Украдени бакнежи (филм од 1968)

„Украдени бакнежи“ (француски: Baisers volés) е француски филм од 1968 година, во режија на Франсоа Трифо (François Truffaut). Трифо е и еден од авторите на сценариото, заедно со Клод де Живре (Claude de Givray) и Бернар Ревон (Bernard Revon). Главните улоги ги играат: Жан-Пјер Лео (Jean-Pierre Léaud), Делфин Сејриг (Delphine Seyrig), Клод Жад (Claude Jade), Мишел Лондал (Michel Lonsdale), Анри-Макс (Harry-Max), Андре Фалкон (André Falcon), Даниел Секалди (Daniel Ceccaldi), Клер Диамел (Claire Duhamel) и Серж Русо (Serge Rousseau). Филмот претставува трето продолжение на серијата за Антоан Дуанел, започната со филмот „400 удари“, а која продолжува со филмот „Заеднички кревет и маса“. Во однос на првиот дел од серијата за Антоан, овој филм е пријатно и оптимистичко дело кои со режисерските постапки потсетува на класичните холивудски screwball комедии, а покрај симпатичната приказна, духовитите дијалози и умешната режија, за истакнување се и прекрасните снимки од париските локации. Филмот бил одлично примен од публиката во САД и во Франција, а исто така бил номиниран за наградите „Оскар“ и „Златен глобус“ во категоријата за најдобар странски филм. Инаку, насловот на филмот потекнува од еден стих од песната Que reste t'il de nos amours на Шарл Трене (Charles Trenet).[1] [2]

Синопсис

уреди

Дејството на филмот се случува во 1968 година. Антоан (го игра Лео) е отпуштен од војската поради кршење на дисциплината и доаѓа во Париз за да најде работа и да започне самостоен живот. Тој се среќава со својата девојка Кристин Дарбон (ја игра Жад) и оди на вечера со неа и со нејзините родители. Таткото на Кристин (го игра Секалди) му помага да се вработи на рецепцијата во еден хотел. Меѓутоа, едно утро, во хотелот пристигнува приватниот детектив Анри (го игра Анри-Макс) во друштво со мажот чија жена го изневерува. Тогаш, мажот прави скандал во хотелската соба, поради што Антоан е отпуштен од работа. Меѓутоа, Анри му помага да се вработи во детективската агенција, каде Антоан е ангажиран во истрагата во врска со еден магионичар. Еден ден, во агенцијата пристигнува Жорж Табар (го игра Лондал) , сопственикот на продавница за чевли, кој сака да открие зошто луѓето го мразат. Поради тоа, Антоан се вработува во продавницата, со цел да дознае што мислат продавачките за Жорж, но притоа се вљубува во неговата жена, Фабиен (ја игра Сејриг), а поради тоа ја раскинува врската со Кристин. При една средба со неа, Антоан по грешка ја нарекува господин и засрамен бега дома. Сепак, Фабиен дознава каде живее и го посетува во станот, каде го заведува. Утредента, Антоан му соопштува на шефот на детективската агенција за својата љубовна врска со Фабиен и поради тоа е отпуштен од работа, по што се вработува како сервисер на телевизори. Кога родителите на Кристин заминуваат на пат, таа намерно го расипува телевизорот и го повикува Антоан. Така, тие ја обновуваат врската, а утредента, во паркот, тој ја бара за жена.[3]

Наводи

уреди