Филис Витли
Филис Витли ( 1753 - 5 декември 1784 год.) е првата афроамериканска поетеса и првата афроамериканска жена чии дела биле објавени. Родена е во Гамбија, Сенегал; на седумгодишна возраст станала робинка. Таа била купена од семејството Витли, кое ја научило како да чита и пишува и ја охрабрувало да пишува поезија.
Книгата „Песни со разни содржини, религиозни и морални“ на Витли, објавена во 1773 година й донела слава и придобивки, како што е пофалбата за нејзината работа од Џорџ Вашингтон. Витли била во посета на Англија околу пет недели, придружувајќи го синот на нејзиниот господар и таму била пофалена за една нејзина песна од афроамериканскиот поет Јупитер Хамон. Витли била ослободена од нејзините сопственици по нејзините два успеха како поетеса и по смртта на нејзиниот господар; наскоро се омажила. Кога нејзиниот сопруг бил ставен во затвор поради долгови, во 1784 година, Витли била соочена со тешка сиромаштија и починала од болест.
Биографијa
уредиИако датата и местото на раѓање не се точно документирани, се верува дека Филис Витли е родена во 1753 година, некаде во Западна Африка, веројатно во денешна Гамбија. Витли била донесена во Бостон, Масачусетс на 11 јули 1761 година, со брод за робови наречен „Филис“, кој бил во сопственост на Тимоти Финч, а капетан бил Питер Гвин.
На осумгодишна возраст таа била продадена на богат трговец и кројач од Бостон, Џон Витли, кој го зел младото девојче за слугинка на неговата сопруга, Сузана. Џон и Сузана Витли го нарекле девојчето Филис, по истоимениот брод што ја донел во Америка.
Образованието на Филис започнало со нејзиното подучување од страна на осумнаесетгодишната ќерка на Витли, Мери. Џон Витли, кој бил познат како напреден човек во Нова Англија, и слободоумноста на другите членови од семејството Витли й овозможиле на Филис да се здобие со невидено образование, не само за една робинка, туку и општо за жена од која било раса. На возраст од 12 години, Филис веќе читала грчки и латински класици и тешки делови од Библијата. Воодушевено од нејзината способност за пишување, семејството Витли му придало големо значење на нејзиното образование и ги препуштило обврските околу домаќинството на други робови кои ги поседувале. Под огромното влијание на делата на Александар Поуп, Џон Милтон, Хомер, Хорациј и Вергилиј, интересот на Филис Витли се насочил кон поезијата.
Во 1773 година, Витли била пратена во Лондон да го придружува Натаниел Витли во закрепнувањето на неговото здравје. Посетата на Витли не поминала незабележана. Таа имала средба со лордот градоначалник на Лондон (имала закажано следна средба со Џорџ III, но Филис се вратила дома порано), како и со други важни членови на британското општество. За време на оваа посета во Лондон, била објавена нејзината збирка поезија. Витли била ослободена од ропство на 18 октомври 1773 година, но не й биле дадени сите права на една слободна жена.
Во 1775 година, таа објавила поема во која го величела Џорџ Вашингтон, насловена „За Неговата Превозвишеност Џорџ Вашингтон“. Во 1776 година, Вашингтон ја поканил Витли во неговиот дом како благодарност за поемата, а Томас Џеферсон повторно й ја објавил поемата во весникот на Пенсилванија, како резултат на средбата на Витли со Вашингтон. Иако Витли ја поддржувала Американската револуција, се покажало дека војната е штетна за објавувањето на нејзината поезија, бидејќи читателите биле вклучени во беснилото на војната и не биле заинтересирани за поезија.
Во 1778 година, кога починал господарот на Витли, Џон Витли, таа била легално ослободена од оковите на ропството. Три месеци подоцна, Витли се омажила со Џон Питерс, слободен црн сопственик на бакалница. Нејзиниот брак бил нестабилен поради лошите услови за живеење и смртта на нивните две деца. Витли не можела да објави друг дел од нејзината поезија поради финансиските проблеми, загубата на господарите по ослободувањето и последиците од Револуционерната војна.
Сопругот на Витли, Џон Питерс, бил ставен во затвор поради долгови во 1784 година, оставајќи ја зад себе сиромашната Витли со болен син. Витли станала слугинка за миење садови во ученички дом, принудена на домаќинска работа која претходно, дури била робинка, ја одбегнувала. Витли починала на 5 декември 1784 година, на возраст од 31 година. Нејзиниот син починал три и пол часа по нејзината смрт.
Поезија
уредиВо 1768 година, Витли ја напишала поемата „За највозвишеното Височество Кралот“, во која го величела Џорџ III за укинување на законот за марките. Како и да е, како што јакнела Американската револуција, Витли пишувала на теми од гледна точка на колонистите.
Во 1770 година, таа напишала поетско признание за Џорџ Вашингтон, кое било широко поздравено. Поезијата на Витли вклучува многу христијански теми, а многу нејзини песни се посветени на славни личности. Повеќе од една третина се состои од елегии, остатокот се со религиозни, класични и апстрактни теми. Таа ретко ја спомнувала својата состојба во нејзините песни. Една од неколкуте во која се зборува за ропството е „Доведена од Африка во Америка“:
„Штом благословот ме донесе од мојата паганска земја,
Ја научи да разбере мојата затемнета душа
Дека постои Бог, дека постои Спасителот исто така:
За спасение пред тоа не знаев или барав.
Некои ја гледаат нашата црна раса со око презирно,
„Нивната боја е ѓаволски обоена“.
Запомнете Христијани, Црнците како Каин црни,
Можат да се облагородат и да се приклучат на возот ангелски“.
‘Twas mercy brought me from my Pagan land,
Taught my benighted soul to understand
That there's a God, that there's a Saviour too:
Once I redemption neither sought nor knew.
Some view our sable race with scornful eye,
"Their colour is a diabolic dye."
Remember, Christians, Negroes, black as Cain,
May be refin'd, and join th' angelic train.´
Многу бели Американци од тоа време тешко верувале дека Африканка може да пишува поезија, па Витли морала да ја брани нејзината способност за пишување на суд во 1772 година. Таа била испитувана од група бостонски просветители, вклучувајќи ги Џон Ервинг, пречесниот Чарлс Чонси, Џон Хенкок, Томас Хачинсон, гувернерот на Масачусетс и неговиот поручник гувернер Ендру Оливер. Тие заклучиле дека поемите кои ӣ се припишани се напишани од неа и потпишале потврда, која била објавена во предговорот на нејзината книга „Песни со разни содржини, религиозни и морални“ издадена во Алгејт, Лондон во 1773 година. Книгата била издадена во Лондон бидејќи издавачите во Бостон одбиле да ја објават. Витли и синот на нејзиниот господар, Натаниел Витли, отишле во Лондон, каде Селина, грофица од Хантингтон и грофот од Дартмут й помогнале во издавањето.
Во 1778 година, афроамериканскиот поет Јупитер Хамон й напишал ода на Витли. Хамон не се спомнува самиот себе во одата, но се чини дека при избирањето на Витли за негова инспирација, тој ја увидел нивната заемна поврзаност.
Стил, структура и влијание на поезијата
уредиВитли, како и повеќето автори, пишувала за она што го знаела или искусила. Таа верувала дека моќта на поезијата е неизмерна. Џон К. Шилдс забележал дека поезијата формирана од нејзиното знаење не е само литературен преглед на новелите кои ги прочитала, туку има значење за личните размислувања и верувања на Витли. Шилдс напишал: „Витли има на ум повеќе одошто едноставно однесување. Подоцна ќе биде покажано дека нејзините навестувања за богот на сонцето или божицата на утрото, појавувајќи се како и овде, во потрага по поетска инспирација, се од важно значење за неа“. На пример, нејзината песна „Ода на Нептун“ го отсликува нејзиниот живот на многу начини. Стилот со кој е пишувана песната, започнува растреперено и хаотично, но расположението е авантуристичко, сепак застрашувачко (олицетворувајќи голем дел од нејзините искуства). До крајот на песната стилот и ставот се чини дека будат емоции на мирно патување, кое било многу важно. Оваа песна е составена од три строфи од по четири стиха во јампски тетраметар, следен од заклучок - куплет во јампски пентаметар. Римата е ababcc. Структурата или формата на нејзината поезија го отсликува стилот на пишување и што добива читателот од поемата во литературна смисла и историска анализа.
За неа е познато дека користи три различни елементи да ја направи нејзината поезија значајна: христијанство, класицизам и хиерофантско обожување на сонцето. Употребата на класицизмот и христијанството не се комбинирани само за да ја направат структурата на делото на Витли целосно паганска или христијанска, туку се должи и на третиот елемент употребен во нејзината поезија, хиерофантско обожување на сонцето. Хиерофантското обожување на сонцето е она што таа го донела од Африка; тоа е обожување на богови на сонцето (олицетворение на африканската култура). Оваа претстава за култ кон сонцето е значајна, бидејќи и нејзините родители го обожувале сонцето. Ова е зошто таа многу често разни зборови ги претставува со сонцето. Зборот „Аурора“ се појавува осум пати, „Аполо“ седум пати, „Фибус“ дванаесет пати и „Сол“ двапати. Зборот „светлина“ е од огромно значење за неа, затоа што го одбележува нејзиното минато. Оттаму, значењето на пишувањето за овие работи го напоменува нејзиното минато, кое го оставила зад себе. Меѓутоа, создавањето на овие искуства за читателот му дава на нејзиното дело емоционална привлечност, која ги заробува нејзините читатели.
Но, да потсетиме дека е важно што зборот „сонце“ (sun) може да биде исто напишан како „син“ (son), со што се создава игра со зборови, која ги навестува библиските идеи во пишувањето. Други библиски знаци ги вклучуваат отсликувањата на музите. Додека другите автори го споменуваат зборот „небесно“ насекаде во нивните поеми, Витли ја користи само фразата „небесна муза“ во две нејзини поеми: „ За свештеникот на смртта на неговата госпоѓа“ и „Исаија LXIII“, означувајќи ја нејзината претстава за христијанското божество и библиските ефекти кои го испирираат нејзиното дело. Ова покажува колку навистина се значајни библиските аспекти во нејзината работа. Меѓутоа, употребата на класицизмот е она што ја издвојува од другите. Шилдс напишал дека: „Употребата на класицизмот од страна на Витли го издвојува нејзиното дело како оригинално и единствено и заслужува голема почит“. Класицизмот е употребен преку стилот кој ги задржува формалните аспекти на самиот стил, но ги одбива нормите. Затоа, Филис Витли, првата афроамериканска поетеса, не е само поединечен успех за себе, туку отфрлањето на нормите и пронаоѓањето на стил на пишување кој ӣ одговара е храбро и смело. Шилдс за пишувањето на Витли заклучува дека поголемиот дел од поемите „ се одразуваат на читателот и го поттикнуваат на размислување, отколку што се брилијантни и блескави“. Нејзиниот начин на поттикнување и влијаење врз размислувањето на човекот, како и нејзината раса се она што ја издвојува.
Признание и дело
уредиСо издавањето на книгата на Витли „Песни со разни содржини, религиозни и морални“, таа „станала најпознатата Африканка на земјата“. Волтер во едно писмо до пријател напишал дека Витли докажала дека црните луѓе можат да пишуваат поезија. Џон Пол Џонс замолил пријател офицер да í ги достави некои од неговите лични пишани дела на „Филис – Африканката омилена на Деветте музи и Аполо“. Нејзе исто така и била укажувана чест и почит од многу американски основачи, вклучувајќи го Џорџ Вашингтон.
Денес, делата на Витли помагаат во создавањето на жанрот на афроамериканската литература. Таа е позната како првата Афроамериканка која издала книга и првата која заработувала за живот од нејзиното пишување. Постои зграда именувана во нејзина чест на Универзитетот Масачусетс, Бостон. Во 2002 година, научникот Молефи Кит Асанте ја вброил Филис Витли во списокот на 100-те најпознати Афроамериканци.
Песни од Филис Витли
• Песни од Филис Витли, „Адреса на атеистот“ и „Адреса на побожниот“, 1767 г.
• „За највозвишеното Височество Кралот“ 1768 г.
• Песна од Филис Витли, „Атеизам“, јули 1769 г.
• „Елегична поема на смртта на славното духовно лице и возвишен слуга на Исус Христос, пречесниот и учен господин Џорџ Вајтфилд“, 1771 г.
• Песна од Филис Витли, „Во чест на полковникот гувернер на денот на смртта на неговата госпоѓа“, 24 март 1773 г.
• „Елегија за госпоѓица Мери Мурхед на смртта на нејзиниот татко, пречесен господин Џон Мурхед“, 1773 г.
• „Елегија- света за споменот на големото духовно лице, пречесен и учен д-р Самјуел Купер“, 1784 г.
• „Слобода и мир, песна“, 1784 г.
• „Песни со разни содржини, религиозни и морални“ (насловна страна и воведни страници на 1802 издание)
• „За почитуваниот Вилијам, гроф од Дартмуд...“ од „Песни со разни содржини, религиозни и морални“ (1802 издание)
Книги
• Мемоари и песни од Филис Витли, родена Африканка и робинка (Бостон: издадена од Гео. В. Лајт, 1834 г.), исто така од Маргарета Матилда Одел.
Извори
уреди1.^ ' Phillis Wheatley: America's second Black Poet and Her Encounters with the Founding Fathers by Henry Louis Gates, Basic Civitas Books, 2003, page 5.
2. ^ a b Women's Political and Social Thought: An Anthology by Hilda L. Smith, Indiana University Press, 2000, page 123.
3. ^ Carretta, Vincent. Complete Writings by Phillis Wheatley. Penguin Books; New York, New York. 2001.
4. ^ Odell, Margaretta M. Memoir and Poems of Phillis Wheatley, a Native African and a Slave. Boston: Geo. W. Light, 1834.
5. ^ Doak, Robin S. Phillis Wheatley: Slave and Poet. Minneapolis: Compass Point Books, 2007.
6. ^ Phillis Wheatley page, comments on Poems on Various Subjects, Religious and Moral, accessed Oct. 5, 2007
7. ^ Africana: The Encyclopedia of the African and African American Experience by Henry Louis Gates and Anthony Appiah, Basic Civitas Books, 1999, page 1171.
8. ^ Ellis Cashmore, review of The Norton Anthology of African-American Literature, Nellie Y. McKay and Henry Louis Gates, eds., New Statesman, April 25, 1997.
9. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 101.
10. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 100.
11. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 103.
12. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 103.
13. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 103.
14. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 102.
15. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 98.
16. ^ Shields, John C. "Phillis Wheatley's Use of Classicism." American Literature 52.1 (1980): 97-111. Web. 2 Nov 2009., page 100.
17. ^ a b The Trials of Phillis Wheatley: America's First Black Poet and Her Encounters with the Founding Fathers by Henry Louis Gates, Basic Civitas Books, page 33.
18. ^ The Trials of Phillis Wheatley: America's First Black Poet and Her Encounters with the Founding Fathers by Henry Louis Gates, Basic Civitas Books, 2003, page 5.
19. ^ http://www.lkwdpl.org/WIHOHIO/whea-phi.htm
20. ^ Asante, Molefi Kete (2002). 100 Greatest African Americans: A Biographical Encyclopedia. Amherst, New York. Prometheus Books. ISBN 1-57392-963-8.