Хеџирање
Хеџирање (англиски: Hedging) — употреба на финансиските инструменти за заштита од ризиците. Целта на хеџирањето е да се намали ризикот од загуба или да се спречи губење на профит поради осцилации во цените, со тоа што се зазема истоветна или спротивна позиција на готовинскиот пазар и пазарот на фјучерси.
Хеџирање со помош на фјучерси
уредиКратко хеџирање
уредиКратко хеџирање (англиски: short hedge) означува стратегија на хеџирање која вклучува заземање кратка позиција на пазарот на фјучерси. Краткото хеџирање се применува кога инвеститорот веќе поседува некое финансиско или реално средство кое планира да го продаде во иднина така што се плаши од можното намалување на цената. Исто така, краткото хеџирање се применува и за заштита од ризикот во случај кога инвеститорот очекува дека во иднина ќе се стекне со некое реално или финансиско средство. На пример, да претпоставиме дека една рафинерија склучила договор за продажба на еден милион барели нафта по три месеци по цената која ќе важи на денот на продажбата. На тој начин, ако во текот на следните три месеци порасне цената на нафтата, рафинеријата ќе оствари добивка, но таа ќе забележи загуба ако во наведениот период опадне цената на нафтата. Да претпоставиме дека цената на фјучерсот на нафта со рок на извршување од три месеци изнесува 18,75 долари. Бидејќи еден фјучерс-договор гласи на илјада барели нафта, рафинеријата ќе се заштити од ризикот од намалување на цената така што ќе заземе кратка позиција на берзата на фјучерси, продавајќи илјада фјучерси по цена од 18,75 долари. Ако по три месеци, цената на нафтата падне на 17,50 долари, тогаш рафинеријата ќе заработи 17,5 милиони долари од продажбата на милион барели нафта. Истовремено, таа ќе ја затвори својата кратка позиција на берзата така што ќе купи илјада фјучерси по цена од 17,50 долари и со тоа ќе оствари добивка од 1,25 долари (18,75 - 17,50) по еден барел, или вкупно, 1,25 милиони долари. Оттука, вкупниот приход на рафинеријата ќе изнесува 18,75 милиони долари (17,5 милиони од продажбата на нафтата и 1,25 милиони од кратката позиција на берзата на фјучерси), а тоа значи дека рафинеријата успеала да ја продаде нафтата по загарантирана цена од 18,75 долари.[1]
Долго хеџирање
уредиДолго хеџирање (англиски: long hedge) означува стратегија на хеџирање која вклучува заземање долга позиција на пазарот на фјучерси. Долгото хеџирање се применува кога инвеститорот очекува дека во иднина ќе купи некое реално или финансиско средство и сака да се заштити од порастот на цената. На пример, да претпоставиме дека една фабрика склучила договор за купување на 100 000 фунти бакар по три месеци по цената која ќе важи на денот на продажбата. На тој начин, ако во текот на следните три месеци порасне цената на бакарот, фабриката ќе оствари загуба. Да претпоставиме дека цената на фјучерсот на бакар со рок на извршување од три месеци изнесува 1,20 долари. Бидејќи еден фјучерс-договор гласи на 25 000 фунти бакар, фабриката ќе се заштити од ризикот од пораст на цената така што ќе заземе долга позиција на берзата на фјучерси, купувајќи четири фјучерси. Ако по три месеци, цената на бакарот порасне на 1,25 долари, тогаш фабриката ќе плати 125 000 долари за купениот бакар. Истовремено, таа ќе ја затвори својата долга позиција на берзата така што ќе продаде четири фјучерси по цена од 1,25 долари и со тоа ќе оствари добивка од 5 000 долари (1,25 - 1,20). Оттука, вкупниот износ што ќе го плати фабриката за бакарот изнесува 120 000 долари (125 000 за купениот бакар минус 5 000 од долгата позиција на берзата на фјучерси), а тоа значи дека рафинеријата успеала да го купи бакарот по загарантирана цена од 1,20 долари.[2]