chicago Produce Exchanage) која претставувала организиран пазар за тргување со путер, јајца, живина и други земјоделски производи. Во 1898 година, дилерите на путер и јајца се повлекле од оваа берза и основале нова — Чикашки одбор за путер и јајца (Chicago Butter and Egg Board) која во 1919 година го променила името во Чикашката стоковна берза (Chicago Mercantile Exchange, CME) и се преорганизирала во берза за тргување со фјучерси. На оваа берза, во 1972 година бил основан посебен дел за тргување со валутни фјучерси — Меѓународниот пазар на пари (International Money Market, IMM).[2]

Со фјучерсите активно се тргува на организирани пазари, од кои, најпознати се следниве: американските берзи – Чикашкиот одбор за трговија и Чикашката стоковна берза; европските Јурекс (Eurex) и Јуронекст.лајф (Euronext.liffe); како и Сингапурската меѓународна парична берза (Singapore International Monetary Exchange, SIMEX), Токиската финансиска берза (ТFХ) и Сиднејската берза на фјучерси (Sydney Futures Exchange, SFE) во азиско-тихоокеанскиот регион. На овие берзи се тргува со фјучерс-договори што гласат на различни финансиски инструменти, како што се: државни хартии од вредност (државни записи и државни обврзници), општински обврзници, потврди за депозити, евродоларски депозити, договори врзани за некои каматни стапки итн. Притоа, за купувачот на фјучерсите се вели дека зазема долга позиција (long position) на пазарот, затоа што се обврзува да преземе некој финансиски инструмент. Од друга страна, продавачот зазема куса позиција (short position) на пазарот на фјучерси, затоа што се обврзува да испорача некој финансиски инструмент којшто, во моментот на склучвањето на договорот, може воопшто да не го поседува.[3].

Поважни фјучерси со кои се тргува на берзите[4]
Предмет на договорот Главна берза Износ на договорот
пченка Chicago Board of Trade 5 000 шиници
соино масло Chicago Board of Trade 60 000 либри
американски државни обврзници Chicago Board of Trade 1000 000 долари
свињи Chicago Mercantile Exchange 40 000 либри
шеќер Intercontinental Exchange 112 000 либри
сурова нафта New York Mercantile Exchange 1 000 барели
природен гас New York Mercantile Exchange 10 000 метрички тони
евродолари Chicago Mercantile Exchange 1 000 000 долари
евројени Chicago Mercantile Exchange 100 000 000 јени
британска фунта London International Financial Futures and Options Exchange 500 000 фунти
тримсечен ЕУРИБОР London International Financial Futures and Options Exchange 1 000 000 евра
јапонски јен Chicago Mercantile Exchange 12 500 000 јени
канадски долар Chicago Mercantile Exchange 100 000 канадски долари
британска фунта Chicago Mercantile Exchange 62 500 фунти
швајцарски франк Chicago Mercantile Exchange 125 000 франци
мексиканско пезо Chicago Mercantile Exchange 500 000 пеза
евро Chicago Mercantile Exchange 125 000 евра
S&P индекс Chicago Mercantile Exchange 250 долари по индексот на S&P 500

Бидејќи со фјучерсите се тргува на организирани пазари, тие не се изложени на ризикот од неисполнување на договорите. Тоа произлегува оттаму што склучувањето на фјучерс-договорите не се врши непосредно меѓу купувачите и продавачите. Напротив, секој купувач и продавач на фјучерси стапува во однос со клириншката куќа на берзата, којашто гарантира за извршувањето на фјучерс-договорите. За таа цел, за секоја заземена куса или долга позиција на пазарот, продавачот и купувачот на фјучерс-договорот мораат да положат одреден депозит (margin account) кај клириншката куќа (пари, државни хартии од вредност или банкарска гаранција). Депозитот служи како обезбедување дека клиентот ќе ги исполни своите обврски во случај на неповолно движење на цената на фјучерсот. Почетниот депозит (initial margin), што се положува при склучувањето на фјучерс-договорот, претставува некој многу мал износ од договорната вредност на фјучерсот. Потоа, за време на траењето на фјучерс-договорот, клириншката куќа одзема одреден износ пари од депозитот при неповолно движење на цената на фјучерсот, односно додава одреден износ пари на депозитот при поволно движење на цената на фјучерсот. На пример, ако цената на фјучерсот расте, тоа претставува добивка за купувачот и затоа, вредноста на неговиот депозит се зголемува соодветно на промената на цената на фјучерсот. Истовремено, порастот на цената на фјучерсот претставува загуба за продавачот и затоа, состојбата на неговата сметка се намалува за истиот износ. Притоа, берзата го одредува минималниот износ на депозитот што клиентот мора да го одржува во секое време (maintenance margin). Ако состојбата на сметката се намали под овој износ, клиентот е должен да ја дополни сметката.[5] Некои брокери им исплаќаат на инвеститорите камата за парите што ги уплатиле како депозит, а наместо пари, некои брокери дозволуваат уплатата да се изврши со државни записи (кои се прифаќаат со дисконт од 10 %) или акции (кои се прифаќаат со дисконт од 50 %). Инаку, износот на почетниот и на минималниот депозит ги определува берзата, но брокерите може да побараат од нивните клиенти да уплатат и поголем депозит, но не можат да побараат помал депозит. Минималниот депозит обично изнесува 75 % од почетниот депозит. Покрај тоа што инвеститорот мора да уплати депозит кај својот брокер, така и брокерите се должни да уплатат депозит (clearing margin) во клириншката куќа на берзата. Износот на овие депозити се зголемува или намалува секој ден во зависност од добивките (загубите) кои ги остварил брокерот. Меѓутоа, за брокерите кои се членови на клириншката куќа постои само почетен депозит, но не и минимален. Секој ден, овие брокери мора да држат на својата сметка износ еднаков на пропишаниот почетен депозит по бројот на отворени фјучерс-договори. Брокерите, пак, кои не се членови на клириншката куќа мора да уплатат депозит кај брокерите-членови на берзата. При пресметката на депозитите на брокерите, клириншката куќа го утврдува бројот на отворените фјучерс-договори, а тоа се прави или на бруто или на нето основа. Во првиот случај, клириншката куќа ги собира сите долги и кратки позиции на клиентите на брокерот, додека во вториот случај се поништуваат долгите со кратките позиции. На пример, ако клиентите на еден брокер отвориле 20 долги и 15 кратки договори, при бруто-пресметката, депозитот на брокерот ќе се пресмета врз основа на 35 договори (20 + 15), додека врз основа на нето-пресметката, депозитот ќе се утврди според 5 договори (20 - 15).[6]

За повеќето фјучерс-договори, берзите поставуваат дневни граници во кои може да се движи цената, и тоа долна (limit down) и горна граница (limit up). Кога цената ќе ја достигне границата, трговијата со фјучерсите се запира во текот на тој ден, иако во некои околности берзата може да интервенира така што ќе ги промени границите на дозволеното движење на цената. Целта на овие граници е да се спречи преголемото движење на цената под дејство на спекулаторите. Покрај тоа, берзите определуваат и ограничувања на големината на позицијата (бројот на склучени фјучерс-договори) што можат да ја заземат спекулаторите, но овие ограничувања не важат за инвеститорите кои ги употребуваат фјучерсите за заштита од ризикот.[7]

Иако фјучерс-договорите гласат на некоја идна дата, тие секојдневно предизвикуваат финансиски последици за купувачите и продавачите. Тоа се остварува така, што за време на целокупното траење на фјучерс-договорот, клириншката куќа врши секојдневно порамнување на сите отворени сметки, чии износи се приспособуваат во согласност со движењето на цената на фјучерсот (marking-to-market). На крајот од животниот век на фјучерс-договорот се врши конечно порамнување на сметките, кога купувачот и продавачот добиваат или губат одреден износ пари, еднаков на разликата меѓу договорената и тековната цена на фјучерсот. Во таа смисла, треба да се спомене дека многу ретко, финансиските фјучерси се извршуваат преку предавање на финансискиот инструмент и плаќање на договорената цена. Напротив, фјучерс-договорите најчесто се ликвидираат пред рокот на извршувањето, преку преземање спротивни трансакции на берзата.[5].

На пример, еден инвеститор купува два фјучерс-договора на злато при што еден договор гласи на сто унци. Да претпоставиме дека тековнат цена на пазарот на фјучерси е 400 долари за една унца. Ако пропишаниот почетен депозит изнесува 2 000 долари за еден фјучерс-договор, тоа значи дека инвеститорот мора да уплати 4 000 долари како депозит. Да претпоставиме дека минималниот износ на депозитот изнесува 1 500 долари по договор, односно 3 000 долари за двата договора. На седмиот ден, салдото на депозитот паѓа под пропишаниот минимален износ, па инвеститорот мора да уплати 1 340 долари и така да го дополни депозитот до износот од 4 000 долари. На 11. ден, салдото на депозитот повторно се намалува под минималното ниво, па инвеститорот мора повторно да уплати 1 260 долари. Во текот на траењето на фјучерс-договорот, износот на депозитот ќе се менува во зависност од промените на цената на пазарот на фјучерси, како што е прикажано во следнава табела:

Промените во депозитот при купување два фјучерс-договора по цена од 400 долари[8]
Дата Цена на фјучерсот Дневна добивка (загуба) Вкупна добивка (замена) Салдо на депозитот Повик за доплата
1 ден 397 - 600 - 600 3 400
2 ден 396,10 - 180 - 780 3 220
3 ден 398,20 420 - 360 3 640
4 ден 397,10 - 220 - 580 3 420
5 ден 396,70 - 80 - 660 3 340
6 ден 395,40 - 260 - 920 3 080
7 ден 393,30 - 420 - 1 340 2 660 1 340
8 ден 393,60 60 1 280 4 060
9 ден 391,80 - 360 - 1 640 3 700
10 ден 392,70 180 - 1 460 3 880
11 ден 387 - 1 140 - 2 600 2 740 1 260
12 ден 387 0 - 2 600 4 000
13 ден 388,10 220 - 2 380 4 220
14 ден 388,70 120 - 2 260 4 340
15 ден 391 460 - 1 800 4 800
16 ден 392,30 260 - 1 540 5 060

Котација и вреднување на фјучерсите

уреди

Цените на фјучерсите се изразуваат во вид на индексни броеви. На пример, ако цената на еден фјучерс-договор за државни записи е дадена како 94,65, тоа означува фјучерс-договор со стапка на принос од 5,35% (100 – 94,65). Вредноста на еден фјучерс-договор за државни записи во вредност од 1 милион долари се добива на тој начин што од договорната вредност на фјучерс-договорот ќе се одбие износот на дисконтот. Така, ако фјучерсите котираат како 97,82, нивната цена ќе биде еднаква на:

F = 1 000 000 x (1 - 0,0218 x 90/360) = 994 550 долари.

Според тоа, вредноста на фјучерс-договорите зависи од промените на каматните стапки. Имено, при пораст на каматните стапки, доаѓа до намалување на вредноста на фјучерс-договорите и обратно, намалувањето на каматните стапки предизвикува пораст на вредноста на фјучерс-договорите.

Малку поразлично се изразуваат цените на фјучерс-договорите што гласат на државни обврзници, каде што индексите вклучуваат и дропки. На пример, ако фјучерс-договорот за државни обврзници котира како 103-25, тоа означува дека цената на фјучерс-договорот е еднаква на 103 и 25/32 проценти од номиналната вредност на државните обврзници. Под претпоставка дека фјучерс-договорот се однесува на државни обврзници со номинална вредност од 100 000 долари, тогаш цената на договорот ќе биде еднаква на 103 781,25 долари.

Добивка и загуба кај фјучерсите

уреди

Купувачите на фјучерси остваруваат добивка кога пазарната цена на темелниот финансиски инструмент е повисока од почетната цена. Обратно, ако пазарната цена падне под договорената цена, купувачите на фјучерси доживуваат загуба. На пример, ако фјучерс-договорот е купен по цена од 94,60, неговиот сопственик ќе оствари добивка ако тековната цена на фјучерсот го надмине ова ниво. Притоа, колку е повисока тековната цена на фјучерсот, неговиот сопственик ќе остварува сè поголема добивка. Обратно, ако цената на фјучерсот падне под 94,60 сопственикот ќе претрпи загуба, која ќе се зголемува со понатамошното опаѓање на цената на фјучерсот.

Од друга страна, продавачите на фјучерси остваруваат добивка кога тековната пазарна цена на фјучерсите е пониска од почетната цена, а трпат загуба ако пазарната цена на фјучерсите ја надмине почетната цена. На пример, ако некој продаде фјучерс-договор по цена од 92,80, тој ќе оствари заработка ако пазарната цена на фјучерсот падне под ова ниво. Обратно, ако цената на фјучерсот порасне над 92,80, продавачот ќе претрпи загуба. Притоа, колку што расте пазарната цена на фјучерсот, неговата загуба ќе биде сè поголема.

Притоа, секое зголемување или намалување на пазарната цена на фјучерсите во однос на неговата почетна цена значи соодветна добивка или загуба на купувачите и продавачите. Во продолжение, кај купувачите на фјучерси, потенцијалната загуба е ограничена, а потенцијалната добивка е неограничена, додека кај продавачите на фјучерси, потенцијалната добивка е ограничена, а потенцијалната загуба е неограничена.[9]

Употреба на фјучерсите за заштита од каматниот ризик

уреди

Фјучерсите претставуваат погоден инструмент за заштита од ризиците, т.е. хеџирање (hedging), бидејќи овозможуваат со малку вложени средства да се покрие голема изложеност на ризикот. Тоа произлегува оттаму што депозитот што го положуваат купувачите и продавачите на фјучерсите претставува многу мал дел (околу 1%) од вредноста на темелниот инструмент на кој гласи фјучерс-договорот.

На пример, ако некоја банка е изложена на ризикот од зголемување на каматните стапки, таа може да се заштити така што ќе заземе куса позиција на пазарот на фјучерси, односно ќе продава фјучерс-договори. Во тој случај, ако навистина пораснат каматните стапки, банката ќе претрпи загуба, меѓутоа, во исто време, таа ќе оствари добивка на пазарот на фјучерси. Тоа произлегува оттаму што цената на фјучерсите реагира на промените на каматните стапки на истиот начин како финансиските инструменти на готовинскиот пазар. Имено, порастот на каматните стапки ќе предизвика намалување на цената на фјучерс-договорите, а во тој случај, продавачите на фјучерси ќе остварат добивка на нивните депозитни сметки кај клириншката куќа. На тој начин, добивката од пазарот на фјучерси ќе ја поништи загубата што банката ја претрпела на готовинскиот пазар.

Кога банката е изложена на ризикот од намалување на каматните стапки, таа може да се заштити преку купување фјучерс-договори, односно преку заземање долга позиција на берзата на фјучерси. Тогаш, ако навистина опаднат каматните стапки, банката ќе претрпи загуба на готовинскиот пазар, но истовремено, ќе оствари добивка од фјучерсите. Тоа произлегува оттаму што намалувањето на каматните стапки ќе ја зголеми цената на фјучерсите, а во тој случај, купувачите на фјучерси ќе остварат добивка на своите депозитни сметки кај клириншката куќа. Така, загубата што банката ја претрпела на готовинскиот пазар ќе биде поништена од добивката остварена на пазарот на фјучерси.[10]

Чекори во заштитата од ризиците

уреди

Целокупната постапка за заштита од каматниот ризик со употреба на фјучерсите се спроведува во следниве основни чекори:

  • Определување на изложеноста на каматниот ризик. Банката најпрвин треба да го утврди износот на средствата што е изложен на каматниот ризик. Исто така, во зависност од насоката на каматниот ризик, банката треба да избере дали заштитата од ризикот ќе ја изведе преку заземање куса или долга позиција на пазарот на фјучерси. Така, за заштита од ризикот од пораст на каматните стапки, банката ќе продава фјучерси. Обратно, банката ќе купува фјучерси кога сака да се заштити од ризикот од опаѓање на каматните стапки.
  • Избор на соодветен фјучерс-договор. На берзите се тргува со поголем број фјучерс-договори, кои се однесуваат на различни темелни инструменти: државни записи, државни обврзници, евродоларски депозити итн. Оттука, банката треба да го избере оној фјучерс-договор што е еднаков или сличен на финансискиот инструмент што таа сака да го заштити од каматниот ризик. На пример, ако банката планира во иднина да продаде државни обврзници, таа е изложена на ризикот од пораст на каматните стапки (опаѓање на цената на обврзниците). Во тој случај, банката треба да се заштити од каматниот ризик така, што ќе продава фјучерси што гласат на државни обврзници, а не на државни записи.
  • Одредување на потребниот број фјучерс-договори за заштита од ризикот. Овде се работи за избор на соодветен коефициент на заштита (hedge ratio).
  • Определување на временскиот период на заштита. Временскиот период во кој банката ќе ја држи отворена својата позиција на пазарот на фјучерси треба да се поклопува со времето во кое банката е изложена на каматниот ризик. Со други зборови, тогаш кога ќе исчезне изложеноста на ризикот, банката треба да ја поништи трансакцијата на пазарот на фјучерси.
  • Спроведување на заштитата. Имајќи ги предвид претходните елементи, банката треба да ги оствари потребните трансакции на пазарот на фјучерси.
  • Надгледување на постапката на заштита од ризикот. Во оваа фаза, банката треба да спроведува надзор врз своите трансакции со фјучерси во смисла на почитување на надворешните и внатрешните прописи.[11].

Ризик на основата

уреди

При употребата на фјучерсите за заштита од ризикот се јавуваат и некои проблеми, од кои најзначаен е ризикот на основата (basis risk). Овде, под поимот „основа“ се подразбира разликата меѓу цената на некој финансиски инструмент на готовинскиот пазар и неговата цена на пазарот на фјучерси. На пример, ако на одреден ден, каматната стапка на тримесечните државни записи изнесува 4,35%, а во исто време, каматната стапка на фјучерсите за тримесечни државни записи изнесува 4,69%, разликата од 34 основни бодови (4,69 – 4,35) се нарекува основа. По правило, каматната стапка на некој финансиски инструмент на готовинскиот пазар секогаш се разликува од неговата каматна стапка на пазарот на фјучерси, при што разликата може да биде позитивна или негативна во зависност од тоа дали фјучерската каматна стапка е повисока или пониска од готовинската. Притоа, оваа разлика се намалува онака како што истекува важноста на фјучерс-договорот и на денот на извршувањето на фјучерсот, разликата меѓу каматните стапки исчезнува, т.е. основата е еднаква на нула. Проблемот со фјучерсите лежи во тоа што за време на важењето на фјучерс-договорот може да дојде до значителна промена на основата. Како последица на промената на основата од денот на склучувањето на фјучерс-договорот до денот на неговото затворање, операцијата за заштита од каматниот ризик не мора да биде целосно успешна, или пак, напротив, таа може да се покаже како исклучително успешна.[12]

Наводи

уреди
  1. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 414-416.
  2. John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 2-3.
  3. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, 416-417.
  4. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 58.
  5. 5,0 5,1 Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 417.
  6. John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 24-26.
  7. John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 21-22.
  8. John C. Hull, Introduction to Futures and Options Markets (third edition). London: Prentice-Hall International, 1998, стр. 24.
  9. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 432-433.
  10. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 418-419.
  11. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 419-420.
  12. Горан Петревски, Управување со банките, Скопје: Економски факултет, 2008, стр. 424-425.